Почетна МУЗИКА Фестивали СКОПСКО ЛЕТО 2024: Со малку пари- многу квалитетна програма!

СКОПСКО ЛЕТО 2024: Со малку пари- многу квалитетна програма!

1322

Скопје, 19 јуни 2024 година

22 концерта, седум театарски претстави, од кои три за деца, како и седум изложби и две промоции на книги, ќе биде програмата на годишното Скопско лето, беше најавено денес официјално на прес конференцијата.

Директорот на Дирекцијата за култура и уметност, која е организатор на манифестацијата, господинот Никола Глигоров, изјави дека минатата година имале буџет од 2 милиона денари од Град Скопје и 2 милиона денари од Министерството за култура.

“Оваа година, програмата ја работиме со само 800.000 денари од Министерството за култура, без помош од Град Скопје“, рече тој но нагласи дека и 45. издание на фестивалот ќе понуди квалитетна програма, заедно со институциите кои со години го поддржуваат- МОБ, МНТ, Драмски театар, Францускиот институт и други.

Отворањето ќе биде во Куршумли ан, на 21 јуни, од 20.30 часот, со ексклузивен концерт на хрватскиот пијанист и композитор Звјездан Ружиќ.

На својот роденден, на Светскиот ден на музиката, 21 јуни, Ружиќ доаѓа во Скопје со својот уникатен проект „Пијанотрон“, кој е комбинација од пијано, мелотрон и педали, на кои свири уметникот со нозете. Ја опишува како филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и од етномузика.

Станува збор за човек оркестар, чии авторски албуми се наградени со 5 престижни награди за дискографија “Порин”(познато како хрватско ‘Греми’), а Хрватскиот музички сојуз шест пати му ја има доделено наградата “Статус” за најдобар џез- пијанист во Хрватска. Има соработувано со “2Cellos”, “Harlem Gospel Choir”, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ. Официјален уметник е за Yamaha Pianos за целиот свет, а во Скопје пристигнува директно од Лондон, каде што живее и гради меѓународна кариера.

На прес-конференцијата беа најавени најзначајните настани што ќе се случуваат од 21 јуни, до затворањето на 31 јули.

Виолинистка Сања Шуплевска од уметничкиот центар „Полифонија“ најави дека на 25 јуни, од 20.30 часот во Сули ан ќе се одржи концерт „Вивалдијада“, на кој ќе настапат камерниот оркестар „Полифонија“, хорот „Света Злата Мегленска“, како и солисти од ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“.

Пејачот и со-организатор на неколку настани, Горан Наумовски, ја најави претставата на Штипскиот театар „Лекција“ според Ежен Јонеско, во режија Ѓорги Ризески, која ќе се изведе на малата сцена во НОБ, на 24 јуни, во 20.30 часот.

На 4 јули, во салонот на НОБ, го најави концертот “Најдоброто од Копров”, со колаж со неговите хитови, во изведба на Ана Петановска, Наде Талевска, и тој самиот, а ексклузивен гостин по желба на Копров ќе биде Владо Јаневски.

Маја Чанаќевиќ, од Европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“ ги претстави концертите на оркестарот „Фејмс“ во Сули ан: на 6 јули со диригентот Конрад ван Алфен и Артварк Саксофон квартет и на 22 јули со виолинистката Ирина Мурешану од Романија.

За крај, Александар Герасимовски од Музичката младина на Македонија, зборуваше за завршницата. На 31 јули, во Сули ан, ќе го затворат „Скопско лето“, но ќе настапат и претходно со Камерниот оркестар на 24 јули, исто така во Сули ан, со завршниот концерт од кампот “Етно Македонија 24’“ на кој ќе учествуваат уметници од повеќе земји.

metropolis-big