Вечерва завршува 41. Скопски џез фестивал

18

 

 

16 октомври 2022
Национална опера и балет
20:00 THUMBSCREW (САД)
22:00 INGEBRIGT HÅKER FLATEN [EXIT] KNARR
(Норвешка/Данска)

Последната вечер на 41. Скопски џез фестивал ќе ја отвори гордоста на бруклинската авангардна сцена, џез-триото Thumbscrew. Нашата публика ќе ја има привилегијата да биде дел од одбележувањето на десетгодишнината од работата на оваа генијална музичка појава, составена од реномираните њујоршки ѕвезди: Mary Halvorson (гитара), Michael Formanek (бас) и Tomas Fujiwara (тапани). Средбата со нивниот извонредно отворен, жив, духовит и не помалку амбициозен музички израз ќе ни овозможи да го откриеме нивниот уникатен музички универзум, како и да го вкусиме новото возбудливо дело „Multicolored Midnight“ (Cuneiform Records), седмиот албум на групата.

Годинешното фестивалско издание ќе го заклучи еден од најзначајните и најбараните (контра)басисти на светската џез и импро сцена денес Ингебригт Хакер Флатен со својот нов проект (Exit) Knarr. „Knarr“ е тип на брод изграден во Скандинавија околу 1000-та година, што се користел за пловидба по светот, исто како што Ингебригт патува низ светот воден од неговите музички авантури. (Exit) Knarr е посвета на различните места што ги посетил, а секоја песна го доловува духот на градовите Остин, Чикаго, Трондхајм, Амстердам… Музиката е резултат на неговите богати искуства во различни жанрови и традиции изградени во текот на долгата кариера, длабоко вкоренети во џезот и авангардата, но и во музиката на светот и психоделичниот рок.

Скопскиот џез фестивал и годинава, во соработка со УНХЦР, продолжува да го негува проектот Џез за солидарност со бегалците, упатувајќи уште еден гласен апел за емпатија, сочувство со неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежените…

 


Повеќе детали за фестивалот: www.skopjejazzfest.com.mk
Инфо за билетите: http://www.skopjejazzfest.com.mk/bileti.asp
Facebook event: https://fb.me/e/3CiFYk

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.