Денес, Друшвото на писателите на Македонија објави тажна вест за прераното заминување на поетесата, преведувачка и есеистка Славица Гаџова Свидерска (1984 – 2025).
Славица Свидерска беше доктор на филолошки науки, лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Факултетот за странски јазици во Тирана. Живееше и работеше во родната Битола, каде што беше активен член на книжевната заедница.
Како што се вели во објавата, Свидерска зад себе остави богато поетско, есеистичко и научно творештво, со длабоки теми од областа на теоријата на книжевноста, односот меѓу уметноста и политичкото насилство, како и дискурсите на моќта. Нејзините дела се преведени на повеќе јазици, англиски, кинески, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски и албански, а беше добитничка на бројни награди во земјата и во странство.
Авторка е на поетските збирки: „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016), „Политики на стравот“ (2021), „Golgotha Feminarum“ (2023) и „Мистичен си свету“ (2025).
Во нејзиниот научен опус се издвојуваат монографиите „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013) и „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и збирката есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).
Погребот на Славица Гаџова Свидерска ќе се одржи утре, 13 ноември, од 11 до 12 часот на Светонеделските гробишта во Битола.



































