27. годишна приказна посветена на подобар свет за децата -МЕЃАШИ

693

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ, на 29 април го слави својот роденден. Оваа година тоа се 27 години успешна приказна, како најстара граѓанска организација во Република Македонија за заштита на правата на детето, основана на 29. април 1992 година во Скопје. Таа ги застапува и заштитува правата на децата, се залага за одговорно родителство и почит кон детската личност. Меѓаши континуирано работи на зајакнување на граѓанското движење за доброто на децата и функционалност од страна на институциите во најдобар интерес на детето. Амбасадата го промовира мировниот активизам и волонтерство, развивајќи активно граѓанство засновано на принципот на ненасилство.

Во изминатиот период (1992-2019) Амбасадата ја остварува својата дејност спроведувајќи мониторинг на детските права и промоција на правата на детето во Република Македонија и пошироко застапувајќи ги потребите и интересите на децата пред институциите и пошироката јавност; преземање иницијативи за унапредување на законската регулатива за заштита на децата во Република Македонија и нејзина имплементација како и активности за институционализација на мировното образование. Овие домени остануват од примарен интерес и во наредниот период, стои во нивното соопштение до јавноста.

Неколку клучни вредности и принципи во работењето на Детската амбасада Меѓаши се: Партиципација (учество, вклученост) на децата и возрасните во процесите на одлучување за прашања кои се од нивен интерес; Волонтерски пристап во заштитата на правата на децата; Промовирање и практикување на мир, ненасилство и почитување на ставовите и однесувањата на другите; Еднакви можности за сите во остварувањето и почитувањето на нивните права; Отчетност, одговорност и непартизираност во работењето на организацијата,дополнуваат од Меѓаши.

Главното мото на Детската амбасада е: ,,Сите идеали на светот се побеззначајни од солзите на едно дете”.

Среќен роденден и уште многу успешни приказни се во интерес и за децата.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.