Фестивал на чај, од 14 до 16 ноември во Скопје Сити мол

Со слоганот „Вкуси ја хармонијата на билките“, од 14 до 16 ноември, на приземјето во Скопје Сити Мол ќе се одржи годишниот „Фестивал на чај“, кој нуди ретко искуство за сите љубители на природата, чаевите и здравиот начин на живот. Настанот е во организација на Платформата за истражување и промоција на природата и културата „Експедиција ПРИРОДА“/МРК Дијалог и Скопје Сити Мол.

Во текот на трите фестивалски деновинад 30 учесници ќе ги претстават своите производи – чаеви, ароматични билки, есенцијални масла, природна козметика, сапунчиња, мевлеми, мармалади, намазиколачи од билки и шумски плодови. Фокусот на фестивалот е насочен кон автентичноста која природата ја нуди, преку лековитите билки и нивната примена во секојдневниот живот. Посебно внимание ќе биде посветено и на пчелните производи – природен мед и козметика од мед за поздрав живот.

Амбиентот на фестивалот ќе биде збогатен со присуство на уметници, кои ќе изложат  рачно изработени чајници и филџани, персонализирани аксесоари и уникатни уметнички предмети инспирирани од светот на чајот. Посетителите ќе можат и директно да комуницираат со производителите, да добијат совети за поздрав живот и да научат повеќе за благодетите на билките и природата.

Во петок, на 14 ноември, предвиден е музички перформанс во духот на македонската етно музика, а потоа ќе следи церемонија на чај во изведба на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, со кинески инструментален перформанс, танц, калиграфија и демонстрација на традиционални хартиени техники.

Во сабота, 15 ноември, фестивалот ќе продолжи со едукативната сесија „Македонскиот планински чај“ во организација на Здружението „Моја фарма“, каде посетителите ќе научат повеќе за култивирањето и заштитата на овој вреден вид. Истовремено ќе се одржи и работилницата „Босилек сучење врвки“, инспирирана од билното културно наследство. Потоа, Ботаничката градина и студентите биолози ќе го претстават своето „научно катче“ со хербариум, инсектариум и интерактивни експерименти за деца и возрасни, како и работилница „Хотел за инсекти“.

Истиот ден ќе се одржи и работилницата „Време за чај“ и „Волшебниот зелен чај“ со дегустација на ЛаЧа чаеви, водена од фармацевтот Соња Станковиќ.

Недела, 16 ноември, ќе биде исполнета со уште една серија активности во знакот на чајот и природата. Институтот „Конфуциј“ ќе ја претстави повторно кинеската церемонија на чај, музички перформанси и работилници за калиграфија и традиционални техники на хартија. Денот ќе заврши со креативната работилница „Сапунче“, каде посетителите ќе имаат можност сами да изработат сапунчиња од природни состојки.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.