“Дебармаалските серенади 2022” го развеселија Дебар маало

52
Скопје, 14 февруари 2022
 
Благородната идеја: да се спојат и празнуваат двата христијански празници – православниот Свети Трифун, и католичкиот Свети Валентин, и годинава беше преточена во весела манифестација, која ја иницираше и успешно ја спроведе славниот македонски хуманист и уметник Живко Поповски – Цветин, традиција која продолжува низ годиниве. 
Почна точно на пладне, со садење на нови лозници и закројување на насадена лозница до ресторанот “Кај Жабарот” каде секоја година се одржува ова славје, а потоа продолжи со поздравен говор, молитва за среќа на сите, сечење на погача од “Силбо”, сладење со боза и торта од “Апче”, беседа, културно уметничка програма која одекнуваше низ Дебар маало, преку поезија и серенади со гитара, свечен чин на пуштање на балони и порака за мир,  на крај сето тоа заокружено со завршна дружба во ресторан “Шпајз”.
Учество зедоа еминентни македонски уметници кои спонтано направија програма за паметење, музичките ѕвезди Верица Ристевска, Серафина Фантаузо, Љупчо Ангеловски, Вики Среброва, Круме Спасовски, Атина Апостолова, поетите Татјана Стоилковска, Лидија Лучко Јеремиќ, Љубиша Николиќ, Жаклина Димовска, Илко Димитриевски, Мендо Димовски, Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе.Ѓе., Валентина Ѓоргиевска Парго, шаховскиот шампион Димитар Илиевски, клубот на жени со визија “Лоза” со Лоза Илиевска и Сузе Арсовска,  многу други.
Писателот Мендо Димовски, кому му припадна и улогата на здравичар прочита беседа за Цветин, песна посветена за уметникот прочита и претседателката на Здружението на просветни работници на Град Скопје – Катерина Митковска, а настанот го збогати и брачната двојка Ѓорги и Ружа Башески кои зборуваа за својата љубов и среќен брак, со стаж долг 62 години. 
Пораката за мир беше испратена кон небото, се состоеше од пет балони и цветна лента од уметникот Цветин на која беа и потписите од присутните. На мостот на реката Вардар беше истакната и четириметарската лента со 150 рози, во чест на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
“Дебармаалските серенади” ја задржаа својата традиција, годинава со малку видоизменет концепт, поради познати услови, низ годиниве се одржуваа во два дена и со нив со песна и оро се славеше низ улиците на Дебар маало, иако најголем дел од гостите потекнуваат од разни краишта на земјава и пошироко, со цел идејниот творец Цветин, на манифестацијата да и даде една поширока димензија и порака за заедништво и сплотување.
… 
Говорот од здравичарот Димовски:
 
Чествување на Св. Трифун (здравица)
Животот ни го дарил Господ со порака да го живееме во љубов, радост и среќа и да му се радуваме на секој миг, на секој час и ден убаво поминат.
 
Љубовта, пак, е основа на животот. Ако нема љубов нема нов живот, а за да има живот, мора да има храна, вода и воздух. За да расте и да се развива животот треба да се негува и задоволува со сите потреби. Оваа репродукција и живеење на животот не може да функционира, ако нема мир, слобода, меѓусебна љубов и чување на животната средина. 
 
Војната ја загрозува слободата и го уништува животот. Закана за човекот се и неприродните појави – глобалното затоплување, болестите, вулканите, земјотресите, торнадата, луњите и другите апокалиптини закани.
 
Во убавите нешта на животот се вбројува и цвеќето како симбол на љубовта, симбол на слободата, на мирот и на многу други животни убавини што ги изразува и спектрално искажува низ своите прекрасни бои.
 
Зарем овие укажувања не се поврзани со денешнава манифестација во знак на одбележувањето на светците Св. Трифун – Денот на виното и расположението (за православните христијани) и Св. Валентин – Денот  на вљубените, за католичките верници.
 
Но, не може ова да се слави без цвеќето на нашиот организатор на прославата и славен уметник Живко Поповски – Цветин, кој повеќе од 35 години, како и сега, преку неговата „ Цветна мироносна штафета“, која по безброј пати им ја дава и пренесува на луѓето, ја фрла по водите што кружат околу земјата и небото и ги допираат најдалечните точки и меридијани, со порака до сите во светот среќно да живеат и да шират љубов, мир, слобода, здравје и безгрижен живот.
 
Овој денешен празник е ден на славењето на љубовта, на мирот и животот со цветната мироносна порака на Цветин и предупредување до светските сили и лидери да не се закануваат и својата спротивставеност да не ја решаваат со војна, зашто војната ниту ним, ниту на кого било во светот нема да му донесе љубов, среќа и радост. 
 
Затоа, сите треба да го кренеме гласот против војната и нивните протагонисти со болни умови! 
 
Во име на чувањето на мирот и празнувањето на виното и љубовта  и во слава на светците: „Свети Трифун“, „Свети Валентин“ и „Свети Цветин“, кого сум сигурен дека како светец ќе го слават идните генераци, да ги кренеме чашите и да наздравиме!
 
Сите да сме здрави и живи!
 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.