Италијанско катче во охридската Библиотека и македонско катче на книгата во Трентино

96

Наскоро НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во „Прличевата одаја“ ќе отвори италијанско катче на книгата финансиски помогнато од италијанската  Конфедерација на работнички синдикати, локална работна комора на Трентино. (C.G.I.L Confederazione Italiana del lavoro temtoriale Trentino).

Ова, уште на крајот на август годинава  беше договорено на средбата помеѓу директорката на Библиотеката Гордана Змејковска и  Венко Трпески, синдикален службеник во одделот што ги следи градежните работници во Тренто а е по потекло од Охрид.

-Отворањето на катчето со италијанска литература ќе биде прво во намерата да се отворат и други  и ќе претставува продлабочување на врските помеѓу граѓаните од двата града Охрид и Трентино и уште поголема популаризација на италијанскиот јазик, вели носителот на проектот м-р Милчо Јовански од НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.

Со средства од италијанскиот синдикат направени се потребните полици, купени се еден компјутер и еден лаптоп.

Средбата беше искористена и за потпишување Меморандум за соработка помеѓу Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и Македонското културно друштво „Св. Кирил и  Методиј“од Трентино.                                                       

Библиотеката од Охрид и МКД од Трентино ќе соработуваат во областа на културата преку заеднички проекти во делот на развојот на библиотечната дејност, размена на книги, заеднички издавачки потфати, учество на промоции и саеми, презентација на македонскиот јазик, литература и култура.

Двете страни активно ќе се залагаат за ширење на македонската и италијанската, литература и автори на тлото на двете суверени држави.

 Сите активности ќе бидат спроведувани преку посебни Проекти кои ќе ги водат вработени во Библиотеката  од Охрид и членови на Друштвото од Трентино.

Во знак на започнатата соработка НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид на Македонското културно друштво од Трентино му донира книги од охридски и македонски автори како помош за отворање на библиотеката во рамките на друштвото.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.