Министерот Љутков во Загреб на средба со колегата Главина и со министерката Коржинек

10

Драгоцено ни е споделувањето на хрватското искуство во туризмот
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Загреб оствари билатерална средба со министерот за туризам и спорт на Хрватска, Тончи Главина, со што ја започна дводневната работна посета на Хрватска.
На средбата, која помина во пријателска и конструктивна атмосфера, беа разменети мислења за развојот на туризмот и унапредување на соработката меѓу двете држави.
Министерот Љутков ја истакна одличната соработка меѓу двете пријателски држави, чии влади си даваат меѓусебна поддршка во сите области, вклучително и во областа на културата и туризмот.
Македонскиот министер, пред својот хрватски колега ја презентираше трансформацијата на Министерството за култура, кое од оваа година го интегрираше и сегментот на туризмот, нагласувајќи ги приоритетите во работењето кои се во насока на развој на културен туризам- манастирски, спортски туризам и слично.
Министерот Љутков истакна дека имаме ресурси и желба да го развиваме туризмот кај нас, а искуствата на Хрватска, како една од водечките земји во областа на туризмот во светски рамки, ни се драгоцени и се од голема полза и значење за развој и поттикнување на македонскиот туристички потенцијал.
Љутков го информираше својот хрватски колега за македонскиот Културно- информативен центар во Загреб, за кој е предвидено својата надлежност да ја прошири и во областа на туризмот и образованието.
Министерот Главина на средбата го презентираше начинот на функционирање на системот и управувачката рамка во областа на туризмот во Хрватска, каде што има шест закони кои ја засегаат оваа значајна област.

Хрватскиот министер истакна дека нашата држава има автохтона понуда и ценовна конкурентна предност што треба да ја искористиме. Тој информираше дека во овој момент, Хрватска спроведува реформа на управувањето со туризмот, при што нивен фокус е развојот на одржливиот туризам, како и засилувањето на квалитетот на понудата и позиционирањето на Хрватска како дестинација за цела година. Министерот Главина додаде дека размената на искуствата и знаењата во оваа област, за нив е исклучително важна и, како што нагласи, „затоа сме среќни што отворивме низа теми кои можат да придонесат за јакнењето на туризмот во нашите земји“.

Соговорниците се согласија дека е потребно активирање на Мешовитата комисија од областа на туризмот, која ќе биде одлична можност за споделување искуства и размена на практики во туристичката сфера.

Во рамките на посетата на Хрватска, министерот за култура и туризам Љутков денеска оствари билатерална средба и со хрватската министерка за култура и медиуми, Нина Обуљен Коржинек, со која разговараа за можностите за унапредување на македонско- хрватските културни врски. Во текот на утрешниот ден, заедно со директорката Мими Ѓоргоска- Илиевска, ќе ги посети македонскиот Културно- информативен центар во Загреб и местото каде што е закопан Панко Брашнаров, а вечерта во Концертната сала „Лисински“ ќе присуствува на концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.


Љутков со министерката Обуљен Коржинек: Ги интензивираме одличните македонско- хрватски односи во културата

Одличните релации меѓу РС Македонија и Р Хрватска на надворешно-политички план, во рамките на регионалната соработка, ЕУ и НАТО, се отсликуваат и во традиционално добрата соработка во културата, се согласија министерот Зоран Љутков и министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, на денешната билатерална средба во Загреб.
На средбата беше искажана благодарност за поддршката и подготвеноста на Република Хрватска за споделување на искуствата и позитивните практики од процесот на пристапување кон ЕУ. Министерката Обуљен Коржинек истакна дека Хрватска останува гласна во поддршката на евроинтеграцискиот пат на нашата земја, а министерот Љутков во тој контекст истакна дека и неодамнешната посета на премиерот Христијан Мицковски на оваа пријателска држава е дополнителен импулс за продлабочување на односите.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на хрватската колешка ѝ го образложи значењето на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и ја претстави новата директорка, Мими Ѓоргоска-Илиевска, која има долгогодишно искуство во областа на културата. Тој подвлече дека Центарот има големи потенцијали за проширување на соработката во културата, но и за промоција на природните ресурси на нашата држава, како и можност за проширување на надлежностите во образованието и науката.
На средбата беа истакнити многубројни примери на соработка на институционално ниво во културата во сите области на уметноста, а министерката Обуљен Коржинек особено ги издвои успешните копродукциски филмски проекти меѓу двете држави, како и преводите на дела од реномирани македонски и хрватски автори на двата јазика. Таа изрази особено задоволство од присуството на македонски театарски творци во Хрватска кои бележат завиден успех.
Министрите ги споделија искуствата во однос на развојот на креативните индустрии, при што министерот Љутков искажа подготвеност за примена на добрите хрватски практики, посочувајќи дека овој сектор е во приоритетите на Министерството за култура и туризам и за него ќе бидат одделени зголемени буџетски средства.
Во конструктивна атмосфера, министрите Љутков и Обуљен Коржинек разговараа за идните чекори во однос на мултилатералните иницијативи, при што го поздравија повторното активирање на иницијативата КОМОКОСЕЕ – Совет на министри за култура, во чии рамки ќе се одржат состаноци на експертско и на министерско ниво. Беше разговарано за активностите, поточно за уредувањето и за наративот на музејската поставка при продолжувањето на проектот за отворање на поранешниот југословенски павилјон во „Аушвиц-Биркенау“, координиран од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција, Италија,
Министерот Љутков упати покана до министерката Нина Обуљен Коржинек за возвратна посета на Македонија, за време на одржувањето на фестивалот на Регионалната унија на театри „Рута“ во Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.