ОХРИД СОС: УЗКН и Завод и музеј Охрид постапуваат спротивно на мислењето на Комисијата за Охридски Регион

317

 

Охрид, 27 септември 2021
Граѓанска иницијатива Охрид СОС вели дека Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците и музеј Охрид постапуваат спротивно на обврзувачкото мислење на Комисијата за управување со Охридскиот Регион.
Тие реагираат, а до медиумите го доставија и мислењето на Комисијата и фотографии за случајот .

Во реакцијата се вели :
Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците и музеј Охрид постапуваат спротивно на обврзувачкото мислење на
Комисијата за управување со Охридскиот Регион Седницата на УНЕСКО годинава поимина. Исто како што помина и таа во Баку. Уништувањето, на сега веќе малку останато од автентичното старо градско јадро, продолжува. Исто како што
продолжи и по Баку.
За случајот со план за нова градба на четири нивоа во Варош, во непосредна близина на Завод и музеј Охрид, информиравме уште во март.

Ова секако не е прв случај што добил конзерваторско одобрение за несоодветна градба.
За непрофесионалното работење на Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод и музеј Охрид сведочи целото Старо градско јадоро и пошироко, а не случајно, на две седници со ред (2019,2021), Центарот за светско наследство на УНЕСКО дава препораки за ставање на Охридскиот Регион на листата во опасност. Но, ова е, прв ваков случај (нам познат) по кој Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион даде негативно мислење во декември 2020 година. Мислењето се должеше на тоа што во издадената документација (мислење, одобрение итн.) од страна на овие две институции, „изостанува стручност и знаење за потребата од зачувување на светските вредности“. Поради тоа, Комисијата ги задолжи Министерствто за транспорт и врски, УЗКН и Завод и музеј Охрид „да изнајдат начин да ги преиспитаат/повлечат издадените акти според кои е овозможено понатамошно одвивање на активностите на сопственикот на објектот за добивање дозвола за градење“.
УЗКН и Завод и музеј Охрид купуваа време додека одобрението за градба не стана правосилно, а потоа спроведоа инспекциски надзор во кој требаше да ги утврдат и коригираат сопствените грешки, што се разбира не го сторија. Министерството за култура, токму во периодот кога на министерката Стефоска ѝ гореше под нозе поради случајот со ресторан Парк и наближувањето на 44. Седница на УНЕСКО, најпосле се инволвира и побара УЗКН „да ја преиспита стручната основаност на Конзерваторското одобрение“. Така, по барање на министерството,кон крајот на март, УЗКН конечно го сопре процесот со што градбата не можеше да почне.
Имено, при кроењето на конзерваторските услови (Завод и музеј Охрид) и подготовката на конзерваторското одобрение (Завод и музеј Охрид, УЗКН), биле сосема занемарени Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион (75/2010) и препораките на Реактивната мониторинг мисија од 2017, како и одлуките на УНЕСКО 41 СОМ 7В.34 (2017) и 43 СОМ 7В.36 (2019), кои државата е задолжена да ги исполни согласно член 4 став (1) од истиот закон. Згора на тоа, при инспекцискиот надзор, бил занемарен дури и Планот за управување со Охридскиот Регион (2020-2029) за чиешто спроведување УЗКН и Завод и музеј Охрид се обврзани со член 16 од Законот за управување со Охридскиот Регион.
Откако јавноста заборави на случајот, УЗКН носи решение со кое случајот го затвора, што значи конзерваторското одобрение останува во сила, а со тоа и одобрението за градба, се изглуми стручност со формално спроведување на процедури и никому ништо.
Сега,работите стојат на истото. место како и пред издаденото мислење на Комисијата, како тоа вооопшто да го нема.
Министерството за култура сега е ненадлежно и за сите прашања околу случајот упатува на УЗКН кои, пак, не наоѓаат ништо спорно во фактот што не постапуваат согласно со законските обврски за заштита на културното наследство.
Дали директорот на УЗКН, Ацо Костов е свесен дека постапувањето во интерес на поединици, а на штета на општото добро е казниво по закон? Дали Министерството за култура ќе дозволи институции во негова надлежност да продолжат да го загрозуваат културното наследство на Охрид?
Дали министерката и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Ирена Стефоска е свесна дека мислењата на Комисијата за управување со Охридскиот Регион се обврзувачки? Дали вака се манифестира „целосна посветеност на зачувување на статусот на УНЕСКО и гаранција за заштита, зачувување и одржливо управување со Регионот“ како што кажа на 44. Седница на Комитетот за светско наследство?
Во последната одлука 44 СОМ 7В.77, УНЕСКО констатира „недоволен ангажман да се сопре бавната
ерозија на атрибутите на Исклучителната универзална вредност (ИУВ) во урбаната сфера и пејзажот воопшто кои произлегуваат од несоодветна заштита, реконструкција и урбанизација“.
Дека ние сега имаме загрозено културно наследство, најзаслужни се наведените институции и надлежното Министерство за култура. Доколку некој се залажуваше дека навистина по 44. Седница на УНЕСКО, нешто ќе биде поинаку и не беше јасно зошто Охрид ЅОЅ инсистираше Охридскиот УНЕСКО Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, сега можеби е појасно.
Со истите високо компромитирани ликови на истите функции, со непрофесионален кадар, преџвакани фрази за загриженост и хронична неодговорност, без владеење на правото, Охрид и Охридскиот Регион продолжуваат сигурно по патот од кој нема враќање.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.