Поетите ја славеа поезијата, пролетта и писмото од Мајка Тереза до Цветин

79

Скопје, Март,2023

21. Март е Светски ден на поезијата и на пролетта. 21. Март се слави и како Ден на екологијата. Но, 21. Март е ден на уште еден значаен момент од духовно заветниот живот, токму на тој ден во 1984 година Гонџа Бојаџиу – познатата нобеловка за мир Мајка Тереза, сега и светица, му испратила топло писмо на нашиот познат цветен уметник и нобеловски кандидат Живко Поповски- Цветин, како знак на возвратна почит за цртежот со цвеќиња што од него го добила за 8 Март истата година, и со тоа го повела по нејзиниот пат, на ширење на мирољубива мисија.
Писмо, во кое меѓудругото му ја запишала и оваа порака: “Сиромашните се секаде околу нас, осамените, несаканите! Биди лубезен и прави ѝм добрини на оние блиску до тебе, и чувај ја радоста на сакањето на Исуса во своето срце, бидејќи Тој е верен”.
По повод сите овие славенички поводи, во НУ спомен куќа на Мајка Тереза се организираше колажна програма, во која хорот “Серенада” не воведе со емотивните рефрени, а потоа се читаше поезија која тече лесно како бистра вода.
По воведната мироцветна беседа на Цветин и искази за Мајка Тереза, директорот на Домот, Насер Цури го прочита писмото на македонски албански и на англиски јазик, и официјално прими уште едно вакво писмо-копија од уметникот, покрај тоа одамна примено писмо што ја краси неговата директорска канцеларија.
Писмо- копија Цветин ѝм подари и на поетесите Лилјана Стоилковска и на Оливера Јовановска, за да ја шират пораката за мир, Стоилковска низ Европа, а Јовановска во Австралија и Америка, а на другите дами ѝм подари цветови и ружи, и вистински и насликани на неговите познати цртежи.
Исто така, писмо му беше врачено и на поетот од ДПМ Мирче Нешковски, кој меѓудругото ги изненади присутните со сеќавањата дека како стар скопјанец бил сосед на Мајка Тереза, која била и многу блиска пријателка со неговата мајка.
Белата лента со сини цветови, што беше распослана како посебна декорација на настанот, ја симболизираше лентата која ја носеше Мајка Тереза.
А поетите? Тие, со посебен поетски пиетет кон инспирацијата “мајка”, “пролет”, “родна земја”, “љубов”, нѝ подарија грст убави стихови, рецитираа- Стоилковска, Јовановска, Горан Анчевски, Илко Димитриевски Шарпланинец, Викторија Велева, Даниела Царулеска, а водителката Валентина Ѓоргиевска Парго ја прочита и песната “Македонија” од Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе.Ѓе.
Присуствуваа и Цеце Атанасовска, Билјана Ѓоревска, музичарите Виолета и Тони, младата студентка на Педагошки факултет Теодора, сликарот Харалампие Манчев, секретар на Детски ликовен центар Скопје и десеттина други гости.
И сите тие моменти на дружење и поетизирање, на потсетување на значењето на најпознатата жена во хуманоста, Мајка Тереза, беа овековечувани од официјалната фотографка на Домот, за да останат за архива, која ќе “говори” сама по себе.
За да биде предизвикот од оваа цветна манифестација уште поголем, за крај на прекрасно попладне, поетите ја посетија креативната изложба посветена на лицата со попречен вид, од уметноста Елита Алити, изложена во Домот, и споделија силни импресии од делата што ги видоа.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.