Наша обврска е секое дете да има исти можности

20

Одбележувајќи го Светскиот ден на детето, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со деца од социјално ранливи семејства беа денешна публика во Театарот за деца и младинци.
За најмладата и најискрена публика беше изведена претставата “Зрното грашок и принцезата” во режија на Срѓан Јанакијевиќ.
„Сите деца се подеднакво важни и имаат исти права, а наша обврска е да им ги обезбедиме. Да се биде дел од најискрената публика во театар, е уживање секогаш и секаде.
Животот не е како во бајките, но никој нема право да им ја одземе фантазијата децата. Негувањето на односот кон културата е важен пат во градење на нивниот позитивен поглед кон светот, зашто културата и уметноста се убавата страна на животот“, вели министерката за култура.
Таа истакна дека сѐ што правиме, правиме за децата, за нивната насмевка, радост и нивната иднина. “Приказните, темите, ликовите, пораките кои се испраќаат преку театарот се неисцрпна инспирација за децата, сцените и репликите остануваат долго во нивната меморија. Создаваме услови еднакви за сите деца и во соработка со Министерството за труд и социјална политика овозможуваме децата од социјално ранливите семејства да го уживаат театарот и културно да напредуваат со своите врсници.” – рече министерката Костадиновска- Стојчевска.
Децата го посетија и Природнонаучниот музеј, кој што е најстарата биолошка установа кадешто се собира и чува, проучува, депонира и изложува природното богатство на државата.
Министерката нагласи дека секое дете заслужува секојдневна грижа и внимание, зашто децата се столбот како на иднината, така и на културата.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.