Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, по повод 100-годишнината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, во честитките на едновековното постоење на овој реномиран Планинарски клуб, меѓудругото истакна :
„Време е да ги следиме инспиративните примери на земјите каде што рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата за физичко образование во сите образовни институции и нивоа, туку е и широко практикувано како елемент од филозофијата на здрав живот. Да им помогнеме на Министерството за спорт и на Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и во неговото популаризирање. Да посветиме поголемо внимание на предметот физичко образование на сите нивоа на образование и да го вклучиме планинарењето во него, бидејќи речиси секое населено место во нашата земја има такво, не случајно.
Да изградиме, во соработка со локалната самоуправа, соодветна инфраструктура, планинарски домови, вили, набљудувачки места, но и поголеми сместувачки капацитети, одморалишта, хостели, хотели. Знам дека имаме скромни капацитети и можности, но можеме да почнеме со реновирање на планинарски домови, а потоа и со изградба на нови. Свесна сум дека ова се големи инвестиции, но со очекувана добивка и одредени придобивки за сите граѓани. Не ни треба „Не ни треба да гледаме светски примери од далеку, доволно е да видиме и следиме примери од нашето соседство во врска со односот кон планините и природата, кон планинарењето и спортот“, истакна во своето обраќање. И додаде дека е наша обврска “ да ја афирмираме филозофијата за здрав живот. Да го направиме планинарењето култ кај младите. Наместо автомобили и алкохол, да ги мотивираме и насочиме кон физичка и спортска активност во планините. Да го популаризираме рекреативното планинарење“, нагласи Силјановска-Давкова.
За неа е неоспорно дека планинарењето како спортско-рекреативна активност го подобрува физичкото и менталното здравје и го јакне карактерот и личноста на човекот.
Среќен еден век постоење на Планинарскиот клуб “Љуботен “.


































