Денес појдете во Пробиштип, ве чека “Зелникот на баба”

68

(фотографија од ФБ)

23.04.2024

Во организација на Општина Пробиштип, денес, на празникот Тодорова сабота, во Пробиштип ќе се одржи 11. издание на манифестацијата „Зелникот на баба“, која има хуманитарен карактер.

Вредните домаќинки кои што ќе имаат изложено зелници- ќе продаваат на парче, а собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

Ќе биде доделена награда за најдобра етномаса, која има собрано најмногу средства.

Најавени се 27 излагачи на зелник и специјалитети од тесто, од повеќе краишта на Македонија, од Босилеград, Бугарија, но и од Србија.

(фотографии од ФБ)

Манифестацијата ќе почне во 11.30 и ќе трае до 15.30 часот. Во 12:30 часот ќе има демонстрација на сукање зелник и печење под вршник, а во 13 часот ќе се одржи натпревар во брзо сукање, за што ќе бидат доделени награди.

Во 14 часот е работилницата за сукање кора, која е составен дел од специјалитетот зелник.

Во културно- уметничката програма ќе учествуваат: КУД „Весели пензионери“, Елена Андоновска, Кате Брезева- Бондиќева со групата „Соната“, Ирена Спасовска, Вито Славевски, пејачката група „Горди Власи“, а водителка ќе биде Ирена Спировска.

КУД “Весели пензонери” пред една недела, на Прочка, со свој настап на емисијата “Качамак” на Тв Сител медиумски ја најавија оваа манифестација.

“Зелникот на баба” претставува белег и традиција на овој град, кој ја негува вкусната храна за сечиј вкус .

Раководителот на Одделението за јавни дејности во Општина Пробиштип, Раде Илиевски објави и публикација “Зелникот на баба”.

 

ЗЕЛНИК

 

 

Мама брашно во сито става

го нишка и сее, купче се прави,

водичка му става,

сол, квасец му додава

со раце го меси, тесто го прави.

 

Јас сукалото со рачиња го вртам

мама ме гледа, нежно ми се смее,

кори си сукам на мама и давам

во плехче ги реди, зелник се прави.

 

Под вршник го клава, на жар се пече

на маса тој личен се става,

сите се радуваме, душа си сладиме,

песна си пееме, зелник си ја

деме…

Добре Симоновски- Џери 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.