Нема поубав начин да се одбележи 8.ми Март, Меѓународниот ден на жената, и секако деновите пред и потоа, па и цел овој Женски Месец, отколку да се разговара и да се портретира некоја достојна претставничка на жените, која со својот “тивок” труд и дело прави и самата да е горда на себе си, а да се горди и оние кои ја познаваат, и кои ја имаат во своја близина и видокруг.
Скопје низ објективот на Скопјанката Анита Палческа, е нешто што ќе остане во архиви, и пример како едно хоби станува вечно…
Би сакала да почнеме од тој мотив, од таа инспирација- кога станавте љубителка на фотографии и добивте желба да фотографирате?
-Веројатно тој интерес се провлекуваше од детството… но, вистинската „чивија“ се случи кога имав можност за прв пат да фатам сериозна камера во раце, некаде 2008- 2009 година, и од тогаш буквално ми е трета рака.
Како Скопјанка со сосема друга професија, информатичарка, првенствено падна во очи вашата амбиција да се фотографија секој позначаен културен настан во градот, уште многу години наназад. Верувавте ли дека толку долго ќе ве држи желбата и ентузијазмот за фотографирање?
-Не сум имала некаква агенда колку време ќе фотографирам. Ми се наредија коцките да почнам интензивно, уште со првата камера. Покривав настани секогаш кога ми беше интересно, предизвикувачки, а понекогаш и платено. Само внимавав секогаш да ме води љубовта кон фотографијата, креативниот момент, слободата на изразување. Со време, луѓето ме научија дека најдобро се изразувам кога “фоткам” спонтано, па и на настани не ми поставуваа правила. Им се допаѓаше спонтаниот израз. Не дозволив фотографијата да ми стане бизнис и веројатно затоа толку долго сум тука.
Сите Ваши “скопски слики” но и фотографии од природа многу пати се најдоа на заеднички изложби, а минатата година и во една голема самостојна изложба која се одржа во Градската библиотека. Вие, како и посетителите, бевте многу задоволна. Како би го прераскажале тој успешен настан?
-Долго време преговарав самата со себе, дали да вложам енергија и труд во нешто толку комплексно како што е самостојна изложба. По природа сум спонтан перфекционист, сакам да биде или добро или никако. Се разбира во рамките на филмот што е во мојата глава. скопјЕмотион е мојата приказна за градот, моето доживување на секоја дразба, рамка, поглед од прошетките низ него. И излезе точно онака како што сакав, мешавина од колорити, емоции, состојби. Впрочем какво што е и Скопје, ако тргнеш да го изодиш од еден на друг крај. Форматот на принтовите беше несекојдневен, фотографиите беа групирани во тематски облаци, а место каталози направив разгледници од Скопје. Беше сѐ, само не обична изложба … Многу сум благодарна на Градската Библиотека „Браќа Миладиновци“, што ја препознаа мојата визија и ми дозволија да се изразам во нивните простории, каде изложбата потоа беше отворена 24х7 цел месец Ноември, како дел од програмата за нивно одбележување на годишнината од постоењето на библиотеката и празникот 13-ти Ноември. Поставена беше во холот пред читалните и постојано беше во допир со младите кои учат таму. Многу се радував на секое прашање од нив, секој интерес.
Имавте изложба во Куманово. Станува збор за истата или за друга?
-Во Куманово бев дел од традиционалната, национална изложба на фотографија, Жените и фотографијата организирана од Фото клуб Куманово во соработка со Национална фото унија, а во чест на 8ми Март, меѓународниот ден на жената. Само неколку дена претходно беше објавена листата на 10 најуспешни излагачи во рамките на настаните кои ги организира НФУ, меѓу кои се најдов и јас. Импресивно беше што 6 од 10 се жени, и сите бевме застапени на оваа изложба.
Вашата приказна стана повидлива со следењето на регатите на скопските “морепловци”. Станува збор за друштвото “Нов Ветер” кое редовно за своите членови организира пловења по Јадран, често пати и по Егејско море, а Вие бевте официјален фотограф. Што значи да се биде на отворено море, кој момент треба да се овековечи? Лесно е како што изгледа?
-Бидејќи јас сум и скипер, малку поинаков ми е погледот на сето тоа. Многу голема одговорност е да се грижиш за екипаж и за пловило. Ама нема поубаво од спојот на душата со морето кога си на отворено. Одеднаш стануваш свесен колку си мал во однос на таа природна сила, и дека правилата на тој однос ги одредува природата, а не ти, што е многу освестувачки во време кога сите сме занесени во градењето на сопствените его трипови. На ист начин воспоставив однос со морето и како фотограф. Му дозволив да ми зборува, и убави работи ми има раскажано низ фотографиите.
За фотографирањето се мисли дека е најевтино хоби, кое подразбира само купување на добар фотоапарат и повлекување на копчето за фотографирање. Дали е баш така?
-Хахах, тој што мисли дека фотографијата е најевтино хоби, веројатно никогаш не фатил вистински фотоапарат во раце. Но да, во целата приказна, опремата, колку и да е скапа, е најевтиното нешто. Мислам дека не постои нумеричка вредност со која може да се оцени времето (часови, па и денови и месеци) поминати во постпроцесирање на материјалот и целата креативност, љубов и душа, што се вградува во секоја фотографија.
Светот виден преку фотографии, е истиот или различен свет од оној кој го гледаме со свои очи? Често знаеме да кажеме – ова не е како на фотографија, или ова е убаво како на фотографија…
-Мојот непресушен мотив е да пренесам на оној што ја гледа фотографијата, нешто што мене ме фасцинирало или ми предизвикало некои чувства. Некои работи се убави, некои помалку убави, некои баш тажни. Но знаеш како велат, „убавината е во окото на набљудувачот“… Во фотографијата, веројатно како и во останатите визуелни уметности, често пати многу се разликува она што го видел и почувствувал уметникот, со она што го доживува публиката. Лично мислам дека треба да се остави простор на фотографијата да си најде „муабет“ со секој човек што ја гледа. Иако често моите фотографии ги врзувам во фото приказни или ги спојувам со некои парчиња поезија или музика, тоа е само моја интерпретација. Речиси секогаш им ја оставам слободата, тие да си зборуваат на свој јазик со секој кој набљудува.
Многу награди освојуваат вашите фотографии. Да ги споменеме најзначајните …
-Сите ми се подеднакво значајни. За среќа, мојот мотив за фотографирање не се наградите, што ме ослободува да се дадам максимално во креирањето на композициите, кои настануваат понекогаш за секунда, а понекогаш после долго набљудување. Но наградите ми се многу значен ветер во едрата, поттик да не застанувам, да давам уште повеќе и колку можам подобри приказни, подобри фотографии.
Сигурно може да издвоиме некоја фотографија или настан кој ви е посебно драг или убав…
-Ако сум земала камера да “фоткам”, настанот мора да бил убав… сепак, многу си ги сакам фотките од танго аргентино настаните кои ги правам доста интензивно во последно време и многу си ги сакам „самотните“ фотки, што се резултат на моите фото талкања низ секоја околина каде ќе се најдам.
Какви се Вашите планови во догледно време?
-Да фотографирам, фотографирам и фотографирам… Доста работам на своите онлајн презентации- социјалните профили, веб страницата. Главно, она што имам да кажам, го кажувам таму. Би сакала и една пофокусирана изложба, на конкретна тема. Подготвувам нешто поодамна, а кога ќе се реализира, ќе зависи од повеќе фактори… пред се од финансиите бидејќи е доста тешко да се финансира самостојно.
И за крај на оваа средба, кој начин сакате Скопје да ви се заблагодари за Вашиот ангажман со фотоапарат и со срце?
-Повеќе би рекла дека е обратно, јас му се заблагодарувам на Скопје за секое делче добро светло, секоја интересна сцена, за тоа што ми е дом. А најдобар начин што го знам за да го направам тоа е преку моите фотки, кои се надевам ќе останат како архива за приказните на градот, што ќе биде достапна на сите генерации.
Валентина Ѓоргиевска Парго