Почетна ИНТЕРВЈУ ЕКСКЛУЗИВНО СО КАМЕЛИЈА ШОЈЛЕВСКА: Од средбата со Тед Тарнер научив работи кои...

ЕКСКЛУЗИВНО СО КАМЕЛИЈА ШОЈЛЕВСКА: Од средбата со Тед Тарнер научив работи кои беа столб на мојата кариера!

532

Историскиот новинарски извештај, и првото јавување во светот за да се каже дека Македонија доби независност во 1991 година ѝ припаѓа на личноста од светот на телевизијата, која нема кој не ја знае.
На 3 Мај, по повод Светскиот ден на слобода на медиумите, разговараме токму со една од најмоќните жени во македонскиот телевизиски простор, госпоѓата Камелија Шојлевска, новинарка на Македонската радио телевизија, репортерката која прва ја соопшти таа вест, и влезе во антологијата на македонското новинарство.
Оттогаш поминаа 33 години, а оние кои се сеќаваат, сеќавањата на тој настан им се свежи. Како Вам ви изгледа од денешен аспект тој момент? Какво чувство ве обзема, потсетувајќи се?
-Се сеќавам на тој ден. Бината, славењето, ние снимаме. Сѐ некако ми беше чудно, и во тоа чудо некоја несфатлива големина. Сепак јас бев професионално ангажирана да пренесам сѐ што ни се случува на општ план. Немав време за сопствени чувства. Но имав мисија на која бев горда. Веста за нас да отиде во светот.
Морам да бидам искрена јас бев дете на Југославија, мојата мајка Хрватка, баба ми по татко од позната белградска фамилија, прадедо Црногорец, сѐ имав во својата крв. Националното чувство како она што сега се промовира ми беше непознато. За мене идентитет значи да создаваш, да го дадеш најдоброто од себе и да придонесуваш и за себе и за општеството и за светот. Тоа е мое мото и по тоа и ден денес се раководам. Не можам да се оттргнам од тоа дека моминското презиме на баба ми е Мештровиќ и Худек. После 10-15 години, во една од моите емисии, ќе разберам дека некој си Худек бил архитект на нашето Собрание. Бевме во живо и гостинот ми го кажа тоа име. Бев вчудовидена. Дали е тоа таа фамилија или не, не беше важно, најважно од сѐ беше дека сите сме поврзани и дека треба да го бараме најдоброто во себе. Немојте да мислите дека не наидував на бариери и тоа од секаков вид. Моментот на прославувањето на нашата самостојност, толку долго посакувана и барана, беше момент кој ги одбележа нашите животи и она што потоа ќе следи. Самостојноста ниту на личен план не е лесна, а камоли на општествен. Исполнета е со предизвици кои само те челичат и сѐ зависи од точката на гледање. Можеш да се чувствуваш жртва, а можеш и да се чувствуваш како да си пред вратата на големо откритие на себе си. Се е наш избор. Јас избрав да откривам, да се откривам себе си на личен и на општ план.

Во тоа време самото тоа да се биде во Македонска телевизија и да работиш за тогаш тој моќен и ценет медиум, значеше многу. И како углед и како професионалност. Вие како станавте дел од таа куќа, може да се потсетите на мотивот и на почетоците?
-Да бидеш дел од Национален сервис беше сон на секој млад човек. Јас сум Историчар на уметност и археолог. Во тоа време не можев да најдам работа, татко ми ми ја кажа славната реченица која ќе го одбележи целиот мој понатамошен живот на независна Камелија. Ми рече: “Ќерко, те школувавме и сега барај работа сама”. Не ми беше јасно како тоа сама да најдам работа кога знаеме како се вработува. Три години бев без работа, дури и се влечев по судови затоа што не бев задоволна со еден резултат. Чудно како функционираме, создаваме институции да се следи правото, а самите тие не го следат тоа, затоа постојано имаме проблеми, го сфатив тоа со тек на време… И еден ден имаше конкурс за вработување во Детската редакција и се пријавив на конкурс. Направив таков добар тест што тогашниот уредник на таа редакција Генади Болиновски на кого сум му вечно благодарна што ме виде во сите мои потенцијали, реши да ме вработи. Од почеток ме упатуваше, ама кога виде со кого си има работа ме препушти сама на себе. Прво работев со Соња Гиздавиќ на емисијата “Љубопитна камера”, но набргу тргнав сама со поддршка и на Генади и на Соња. Горда сум на една емисија за која постојано зборувам. Требаше да се слика некоја годишна приредба во градинка, и мене тоа толку тешко ми падна затоа што јас бегам од форма. Секогаш ме интересирала прво содржината, а потоа формата, а не обратно. Цела недела размислував како да го сторам тоа, а да не е класичен пристапот. И ми текна. Градинката се наоѓаше веднаш до Зоолошката градина. Позајмив еден костим на мечка од Драмскиот театар и направивме цела игра. Јас бегам од Зоолошката градина како мечка и барам каде да се сокријам. Ме примаат во градинката и за мене прават патронат, годишна претстава. Децата толку се радуваа, седеа во скут, ми пееја се радувавме, а јас мечка хахахаха, и направивме историска емисија… Потоа престојував во Лондон една година и таму си издејствував да ја следам работата на креирање детски емисии и се запознав со Тимоти Бајфорд, креаторот на “Коцка Коцкица” и ја имав таа шанса да учам и од него и од целиот тим на BBC кој работеше извонредна детска програма за секој ден под наслов “Школо за игра”. Како стасав таму?… Многу едноставно- се јавив по телефон реков дека сум од Националниот телевизиски сервис, тогашен РТС и побарав да бидам таму да следам како работат и да учам. И ми ги отворија вратите. Дури и Омар Шариф го запознав во мензата на BBC. Национален сервис, каква моќна институција. Не бевме свесни каква моќна институција имаме и како сите врати ни се отворени. Не ти требаат врски, врскички, продавање на својата суштина…едноставно постоиш и креираш за свое добро и доброто на сите. Но таму станав свесна како самите си ја саботираме работата и живеачката. За време на снимањето немаше таму сакам- нејќам- не можам. Ми беше чудно кога еден работник се жалеше за нешто дека не може да се сработи, асистентот, едно младо момче од 20-тина години, само му се сврте и му рече: “Тоа нека ти биде предизвик на денот”. Толку.

За Вашата работа во МТВ се врзуваат и моменти до кои ретко кој допрел, особено за краток период. Неодминливо е тука веднаш да ве прашам за средбата со тогаш најголемиот медиумски магнат било кога, Тед Тарнер. Кога се запознавте, што помисливте за својот славен да речам колега- медиумски работник, што зедовме како поука од тоа?
-На многу проекти и емисии бев во првите редови. Таа реченица на татко ми…”Сега сама”… ми отвори многу врати, односно јас си ги отворав. Бев во основачкиот тим на “Добро утро добар ден”, “Ноќна Програма” заедно со Марина Дојчиновска, Трет Канал, креирав футуристичка документарна кратка серија за иднината на светот насловена “Разговор со иднината”, CNN, дури успеав и Хрватите да ги внесам во CNN, проектот Беладона на германската ТВ ВДР за жените во светот, работена од 5 земји на Европа меѓу кои бевме и ние. За време на мојот престој во Атланта се запознав со Тед Тарнер, креаторот на таа телевизија. Човек со неверојатна визија и една мирна сила. Опкружен со луѓе кои мислеа 5 минути пред другите. Ти им кажуваш идеа, Денко Малевски беше дојден во ОНН мислам па сакав да ги информирам нешто да се направи, некој прилог, интервју… а Боб Фос, првиот човек до Тед Тарнер ти одговара “Готово е тоа, снимано е пред два часа”. Веќе ја знаев приказна за Тед Тарнер кога во Грција ја доби престижната награда Жак Делор и кога Грците го прашаа зошто ние како Македонија имаме свои известувања (1992), а Тед Тарнер одговори “Кој сум јас да забранувам некој да известува своја вистина”. Тоа го пренесоа и нашите весници. Од благодарност носев една голема книга мислам беше “Фреските на Македонија” и му ја подарив со посвета за благодарност. Она што ме фасцинира, можеби ќе се чини прозаично, но тој уште пред да нѐ види, бевме околу 20-тина во групата за обука, тој на сите ни ги знаеше имињата и од каде доаѓаме и која е нашата биографија. Тоа беше човек со отворен ум, сакаше светот да знае за себе во целина. Моето име стои на табла како пионер која дошол од Македонија. На влезот стои табла каде се запишани имињата на сите кои први стапнале во CNN. Тед Тарнер беше борец за заштита на околината, во CNN не смееше да се пуши и ако некој во документите за вработување напишал дека е непушач, не смееше ниту дома да пуши. Етика на личноста. Нема едно зборуваш- друго правиш. Чудно, во далечната 1992 година. Дали е и сега така, не знам. Многу нешта се сменија на планетата. Ја запознав и Кристијан Амампур и една нејзина прекрасна млада снимателка која беше погодена на сред лице, со снајпер во Сараево. Ја спаси брзата реакција од CNN која ја извлече од таму. Остана жива, за жал и покрај пластичните операции лицето ѝ беше деформирано од куршумот. Не престана да работи и понатаму беше во првите редови како снимател.
*Својата професионалност ја калевте од соработката со професионалци во Македонска радио и телевизија, а доедукацијата ја направивте кога ве поканија во најголемите светски обуки во Америка, за кои веќе ни раскажавте. Која беше драстичната разлика која ја востановивте согледувајќи го процесот на новинарство тука и таму?
-Телевизија беше преполна со вистински професионалци на почетокот на мојата работа. Имиња кои оставија нешто во историјата на нашата земја. Како јас ја гледав професионалноста, таа мора да има независност во себе. Непомирлива независност па дури и да изгубиш. Нема тука “ама”… Ако треба нешто да реализираш, нема откажување, ќе чукаш на врата додека не успееш. Идеите на другиот колку да се добри тешко се прифаќаат. Твоја работа е да прифатат, не нивна. Тука има работа на себе во секој момент да излезеш од зоната на комфорот. Ако сакаш комфор, не очекувај ништо, само стагнација и назадување. Најинтересното е што тогаш ништо не губиш туку постојано креираш.
Кога бев на обука во CNN научив една многу важна работа: Да веруваш во својата внатрешна вистина, секогаш и во секој момент! Пред тоа бев во некоја состојба на колебање…дали ова што го гледам и слушам или она што јас го перципирам од внатре бев било какво влијание. Во CNN тоа го научив, да верувам во себе. Светот секогаш го воделе напред малкумина индивидуалци кои имале визија и за себе и за другиот. Почнав да верувам во тоа и не ми беше страв да повлекувам потези. Нема споредби со другиот, нема трка кој е подобар, полош, нема осудување на другиот. Тоа не значи дека си несвесен за она што те опкружува. Ама не губиш време туку одиш напред.

*Репортажите во Македонска радио и телевизија, со кои претставувавте дотогаш невидени ексклузиви, беа Ваш заштитен знак. На кој дел от Вашето творештво сте најмногу задоволна со себе си како авторка?
-Со репортажите Низ Македонија, ја открив Македонија. Овие фотографиии се моето работно место. хахахаха. Сон ми беше нашите млади со ранци да ги видам да шетаат и ја запознаваат оваа наша навистина прекрасна земја и природа. Бевме феноменална екипа, извонреден снимател Здравко Петрушевски и тон снимателот Павле Манџукоски. Еден од спонзорите ни беше АМСМ секое снимање имавме автомобил возевме сами, нѐ пречекуваа каде и да се појавиме. Оваа серија ја создадовме кога телевизијата навистина имаше проблеми. Сите врати ни беа отворени, секаде бевме добредојдени. Рајска земја преполна со неоткриена убавина. Прекрасни луѓе, полни со содржина. Јас живеев во еден магичен свет и тоа во време кога имаше пречки насекаде. Но јас избрав да креирам убавина и кога тоа го бираш Универзумот те подржува. Таа реченица на Паоло Куељо не е само збор. Како да не си задоволен од себе како автор кога го живееш својот сон.
Еднаш во супермаркет ме праша една госпоѓа која ме позна по гласот. Ми вели “Добро, каде вие живеете, каде ги наоѓате тие луѓе?”. Тие се околу нас и велам, сѐ е тука ама не го гледаме. Затворени во своите филмови, групи, немоќта, неможноста направи дa мислиме дека е тоа навистина така. Нашите верувања ја креираат нашата реалност. Дури и си направив едно видео клипче, “Продавница за верување”, со наравоучение ако не ти успева со твоето верување, купи си ново. Хахаха!

*Така е. Убаво кажано. Но, освен телевизиските дела, не остана незабележано во едни пошироки рамки и Вашето хоби, кое исто така донесе еден вид глобална промоција на нашата земја, Ваши фотографии беа наградувани дури и од тимот на Опра Винфри. Патем, се чувствувате ли на некој начин медиумски моќна како неа, за наши услови зборувам…

-Учев од предобриот снимател. Секаде одев со фото апарат и случајно, ако случајности постојат, наидов на годишен конкурс на Опра Винфри за туристички фотографии ширум светот. Се бираа 20 најдобри. Дали бев најдобра, што е тоа важно? Излегуваше на виделина нашиот простор, нашата убавина и мојот талент, вечно непризнаен хахахахах… Секој месец јас бев избрана со мои фотографии кои зборуваа за убавината на наашата земја. Само еден месец не успеав, хахаха. Ако моќта се мери со парите тогаш кај нас нема таква медиумска моќ. Таму владеат други параметри и сосема други можности. Но, како личност и како битие можам да бидам среќна за мојата полнотија и искуството што го имам. Мислам дека тоа патот кој младите треба да го бираат. Но секој со својот избор. Сметам дека денешниве портали фаворизираат една површност, вештачки изглед каде што секој убавината ја наоѓа во губењето на себе си и да заличи на некој друг. Па сакаме идентитет. Длабоко се надевам дека тоа е само еден момент и дека бргу ќе сфатат дека во тоа нема вредност. Младите гледаат божества во на пример Кардашијан, а не знаат дека богатството го создал нејзиниот татко кој бил еден од најголемите адвокати во Америка, тој ја создал империјата а овие се само конзументи.


*Посетата во Америка ви донесе и други спиритуални откритија. Ве оставам сама да ни кажете сѐ што сметате е интересно за читателите па и да ни откриете некоја духовна филозофија при сте ја научиле што вашите духовни погледи и растежи.
-Една вечер шетав низ Лос Анџелес со една пријателка и ме привлече едно здание, ми личеше на дворец. Центарот на Славните. Тогаш ја открив Скиентологијата. Ги завршив основните курсеви едноставно не можев да се сопрам од новооткриеното знаење. И тоа беше тоа. Се наполнив и завршив. Не престанав да барам и трагам. Во 1994 година ја издавам книгата “НЕБЕСЕН ЧОВЕК” која е преведена во Америка и издадена 2009 под наслов “КВАНТНА ЖЕНА НЕБЕСЕН ЧОВЕК”. Ја има и на интернет на Амазон. Длабоко сметам дека идентитетот е работа на себе, културни достигнувања и творештво. Многу уметници писатели творци дале свој придонес во тоа море на постоење на себе си. На запознавање со другиот. Се заинтересирав за уште еден метод “Пристап кон свесноста”, станав Барс и Енергетски лифтинг фасилитатор, две извонредни методи по “Пристап кон свесноста”, а сега според книгата “Небесен човек” се осмелив да направам работилница “Квантен Скок”. Па ќе видиме можеби нешто убаво ќе се изнедри во нашава земја. Ќе видиме.
*Интересни постови остававте секогаш кога го посетувавте Исланд, каде живееше Вашата ќерка со семејството. Она што најмногу го експониравте и стававте акцент на тоа беше природата и зеленилото. Не случајно. Вие сте наследничка на Архитектот кој ја раззелени и хорти-културно ја облагороди и Македонија, особено најмонденските точки во Охрид. Многу може да се зборува за тоа.
– Исланд…за мене најчудесната земја на планетава. Сѐ е необично. Образованието е посебно, децата не ги учат да се натпреваруваат како мали, ги учат да бидат свои. Да можат да се снајдат во сѐ. Кога ние сме ги однеле нашите деца низ нашите музеи да ја видат вредноста што ја имаме? Здравството, нема приватно здравство така што сите пари одат во државното здравство, социјалнот систем е извонреден, сѐ е по мерка на човекот. Земја на Оган и мраз и ако не се сплотени нема опстанок. Земја на изразени човекови права, нема неписмени, многу се чита, пишува. Мала земја, а толку силни личности изнедрува, на секој план, наука, спорт, литература, музика. Посебен однос кон природата. Тие знаат дека природата е нивниот живот. Искористена е силата на природната енергија до максимум без никакво оштетување на планетата. Татко ми сигурно би уживал откривајќи ја. Татко ми беше прв пејзажен архитект во Македонија. Многу може да се зборува за неговата работа. Во земјава има реализирано над 600 проекти, но не завршува на тоа. Тој беше експерт на ОНН и беше во екипата што го издигнуваше Чимботе- Перу после земјотресот. Таму сѐ е останато што тој урбанизирал, за жал кај нас се сече незнаејќи дека сета таа природа е создадена од човечка рака. Еден пример е Горица Охрид, кој до крајот на 50-тите беше голо брдо, вилата Билјана, потоа самиот град Охрид, заедно со Душко Поповски тогашен амбасадор во Франција го внесува Охрид во УНЕСКО за да се заштити таа убавина. Но нашиот однос кон нашата убавина е чуден.

*Вашиот Татко како име не е застапен соодветно како градител на Зелената покривка на Скопје, нешто што Градот му го должи. Идејата што ја поддржуваме е да се стави голема табла на влезот во Градски парк на која ќе пишува кој бил идејниот творец и какво е неговото значење.
-Јас направив една акција заедно со интернет Тв “Види Вака” да се впише неговото име, не само поради неговиот труд и туку и поради идните генерации за да видат дека можат да креираат чуда. Ние не знаеме дека тој е креатор на третиот дел на паркот ама знаеме кој со кого и како. Жално е што толку ги симнавме вредностите од кои идните генерадии ќе учат и ќе ја креираат иднината. Ако немаат примери на кои ќе можат да се угледаат ќе одат таму кај што ќе можат да ја задоволат таа потреба. Страшна е таа потреба за поделби, партии, само тука се гледа излезот и можноста, наместо да се бориме таа наша независност за која сме се избориле пред 30-тина години да дадеме сѐ од себе и да покажеме дека навистина сме. Тој бил основоположник на Републичкиот комитет за заштита на човековата средина на Македонија во бивша Југославија, кој по осамостојувањето ќе прерасне во Министерство. Од 1978-1982 година е претседател на овој Комитет. Македонија е единствена од сите бивши Ју републики која имала ваков комитет за заштита на човековата средина.

*Семејната историја кај вас е малку подлабока раскажете ни нешто и за вашето потекло по дедо и баба и нивните навики на живеење.
-Дедо ми е прв македонски академски сликар кој завршил Академија во Софија далечната 1914 година. Бил посебен и мислам надвор од своето време. Повеќе личи дека му бил дедо на Џони Деп… хахаха Никогаш непризнаен иако се правеа многу обиди од наша страна да го добие местото кое го заслужува. Одел низ земјава пеш со фотоапарат, фотографирал и потоа сликал. Неговата мапа на дејностите застапени во секој регион треба сѐ уште да е во Етнолошкиот музеј. Иста таква мапа има го Охрид за охридскиот регион. Има прекрасни слики, со еден фотореализам, неверојатен сликар. Ја реставрираше Света Софија во Охрид, Пантелејмон во Нерези. Доаѓам од еден вид посебно богатство, тоа не се мери со пари, иако во оваа трка по пари и смалување на вредностите внатрешната полнотија не се смета за богатство. Би сакала секој да ја открие во себе и околу себе. Оптеретени сме со безаконие, обвинувања, осудувања, политики, кој чиј е и каков е, а тоа е таква загуба за сите нас.

Многу пријатно нѐ изненадивте минатата година овој период кога промлвиравте и наиде на одушевеност едно издание за деца кое го изработите со Вашиот внук, како 11 годишно дете. Симпатично делува Вашето признание дека внукот кој ве инспирираше за книгата, сега веќе е тинејџер и не е посветен на илустрации за детските книги на својата баба. Лета времето а децата растат чиниш “преку ноќ”. Кажете ми, недостига квалитетна и едукативна детска литература, дали повторно ќе не изненадите со некоја нова книга од тој жанр?
-И повторно јас и природата. “МАГИЧНА ЗЕЛЕНА ПЛАНЕТА” подржана од Министерството за култура. Книгата ја има и на англиски на Амазон. Внукот ги правеше илустрациите на 11 години. Ги правевме преку зум, тој во Исланд јас тука, а сега веќе се вратија семејно и живеат тука. Желбата ми беше да станеме свесни за природата околу нас и да ги оставиме телефоните. Основната идеја на книгата е како од една Среќна Планета таму некаде во Универзумот гледаат на нашата планета и ја викаат магична. Зошто се тие Среќна планета. Затоа што ја знаат тајната на заедништвото. Епа сега нека видат што писателот сакал да каже со делото. Сега се работи нова книга “НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО СОНЦЕТО”. Ќе биде илустрирана од деца од 5 одделение од ОУ “Војдан Чернодрински”. Цртежите се готови. Напишана е уште една книга “МАГИЈАТА НА ЉУБОВТА”. Кој ќе биде илустраторот, ќе видиме.
*Охрид е Вашата трајна и најомилена дестинација. Како Ви поминуваат деновите таму и на што ги посветувате? Што ново да очекуваме од тие охридски инспирации кои постојано тлеат во Вас?
-Охрид е за мене рај. Каде сѐ не сум била и не сум пропатувала ама Охрид е магично место. Моја вечна инспирација. Град со најубавите зајдисонца на свет. Од миг во миг различни. Неповторливи. Езеро бисер. Викаат убавината е во окото на посматрачот. Епа моето око тоа го гледа.

Валентина Ѓоргиевска Парго

metropolis-big