ДИМИТРИ СОЛЕ ЉУБИН, ПИСАТЕЛ: Јас носам крилја и на грбот, и на глуждовите

501

Загонетен, возбудлив, урнебесен, предизвикувачки, автор кој брaнува и фрла нешто волшебно околу себе. Ретко се согласува на интервјуа, ја добивме честа.
Разговор кој сам по себе можеше да биде уште многу поопширен, со зачините кои ги фрла како мамка за подобар вкус на нештата, но оставаме за друг пат, за да не се предозираме со истите.
*Јавноста ги знае Вашите книги, тие се потрошија како алва. Невозможно е да се осврнеме на сите, невозможно е дури и да се осврнеме целосно само на една, многу се слоевити, наталожени со секакви пораки, искуства, чувства, што можеби ќе ни треба цел месец. Сакам лефтерно и нежно да гребнеме одозгора на Вашиот сензибилитет. Да ја осетиме Вашата есенција. Јас навистина не знам од каде да почнеме. Хронолошки или по некој друг редослед?
– Ниту во мојот живот постои време, ниту во моите романи ил стихови. Сѐ е пресметано во векови и секунди. Понекогаш – циклично. Сѐ се врти во eдна Фибоначиева Златна Спирала, како в школка, како в цел Универзум- од а+б =ц, во која формула, никогаш не се знае каде е А, а каде Б. Често, дури и своите почитувани четири рецензентки со кои соработувам веќе 17 години, ги збунувам во своите дела, па ме препрашуваат – кој лик е жив, а кој имагинарен. И во кое време постои, ако постои. Сите се живи. И јас, со нив, и во нив. Оти, ако јас не ги преживеам претходно, тие – не ќе знаат каде е А, ниту Б. Ќе бидат скитници, не патници. Затоа, јас не би почнал со никаква хронологија и редослед. Ако Вам денес Ви е 13.10.2021 година, мене, во некоја слика, стих, ил роман – ми е 7 јули 1973. В Хаифа. На пример.
*Пред да се пишува за Вас обврска е да се имаат прочитано сите книги. Во спротивен случај, ќе треба да се потпреме на рецензиите, кои откриваат доста, но Вие надоврзете се, исправете ме, па дури и искривете ја правата линија ако ви пречи. Морам на почеток да прашам, од каде толку даровитост – Ви ја дофрла некој таа инспиративност или вие талкате, ја барате, пребарувате под дрво,под камен, го превртувате и проверувате што има и под најмалото камче?
– Не би рекол обврска, повеќе- препорака. Во спротивно, ќе се загинете. Ако, на пример, во „Нож и пердув“ не стигнете до страница 90, никогаш не ќе откриете – кој е каде, во кое време, жив ил мртов, в Париз, Истанбул, Родос, Охрид, Струга, Ташмаруништа, Подгорци ил в Скопје. Никогаш. Ама, никогаш. И потоа, во само 20 страници, сѐ ќе Ви стане јасно. Секогаш ги затворам своите романи, објавени ил необјавени, до страница 123, таа е последна, највисока. Јас, сум свесен за брзината на времето во кое луѓето околу мене живеат, и сакам да создавам дела – кои се читаат во лет од Скопје до Рим, ил Лондон, Париз, Истанбул или Љубљана, во автобус од Титов Велес до Битола и Охрид. Никој нема повеќе време за читање. Она што мене ме восхитува, е што луѓето кои ме читале, ми се обраќаат, ме прашуваат ако нешто не им е јасно во мојот збор збиен, и јас – секому одговарам. Во однос на даровитоста, не би можел да Ви одговорам. Јас сум дете – родено од двајца родители – хемичари по професија, значи, во мојата ДНК – А-Ц-Т-Г, не постојат никакви наследства, ниту вродени, ниту стекнати. Јас, сам се пресоздадов да бидам она што сум денес.

*Ајде да почнеме од “Нож и пердув”, наслов кој пара и гали. Госпоѓата Маријана Јанчевска во својата рецензија ќе рече дека тоа е прозен текст исполнет со многу стихови, за скитникот и патникот, цитирам: “Филозофската основа е содржана во насловот, но и во често поставуваните паралели помеѓу скитникот и патникот… Ножот е тврд и сече ладно, но леснотијата на пердувот и неговата топлина болат подолго. Кога ќе се спојат, прават процеп во времето и ја овозможуваат цикличната основа на случувањата. Патникот патува со желба, секогаш помнејќи го местото од каде што тргнал, и имајќи го во глава местото каде што треба да стигне, како цел. Скитникот скита. Не памети од каде тргнал и не знае каде оди, нему патувањето”. Многу точен опис. Вие сте патникот или скитникот? Или и двете? Го среќавате често во Вас скитникот со пенкалото, каде оди тој, која му е целта, го зауздува ли некој, некогаш?
– Патникот. Речиси цел живот, откако наполнив 13 години, знам точно – кој сум, каде сум, зошто сум, и каде сум тргнал. И каде треба да се вратам. Но, и каде ќе умрам. Оттогаш знам, знаев, бев знаел. Јас сум дете кое е три пати прогласено за мртво при раѓање, од 22 Август до 6 Септември. Значи, поинаков, и да сум сакал, не би можел да бидам. Јас, предвреме, сум се двоумел три пати дали да се преродам. И сум одлучил. 6 точка 9 точка – што би рекол Милчо Манчевски. Скитник, никогаш не сум. Иако знам да спијам на аеродроми со денови, крај реки, мориња и езера,во цркви, во синагоги, во џамии, в Хилтон ил Мериот, точно знам секогаш – зошто сум таму. За уздите, немам јас. Ниту дозволувам. Ниту мојот коњ липицанер има. Имагинарен сѐ уште, но ветен пред себеси и пред баба ми Љуба и дедо ми Димче. Луѓето кои ме израснаа. И ме учеа да бидам добар човек, добар раскажувач, и еден ден – да имам коњ и кајче за на риба. И лозје свое. Тоа се аманети, а јас, од аманет, никогаш не сум скршнал. И пред себе, и пред мртвите. Уметник и коњ, под узди не се ставаат.
*… „Нож и пердув“ е предизвикувачка книга, вели понатаму споменатата рецезентка. “Отвора неброени прашања за љубовта, пријателството, добрината, успехот и тајните на преживување. Патникот секогаш на крајот се смирува. Срцето му кажува кога ќе ја здогледа ветената земја, сонуваната драга, посакуваното море”… Интересно и целосно вистинито. Само сонуваната личност може в час да го промени целиот курс па патникот… сосема дури и на скитникот, зар не?
-Не. Само мигот. Патникот, еден ден ќе најде своја перница. Скитникот- никогаш. Јас, своето море и птиците свои ги најдов. Живеев на Островот три месеци, и го напишав романот на рака, в тефтер огромен – 7 Векови на Малта/Прозорците. Јас, ги најдов своите Прозорци, и засадив сардели. Црвени. Тие, ме чекаат да се вратам. Тоа е еден чуден, за првпат автобиографски роман. И последен. Не е издаден сѐ уште за жал, од познати причини. Бидејќи Ви ветив дека ќе бидам искрен и гол во Вашето интервју, ете. Тоа сум јас. Влади – Мир. Кој бере магнолии и носи пердуви од пауни дома секое утро. Иако, на островот нема пауни. Нема ни магнолии. Влади – Мир сам си ги подарува. Никој не знае од каде.

*За истата книга проф. Лилјана Узуновиќ, во улога на рецензент, ќе запише дека:” Оваа книга е многу други нешта, но е и книга за пријателството и за носталгијата. За луѓето што едно место не ги збира. Ни еден живот. Ни еден роман. За паралелните светови и за тоа колку е опасно кога ќе се измешаат времињата. Многу ги сакав љубовџиските потфати, благата иронија, ветропирести Французинки што времето не ги фаќа. Еротиката, понекогаш блага и прикриена, понекогаш престорена во жестоки љубовни битки кои ако и не се баш секогаш поврзани со вистинската љубов, (како и во животот, впрочем), се сепак пронижани со нежност и тага и страст и почит и судбина. И смрт”. Еротика, судбина, смрт.. Уф, ме сецна оваа комбинација. Ми се чини, сите нас не прогонува во секој момент, без да знаеме и без да сме свесни за тоа… Писателот можеби двојно повеќе.
– Мојата најмила професорка, на чија Катедра по италијански јазик и литература дипломирав одамна, напиша дури три рецензии за „Нож и пердув“. Таа, никогаш за никого, ништо не напишала. За мене, напиша дури три. И се појави на сите мои три промоции, лично, и ги говореше лично. И сите, стотици луѓе, пред незиниот збор плачеа. Оти таа најде модус, како да ме доближи со збор до публиката. И често ми велеше – ти подобро молчи, оти си премногу сложен, ние ќе те раскажеме. И јас и верував. И ѝ верувам до ден денес.
*Сега не зборуваме “стриктно” за Вашите романи, рековме тие се must read. Вреди да се прочита и романот што го споменавте “7 векови на Малта – прозорците” кој ја открива Малта, но не само како географија, туку како доживување. Рецензентката Ирена Димов опишува дека главниот јунак, како поет го доживува островот од својот прозорец, сведок е на еден живот во кој не се вклопува. Тој, и самиот птица, најдобро се снаоѓа со гулабите кои ги храни и покрај забраната за хранење. Не сфаќајќи зошто има забрана за хранење на птиците, тој не може да разбере дека островот не ги храни птиците како него. Владимир живее во немир на островот. Владимир е трагач по Слобода, како птиците. Има ли нешто владимировско во вас? Во птицата која ја носите во своите гради?
– Ви одговорив во едно прашање погоре. Јас носам крилја и на грбот, и на глуждовите. Јас смеам ко Хермес кон Олимп, кај Зевс, и смеам кај Калист на Трескаец, ко Архангел Гаврил. Влади – Мир сум јас. Кон себе. И секаде имам стол или камен.
*Според Весна Апасиева, во “Калина и Бикот” уште едно раскошно писателско Ваше остварување, “Секој што се обидува да се претстави како нешто што не е, секогаш ќе биде полош од тоа што е!“.. Во ова дело ги спомнувате и Милчо Манчевски и Теона Митевска Стругар. Неодамна прочитав дека чест ви направи кога за роденден Манчевски експресно ви подарил и прати сет со неговите филмови. Велес во неговите филмови е неизбежно спомнат. И вие го сакате филмот, актерството. Што менува тоа во творечките чувства и доживувањата на писателот?
– Одамна, од дете, немам што да сокривам. Растев в театар, играв в театар, немаше проба или претстава што не сум ја посетил. Го одиграв Стефановски, ко дете, на свои 13, во дури 5 улоги во “Лонг Плеј” , за што тој лично ми се заблагодари во Скопје пред 9 години. Оти ја гледал претставата, на видео касета, и ме препозна. Во меѓувреме се појавував епизодно во многу филмови, но, за пријатели. Про боно. Сфатив уште како тинејџер, дека Театрото наше – не е за мене. Не би можел јас да работам под никакви политички, сексуални или лични притисоци. Тоа е за мене – премногу Холивуд во Титов Велес. Милчо, навистина пријатно ме изненади на 6 точка 9 точка. За мојот роденден, ги добив сите негови филмови дома. Тоа, е неверојатна чест. Јас од него учам со години, одамна, многу одамна, од 1994 година. Оваа година напишав критики за “Врба”, “Сенки” , “Мајки” и “Пред дождот” . Нему сите му се допаднале, му ги пренела Сара, и тој ги објави. Три од нив ги земаа за Кинотека на Република Македонија, Милчо е совршен учител, а јас, добар ученик.

*Кога би напишале сценарио за филм, кога би била првата реченица… Налик на онаа сепозната на Толстој од Ана Карењина, што ја знаеме “Сите среќни семејства… “.
– Тоа утро, Влади – Мир ги купи цвеќињата сам. Магнолии, перја од пауни, и три балони во ташната. Црвен, тиркиз и бел.
*.Поезијата е пердув кој може да допре многу ” шизички”. Кон Вашата поезија Д-р Снежана Петрова-Џамбазова, ќе запише – поетот којшто ја „ѕвездеше“ поезијата, со што чинам се е кажано. Таа продолжува “… нему и прозата му е поезија и природата околу него му е поезија, цветовите и дрвјата и овошјето му издишуваат поетично (цветовите наопаку ми бујат од дланката), и велешката калдрма сосе цел Којник ( иако: Сите наши калдрми мирисаат на студ.) му се поетични и земјата му е поетична и жената му е поетски еманат, оти поетот (во коските носеше љубов)”. Вас ве поврзува со Рацин, но тоа не се однесува на псевдонимот, ниту се должи само на роднокрајната блискост, туку во некоја натчовечка, натприродна, натпоетски обединувачка нишка. Има нешто во светогледот, во љубогледот, коешто ги здушува двајцава велешани, заклучува рецензентката” …Комуницирате ли лесно со музите, со ѕвездите, каде се тие, како да се постојани над вашиот Велес?
– Секаде околу мене. Секаде.
* “Димитри Соле Љубин во душата носи ѕвезда, на себеси – принцовски плашт, којшто несебично ни го разгрнува и ни ја открива својата бајковита безвременост, нè нагостува со една слаткогорчлива суштина на постоењето и со охрабрување да ја сонуваме јавата, да ги објавиме соништата, ѕвездајќи кон непознатото, а блиско небо” ја цитирам повторно Петрова-Џамбазова. Ах какви само описи сте собрале, во само една младост, и тоа лесно ко кинење калинка од гранка.
– Немам што да одговорам тука. Д-р Снежана Петрова – Џамбазова ме спозна лично одамна. Нејзиниот осврт кон мене и моето постоење и дело, ниту е нарачан, ниту е платено. Таа, сама го создала. И морам да признаам дека е едно од најголемите продирања во мојата душа, простор, време и збор.
* Од збирката „Во Софиските градини / Рајски дворови”, М-р Мирјана Недева ја издвојува и анализира Вашата песна “Име на облаците”, во која поетот вели: оти јас не сум за чување/ами за летање… Ова е поезија која знае и се обидува да не возвиши; да не „летне” во некои други предели. Ова е поезија која се прима полека, во одредени интервали, и која, исто како и на емоцијата што ја предизвикува, ѝ треба време да отстои во нас”…Што подолго одлежува во Вас, прозата или поезијата?
– Во мигов, погледот кон Којник. Ги сликам ќерамидите на прво сонце после 6 дена дожд. Нема кај мене проза, поезија, четки ил бои, јас сум сиот миракули. Најдобро ова прашање да им го поставите на Апасиева или Недева, тие, подобро ќе Ви одговорат отколку јас.

*Нешто постојано скокотка во Вашето перо. Затоа многу сакам да ве испровоцирам некако со некое прашање, срамно и бесрамно, хм што велите? Ајде забранете ми, зошто нема да одолеам… Или помогнете ми да Ви поставам такво прашање.
– Секогаш велам, дојдете ми дома на ручек, сѐ ќе ви раскажам. Немам јас од што да се срамам ил сокривам, чист сум пред себе и пред векот и светот. И јавно говорам за сѐ. За сѐ. И срамно, и бесрамно.
*Низ кои творечки фази треба да поминете за да бидете соголен и да немате веќе дури ни адамов лист на себе. До каде сте вие со согорувањето? Дали е полесно од овде до таму, или оттаму назад?
– Низ читање, учење, многу учење. Многу читање и спознавање. Нема адамови листови потоа, дури и кога сум гол, и да сум гол на улица – луѓето ќе речат – остај Љубин е, смее да шета гол, тој е поет. И никому не ќе делувам чудно. Треба човек да ја навикне околината на своето постоење, да биде гол пред себеси, пред сите, ништо да не сокрива. Потоа, сите наоколу те рпимаат таков каков што си. Со кого и да си. Никој не се ни осмелува да пререче збор. Оти, тоа си ти. Најпрво, расчистен со себеси. Затоа јас не согорувам, а и не побелувам на моите 40+. И сум супер шизик, што би рекле Вие.
*Ајде да направиме паралела – на што би се стопило вашето вжештено перо, а на што вие би го скршиле, без пардон , би воздивнале длабоко и би рекле “уф ова јас не би можел да го напишам премногу боли”.. .
– Го направив веќе. Во „Милиметар“ и „Коски“. Ги затворив и двата романа оваа година. Се искршив сиот, сосе перо, додека ги пишував, цели 6 години. На крај, како што и очекував, добив канцер како мојот главен лик во „Милиметар“. – и тој го надминав. И преживеав. Не постои веќе во мене. Сам го создадов, од уф – во Милиметар и Коски, сам го уништив, без никој да знае, освен моите лекари. Кога исчезна, јавно кажав дека го нема. И лекарите се чудеа. Дел од него стои во песок доведен од Маракеш, ќе го однесам во Хаифа, Израел, таму ќе го ставам во џунџулиња жолти велешки јас што ќе ги садам во Градините на Бaхаи. Дел ќе однесам под Везув, в Помпеи, дел – в бањите под Неапол, в Баиа. Јас, никогаш не велам – уф. Освен кога одам во Гевгелјиа во еден паб кој се вика Уф. Се носам со сѐ, со секој збор, и со секоја болка и убавина. Дури и да починев пред два месеци поради канцерот, кој веќе не постои, јас се радував, оти знаев дека некој веќе ме учи в училиште, на Универзитети неколку низ оваа точка мала, и дека сум засадил 13 дрвја и илјада сто и тринаесет цвеќиња. Не ме плаши мене смртта, животот е пострашен. Во однос на основата на прашањето, јас знам често да се стопам. Многу. Иако околината одамна ме доживува како „недопирлив“, што мене ми е и смешно и тажно, јас сум неверејотнно емотивен, ветропирест понекогаш, лесно заљублив, и постојано сам. Веќе 7 години. И тоа е навистина за – Уф. Но, и на тоа навикнав, да не умрам од љубов. Не сакам патетики шекспировски, есениновски и вангоговски. Јас сум повеќе Далиовски, ФридаКалоевски и ЕндиВорхолски. Или сум, или не сум. Миракули.
*Пишувањето е “секси”.Но , создава ли лузни, или само лекува? Кој е вашиот најголем само-сомнеж кога пишувате?
-Јас сум самиот секси, како единствен автор во моето време кој говори за сексот, без цензури од оваа држава. Можеби од таа причина и беа забранети сите мои дела, па мораа да бидат спонзорирани од Стразбур, или Сиднеј. Што знам. Мислам дека сум премногу „секси“ во својот израз за ова време, и овој простор. Луѓето, мажите и жените, дури ми пишуваат дека мастурбираат на моите приказни убави. Или, си го средуваат бракот. Водат љубов со сета сила, да останат живи.Лузни, немам. Објаснив и погоре. На 13 години расчистив кој сум. И нема лузни. Има само солзи понекогаш, но, минуваат.
*Урнебесен сте. Ја сакате таа игра на скокоткање чувства. Но, некако имам чувство како се уште да не сте се излеале онака недопирливо, со сиов свој потенцијален авторски излив. Со кој, патем, и би скршлте уште некоја брана, испречена пред Вас.
– Таков сум, миракулен. Некому чуден, некому добар. Некому таен – оти се плаши да праша – некому – сосема гол, како пред Вас, во ова интервју, кое Ви го ветив пред три недели. Ви ветив дека ќе Ви одговорам сѐ, сосема соголен пред себе и пред Вас. Тоа, и го сторив утрово. После 9 години. Оти никој досега не ме прашал она што Вие ме прашавте. Браната, таа ќе ја оставиме за Нобел за литература, кога ќе бидам стар дедо, по 60 години. И пак само Вам ќе ви дадам право да поставите прашања.
*Со што ги загреваат вашите прсти сега? Што пишувате ? Подготвувате и монографија…
– Во моментов, неколку месеци наназад и неколку месеци нанапред ќе работам на две дела. Едното е прекрасно философско дело на еден режисер од Малта, другото – е монографија за Георги Ј. Солев, еден господин, поет, уметник, дипломат – кој живеел на почетокот на минатиот век в Титов Велес. Се надевам дека наскоро ќе Ве поканам на промоција и на двете дела. Поточно, нарачателите на делата, не – јас. Јас, во мигов работам на друг личен роман, насловен „Светата Земја“ и веќе 7 месеци чекам дозвола за лет и престој во Ал Калил, Палестина. И знам дека ќе ја добијам, дури и да загинам дури го пишувам. Оти, знам, дека морам.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.