Евровизија на македонски начин со “Глумците пеат”- спектакл!

40

Двете вечери овој викенд, на 29 и 30 Март 2024 година, донесоа вистинско спектакуларно доживување кај посетителите на големото шоу „Глумците пеат“, кое оваа година беше со тема- Евровизија, поточно преку една музичка приказна/ пародија нашите познатите актери од македонското театарско и филмско глумиште ни открија што би било доколку Македонија биде домаќин на Евровизија во 2134 година. Се одржаа во Националната опера и балет (НОБ).
Три супер осмислени часа за забава и освежување на енергијата на публиката, кое и тоа како недостигаше во изминативе години кога го немаше.
Водителката Миланка Рашиќ, чие име асоцира на Евровизите кои одамна ги следи, на сцена дојде со мотор.
Беше придружена во водењето од актерот Горан Ников.
Слушнавме 27 странски и домашни евровизиски хитови од млади но и од повозрасни, докажани актери, секој со своја посебна кореографија и костимографија, со кои ем не расположија, ем не насмеаја.
Како ќе изгледа Евровизијата? За храната ќе се погрижат тетките на Миланка, Универзална сала ќе биде готова во 2131 година, Евровизијата ќе се одржи во 2134 година, победата ќе биде наместена (како и секогаш впрочем), односно овој пат, победи Бајрам Северџан со песната “Insieme” (“Заедно”) како што и вистински победи Тото Кутуњо во 1992 година во Загреб и со која тогаш повика на обединување на Европа.
А, кој би останал рамнодушен и на интерпретациите на Тања Кочовска, Марина Поп Панкова, овој пат во дует со Горан Трифуновски- Пајак, Петар Горко, Жаклина Стевковска, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, Билјана Драгичевиќ- Пројковска, Калина Наумовска, Нина Елзесер, Нина Деан, Гордана Ендровска, Бојан Стојков, Рубенс Муратовски, Жарко Димовски, Тина Трпковска, Арна Шијак, Маја Андоновска- Илијевски, Дритон Вејсели…
Тие изведоа домашни, екс ју и странски евровизиски песни меѓу кои евровизиските хитови со ХХЛ, Тоше Проески, Тамара, Тајчи, “Нови фосили”, групата „Рива“ (која победи на Евровизија во 1989 година), Дадо Топиќ и Слаѓана Милошевиќ, Здравко Чолиќ, Констракта, Жељко Јоксимовиќ, АББА, Руслана, „Атена“, Сертаб Еренер…
За овој спектакл, кој своевремено го постави легендарниот актер Марин Бабиќ во чест на 27 Март-Свњтскиот ден на театарот, а денес, по цели 17 години пауза го продолжуваат неговите две ќерки Маја и Ира, годинава се погрижија режисерот Дејан Пројковски, кореографката Олга Панго, аранжерот Бобан Мирковски и “Лима бенд” со дигирентот Љупчо Мирковски.
Сѐ на сѐ: Спектакуларно шоу „Глумците пеат 2024″…и отворена желба што поскоро да дојде и следното издание.

Ва.Ѓ.Парго
Фото: Митко Јанев

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.