Интервју со Горан Спасевски, сликар и калиграф- Мојата изложба ќе биде џиновска, со џиновски платна! 

1529

Интервјуто го водеше Валентина Ѓоргиевска Парго

Да се разговара со инспиративниот уметник Горан Спасевски од Битолскиот Народен театар, значи да се разговара со човекот кој е задолжен за визуелниот шмек на театарот, за нештата наоколу да бидат пријатни за око. Тој со својата воздушна четка, и со креативноста пред се, како сликар и графичар, ја разубавува сцената, но и секое катче во театарот каде е потребно, и му дава посебен уметнички израз. Неговата работа е финална, на база на она што ќе го  замислат и другите професионалци во тимот.

Кога станува збор за Вас и Вашите ангажмани во БНТ, тоа веднаш не асоцира на сите сликарски мотиви кои сме ги виделе внатре. Од ваш агол претставено. Во што се состои Вашата работа?

Веќе три децении јас работам како сликар, уметник во театарот.  Мојата работа е финална, во однос на визуелното, и се состои во сликање на работите кои се на сцена. Значи прво е идејното решение на некој креативец, потоа  доаѓаат дограмаџиските работи , кулисите и платната, и врз сето тоа со мојата воздушна четка со која јас го сликам она што е потребно. Целата онаа сликарија што посетителите  ја гледаат на  сцена е мое дело. Замислата е на сценографиите, тие го даваат идејно решение а потоа сите ние, мајсторите на својот занает, ја реализираме идејата . Секој режисер има свој сценограф со кој работи. Во Битолскиот народен театар сум 31 година, од 2-ри август  1988 година и за тоа време сум соработувал со  врвни сценографи, тука пред се мислам на  Валентин Светозарев, Владо Ѓорески,  Крсте С. Џидров, Филип Јовановски….

Ви даваат доволно слобода да насликате како што сакате, или поставуваат некои насоки, до кои се придржувате?

-Имам целосна слобода и тоа е посебно убаво.  Мојата уметничка слобода првенствено се состои во флексибилното работно време. Кај мене може да се случи во 22 или 23, после проба или после претстава, да ги изведувам сликарските  работи, кога е помирно и потивко. Го чекам тоа време, да биде малку послободно, полефтерно,  можам јас и во метеж да работам ама сакам во посмирено. Тој е начинот на работа исто и во театар. А се се изработува на тој начин, што  материјалот си го имам набавено, се е околу мене, четката во мои раце, идејното решение, си определувам работно време и почнувам со работа .

Секоја година на Битола Шекспир фестивал, особено оваа година, имате многу убави пригодни  декорации.

Секоја година јас овде, во театарот, цртам според идејното  решение, според плакатот и програмата. Секогаш плакатите се различни. Една година година ги правеше младиот Сергеј Светозарев. Годинава се што требаше, насликав за само три дена. Тука мислам и на декорациите на ѕидовите во бифето. Во бифето се одржуваат многу работи, по претставите тука доаѓаат гости, посетители, има коктели, има музика, има концерти и затоа и целиот  уметнички амбиент мора да биде во ссостав со тоа. Ова што го нацртав за годинешниот фестивал си стои цела година. Преполовениот олдтајмер залепен на ѕидот е идеја на Валентин Светозарев, тој си е тука  седум години колку што се одржува фестивалот, а  секоја година се менува само  боја. Си стојат буквите Шекспир Фестивал, минатата година беше  црвено и бело со црна заднина, годинава со зелени, догодина ќе биде во некои други бои.

Уметноста е, без приговор, вашето второ или подобро речено прво “Јас”. Што цртате надвор од работното време?

-Да, работам како аерограф, сликам со ер браш тоа е воздушна четка, на мало компресорче како кај спрејовите, а техника како графит.  Исто имам изработено над стотина слики, пејзажи, портрети, карикатури, за комерцијални цели. Работам мурали, големи површини, имам доста сликарски работи во Музејот на ВМРО во Скопје, како и во куќата на Христо Татарчев  во Ресен. И да не заборавам, имам работено и на Хераклеа на ископини, таму имав некои цртања на мапи.

Имате направено своја изложба?

-Можам со гордост да кажам дека имам направено огромни платна со постери, што значи јас кога ќе сакам да направам изложба ќе биде  џиновска,  со тие џиновски платна. Ги имам пренесено на платна, со сликање со воздушна четка, сите плакати од сите фестивали “Милтон Манаки”. Секој плакат го изведував рачно, сликарски, на платно и го ставав како декорација. Потоа ги работев и за “Војдан  Чернодрински” сите оние плакати. Имам плакати на платна токму да го прекријам цел дом “Марко Цепенков” , сите тие изработени рачно.

Тоа би било уште поинтересно. На огромен простор. А и огромниот простор на Музеј на современа уметност е благороден за таква изложба.

-Мислам дека доколку постои интерес сето тоа да се среди и да се направи еден концепт да се рашират сите тие платна. Сите тие се со димензии  9 метра на 4.во метра,а сите заедно во целокупна површина од 32 метри должина.

За крај, најважното, во Македонија на прсти се бројат уметниците кои се занимаваат со калиграфикжја, Вие сте еден од нив.

Јас сум калиограф. Испишувам рачно декоративно писмо. Секој текст  може да го испишам декоративно. Калиграфија работам со посебно задоволсто и посветеност, за посвети, транспаренти, дипломи, покани. Во 1984 завршив применета графика во средното уметничко во Скопје, од тогаш сум целосно посветен на тоа. Таму учевме вајатство, сликарство, нацртана геометрија, перспектива, но професорката  Светлана мошне вешто ни ги откриваше тајните на декоративните писмо, имавме по 8 часа неделно, испишувавме на табла со креда рустика, готика, кирилично, писмо. Завршив применета уметност кај мојот професор Ордан Маневски  и  Ѓото Жулатовски. Сега јас имам неколку млади ученици и нив им ги откривам тајните на калиграфијата.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.