ОЛИВЕРА ЈОВАНОВСКА: Како метеор “паднав” од небо, сега се пробивам низ трасата на македонската книжевност и литературата

59

Кога зборуваме за Оливера Јовановска, поетеса која по долги децении од Австралија се пресели со своето семејство да живее и твори во Скопје, неизбежно е да кажеме дека нејзиниот талент го открил еден од нејзините четворица синови. Застанувајќи со автомобил нешто да запише, се свртил кон неа и ја прашал на кого се метал таков, а таа му одговорила “на мене, јас често застанувам со автомобилот и во тетратка си запишувам стихови, моја поезија”. Изненадувачно е што тоа било клучен момент, по кој решава да стапне на поетската сцена.
Ова лето во Друштво на писатели на Македонија, се случи необична промоција на дури четири дела од една авторка- три збирки поезија и еден роман. Драга Оливера, по шест месеци од настанот, најпрво да Ве прашам за време на овој период како поминуваат книгите кај читателите?
-Почитувана Валентина пред да ви одговорам на Вашите прашања, сакам да ви се заблагодарам за оваа покана за ова интервју. Ми е чест и задоволство што една врвна новинарка како вас изрази желба да напише нешто за мене во вашите ценети колумии. Точно е тоа дека во мај месец имав две промоции на моите четири книги- еден роман и три збирки поезија. Првата промоција се одржа во росториите на ДПМ во Скопје. Ќе ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на новата управа на друштвото и на претседателот Христо Петрески што ми овозможи промоцијата да се одржи во тие простории. Исто така и Вие и Вашиот татко ми направивте голема чест што присуствувавте на таа промоција иако лично не ме познававте. Втората промоција се одржа во Охрид во просториите на библиотеката “Григор Прличев” за тоа лично се погрижи директорот на библиотеката Милчо Јованоски, и неговиот тим на просветни работници, кој топло нѐ пречекаа. На Вашето под прашање во склоп со првото прашање „Како поминуваат книгите кај читателите? Прекрасно сум изненадена, позитивните коментарите што ги добивам се доказ дека мојата цел стигна до читателот. Романот е прочитан од повеќе поети, поетеси, професори магистрирани лица, книжевници па дури и обичниот читател го доживува романот на свој начин, така што секој еден што ќе го прочита без разлика на возраста, професијата, религијата или полот ќе наиде на нешто во романот што ќе го поврзи со неговиот живот.

Промоцијата во Друштво на писатели беше направена од страна на писателот Васил Тоциновски, и писателката Лилјана Стоилковска, а во библиотеката “Григор Прличев” во Охрид имавте и своја промоција, заедно со директорот Милчо Јонаноски. На што ставија акцент промотерите, на промоциите?
-Ми беше голема чест и задоволство што професор, Д-р Васил Тоциновски не само што ја прифати понудата да биде рецензент на мојата трета збирка „Одмрзнати чувства” туку беше и еден од промоторите на промоцијата во Скопје, заедно со прекрасната шармантна дама, новинарка во пензија, магистер Лилјана Стоилковска. Нивниот акцент беше дека преку моите дела независно дали се поезија или проза ја продолжувам Македонската лоза, ги потенцирам нашите стари адети, навики, традиции. Ги објаснувам на интересен, посебен начин фамилијарните вредности, како црвено црната мартинка на Блаже Коневски плетам мозаик од повеќе мотиви во моите дела. Истото мислење го делеше и професорот Милчо Јованоски од Охрид кој детално ги обработил сите четири книги како и мојата биографија, а мене посебен впечаток ми остави тоа што забележа дека мојата прва збирка „Неостварена Љубов” е издадена на мојот педесетти роденден. Прашањето беше дали тоа се случи случајно или беше намерно одбрана таа дата? Не случајно беше одбрана таа дата, сепак јубилејно треба да се означи моето долгогодишно чекање да ми се оствари сонот, да ги донесам на светлина омоите долго криени песни.
Јавноста за прв пат тогаш го слушна Вашето име. Ново поетско- писателски откритие. Но, она што е интересно, досега, напишавте четири книги, кои се базирани на Вашиот живот. Еве ќе почнеме од првата книга поезија “Неостварена љубов”, во која има песни што сте ги напишале уште во раната младост, и на многу интересен начин, некои од нив се случајно зачувани од Вашата маќеа. Има песни кои се испеани во песни, но сите тие стихови се огледало на Вашиот живот. Што Ве влече толку силно кон поезијата?
-Точно е тоа дека во Македонија јавноста се сретна со нова личност, која што како метеор падна, и себично ги криеше сите овие стихови во фиока, кутија или темна келија од срцевите комори или преткомори. Можеби и се плашев да го споделам сето тоа што беше скриено во мене незнаејќи како читателот ќе го прифати. Се плашев од негативни критики, заборавајќи дека секој еден човек на земјината планета се има соочено со добри и лоши настани во животот и дека баш вакви искрени настани од животната средина на друга непозната личност ќе му одговараат и ќе согледа дека нема совршен живот на земјината топка. Почитувана Вале, точно е и тоа дека пишувам од моја рана младост дека имам некои песни од 1983 година што сум ги напишала како тинејџерка, и се сочувани од мојата мајка, маќеа некако ми е лош збор) и се користи само во приказните. Во првата збирка на поезија „Неостварена Љубов” има неколку песни кој се испеани од мојот сопруг Љупчо Јовановски – Бубе, “На мајка ми”, таа песна е посветена на мојата свекрва а песната е со носталгично – печалбарска тема. Исто така песната “Кико, Кико Христијан” е свадбарско- печалбарска тема која Љупчо ја испеа во дует со Маријан Коцев. Во таа стихозбирка се наоѓа и песната “Недо”, која што е со љубовна носталгична тема испеана во дует со Милица Кузмановска. Овие песни се испеани во 2010 година. Додека сме кај текстовите преточени во песни морам да ја споменам и песната “Комитска Желба” која што се испеа на овогодишниот “Гоце Фест” со патриотска тема. Неодамна на “Роса фест” повторно се испеа мој текст, насловот на таа песна е “Ноќва е лом” , боемска песна повторно испеана од мојот многу талентиран сопруг Љупчо. Не можам ни јас самата да ја објаснам таа сила дали е талент не знам како да го наречам што е тоа што ме влече повеќе кон пишување на поезија.
Романот, што го напишавте, посветен на сопругот Љупчо и синот Христијан, носи наслов “Лавиринт на вистината”. Лавиринт низ кој треба да прошеташ, но да не се загубиш. Токму таков е Вашиот живот, на 15 години заминувате сама во Австралија, работите, рано станувате сопруга и мајка на три сина, студирате, дипломирате, градите кариера, станувате сопственичка на ресторани со дури 1.200 вработени, пронаоѓате среќа во вториот брак и повторно станувате мајка на четвртото дете. И одеднаш во 2020 година пишувате прв роман за кој велите не е пишуваш 6 месеци, колку што траело, пишуван е 50 години. Тоа е Вашата приказна?
-Досега сите мој книги се посветени на некого, или на моите синови или на внучињата, додека збирката поезија “Одмрзнати чувства”, е посветена на Битола, мојот роден крај, а романот “Лавиринт на Вистината” е посветен на сопругот Љупчо и на најмалиот син Христиан. “Неостварена Љубов” е посветена на сите мои синови: Благојче, Александар, Брендан, Христиан како и на сопругот Љупчо. Додека втората стихозбирка “Магични љубовни зборови” е посветена на внучињата Изабела, Маја и Вилиам. Вале изгледа ти добро си копала низ мојата биографија или си го прочитала романот па затоа добро знаеш кој прашања да ми ги поставиш. Да, на 15 години кога бев средношколка заминав за Австралија. Мислејќи одам на двомесечен одмор останав 35 години. Од почетокот иако животот не беше лесен во туѓа земја мене ми беше интересен можеби затоа што бев млада. И како што ние народно велиме “Кога си млад мислиш сѐ што лета сѐ се јаде”. Едноставно и тешкото ми беше лесно. Набрзо по моето пристување се вработив и непланирано шест месеци потоа се омажив. Од почетокот се работеше тешко по фабриките, па тоа ми даде поттик за понатамошно школување. Иако бев сопруга и мајка на два, потоа три сина почнав со понатамошно школување. Благодетот од тоа беше добивање на секретарска позиција во медицинска ординација, каде бев и унапредена во менаџерр на ординацијата. Но со отворање на сопствен бизнис таа позиција беше доброволно прекината. Да се биде сопственичка директорка на свој бизнис, нема поголема сатисфакција. Не само од профитабилен аспект туку и од хуманистички аспект. Да се биде член или сопственик на американскиот синџир ресторани на здрава храна е огромен успех затоа што критериумот за влез во таа компанија е многу строг. Бизнисот растеше и во период од 12 години колку што бев во тој бизнис имав наизменично три ресторани каде што бројот на вработени низ сите тие години изнесуваше околу 1. 200. Кога отпочнав со бизнис кариера имав три сина и тоа од првиот брак, бев две години во Subway бизнисот кога се роди Христиан во 2010 година. Така што балансирав повторно- кариера со неспани ноќи од плач на бебенце. Но морам да бидам искрена дење сопругот го чуваше Христиан, ноќе додека Љупчо свиреше работеше јас го чував Христиан а дење додека јас работев тој го чуваше. Тежок е животот печалбарски кога нема рака кој да ти подаде. Сѐ така до декември 2019 поточно пред ковид пандемијата кога го продадов и последниот ресторант. Тогаш се ослободив од голем товар затоа што рестораните работеа 7 дена неделно по 16 часа во ден, а имаше периоди кога еден од рестораните работеше и по 24 часа. Таа работа навистина е комбинација на голема организација и обврски што ги носев јас. Уште од рана младост си имав замислено да работам само до педесеттата година. Па така под притисок или охрабрување на синот Брендан од кога дозна дека талентот за пишување го наследил од мене и пружената голема поддршка од сопругот Бубе, почнаа да се редат делата. Во тоа ми помогна и пандемијата со тоа што ние во Мелбурн го имавме најстрогиот карантин во светот рекорд на 260 дена да не смееш да излегуваш подалеку од 5 километри од твојот дом и тоа само еднаш дневно и само по една возрасна личност да има во автомобил. Тоа што кажав дека романот се напиша од 6 до 8 месеци е печатена форма. Тој роман се пишуваше и тлееше во мене 50 години. Како што потенциратевте почитувана Вале романот е автобиографски, јас му благодарам на Бога што ми ја дал таа дарба да пишувам и да паметам настани од многу одамна што успеав со модерен стил на пишуваше да ги запишам во романот.

Од она што може да се заклучи од романот неколку жени се клучни во Вашиот живот- Вашата баба, Вашата ма чеа, Вашата учителка по македонски јазик и други. На овој начин им се оддолживте како што почувствувате?
-Некаде во романот нагласувам дека животот е како рингишпил, тоа навистина го мислам а во животот човек се среќава со добри и лоши луѓе со машки и женски личности. Па така и јас запознав многу разни личности од кој некои женски ликови ми беа како Ангели пратени од Бога да ме чуваат и да ме учат како да излезам од заблудата на животот. Ќе ја потенцирам мојата покојна баба Косана, тетка Нуке, и се заблагодарувам на наставничката по македонски јазик Благородна Стојановска што го откри мојот талент за пишување. Ми беше голема чест и задоволство што ги прочита моите книги и даде прекрасен позитивен коментар за романот. Никако не смеам да не ја споменам Марина, мојата Маца која ми беше како чадор заштита од сонце и дожд. За тоа каква личност сум јас денес голема благодарност ѝ должам на мојата мајка Маре, што јас не сакав ни тогаш а ни сега да кажам маќеа, таа е жена која не ме роди ме чуваше на начин како што таа знаеше и умееше и мислеше е најправилно за мене во тоа време. Ќе потенцирам реченица која на првата промоција беше кажана од промоторот магистер Лилјана дека со одвај роман ја ставив во дилема, се прашува? Дали родител е тој што ќе го роди детето или родител е тој што го чува и се бори за опстанок на детето.
Романот доби бројни позитивни коментари, почнувајќи од Вашиот ментор, човекот кој ве вовлекол да бидете похрабра низ водите на книжевноста, Александар Донски, Ве нарекол “Родена поетеса”. Но, и преведувачот од Велика Британија заклучил дека секоја девојка пред да се омажи треба да го прочита романот, за да знае што треба да прави во животот. Ви колку храброст треба да се собере за да се напише роман за себе кој ја открива цела вистина? Не е лесно тоа, за една жена.
-Како што претходно потенцирав овој роман е прочитан од врвно образовани луѓе меѓу кои и мојот рецензент Александар Донски, тој без резерва кажува дека на педагошко психолошки начин пластично ги елаборирам настаните. Помладата генерација во кој спаѓаат и тие што го преведоа на англиски јазик кажаа романот е препорачлив да го прочита секоја млада личност за да се запознае со предизвиците од животот. Додека други коментари се дека романот заслужува да се преточи во филм затоа што има тема на американски филм. Точно е тоа дека е тешко да се пишува за својот живот. Каде треба умешно да се запази приватноста на поедини луѓе кој треба да се споменат.


Романот има и албански превод во чест на сосетката Албанка која била грижлива кон Вас додека сте растеле во Битола. Тоа е и една добра порака плус.
-Во времето кога растев во бивша Југославија се живееше поинаков живот од овој денешниот. Имаше почит кон постарите, се негуваа традициите, фамилијарните вредности. Во тоа време соседите многу си помагаа едни со други. Не знам дали тоа беше дека јас сум родена во Битола моите се стари Битолчани каде што со факти знаеме дека повеќе од 150 нашите предци живееле во таа улица. А и соседите се староседелци каде што покрај Македонско население живеат Албанци и Турци. Сите си помагаа кога знаат дека на другиот му треба поддршка.
Неверојатно добро зборувате литературен македонски јазик и имате одличен акцент како го зачувавте сите 35 години во Австралија?
-Вале ништо не ти бега ни од око ни од слух. Иако живеев 35 полни години во Австралија Мелбурн, си го зачував својот Македонски литературен јазик. Можеби е тоа што во нашата куќа не се зборуваше на некој селски дијалекти повторно ќе ја споменам наставничката по Македонски. На нејзините одбраници кој ја посетуваа литературна секција при ОУ “Коле Канински” од Битола не смеевме да не зборуваме литературно. Па таа навика ми остана, не дозволив да ме претопат разни дијалекти во Австралија иако добро разбирам многу дијалекти.

Со својата поезија член сте на литературните друштва во Мелбурн и во Сиднеј, а освоивте награди на меѓународната поетска манифестацијата “Сплоти се Македонијо”. Немаше време да бидете застапена во нивните активности, бидејќи по излегување на книгите почна пандемијата и потоа вие се вративте овде но сигурно имате некои релации кои ги негувате.
-Точно е и тоа дека сум член на Литературното Друштво “Григор Прличев” од Сиднеј кои се и издавачи на сите мои книги. Воедно сум член и на Литературното Друштво “Кочо Рацин” од Мелбурн. Да, учествувам на секој награден конкурс од “Григор Прличев” ги сакам тие конкурси затоа што се анонимни жирито не знае од кого се делата, па се случило и една по друга награда да ја добијам јас. Не само што учествувам на конкурсите во Австралија две години по ред учествувам и на конкурсот “Сплоти се Македонијо” од Тв Сонце, каде што две години по ред добивам трета награда од дијаспората. Колку што се сеќавам минатата година имаше околу 6.000 конкурирани дела а оваа околу 8.000 дела. Сум добила многу пофалници, дипломи, златна пакета и признанија за ширење на Македонската култура во Австралија.
На интересен начин сте се запознале со сопругот, тој дошол на турнеја и се заљубив и останал заради Вас во Мелбурн, сега Вие сте донесе одлука заедно со сопругот и Вашиот малолетен син да се вратите во Македонија. Што конкретно Ве врати тука?
-Љубовта е слепа и не знаеш каде те чека. Да, на интересен начин се запознавме со сопругот, во 2005 тој беше на турнеа во Мелбурн со групата “Бенд Хармонија” во која свиреше сајзер. Во 2006 стапивме во брак така што тој за моја љубов ја жртвуваше неговата кариера и бизнис во Македонија, па реши да живее во Австралија. Низ годините често доаѓавме на одмор во Македонија јас еднаш годишно, додека сопругот доаѓаше некогаш и по два пати годишно а на тоа еден од моите синови се шегуваше на негова сметка дека патува повеќе и од конзулот. Јас не би рекла дека туку така нѝ текна, па се вративме. Ние имавме два дома, и тука и таму, и овде си доаѓавме во наш стан и таму имаме куќа, овде имаме бизнис кој го води сопругот. И по се тоа што се случи со ковид пандемијата и нашиот строг карантин во Мелбурн некако се забрза тој прогрес на доаѓање. Моите два синови се оженети и живеат во Мелбурн си имаат фамилии третиот си има свој живот јас веќе не ѝм требам, тие се зрели личности. Како мајка дали сум таму или тука душата боли стега, срцето пука на 1000 ситни парчиња за децата и внучињата.

Скопје е нов град за Вас. Пораснавме во Битола, живеете во Мелбурн, сега сте тука. Како го доживувате градов?
-Родена Битолчанка која само до 15 годишна возраст живееше во Битола, една третина од животот го поминав во Мелбурн Австралија, а сега живеам во Скопје интересна комбинација. Сопругот е Скопјанец роден и израснат во Козле па од сега понатаму се надевам дека Скопје ќе биде и мојот нов град. Убаво се снаоѓам запознав многу доби луѓе кои несебично ми помагаат да се пробијам низ трасата на книжевното и литературата.
Имате намера и натаму што повеќе да се ангажирате на полето на пишаниот збор. Што е следно?
-Што е следно? Се надевам во почетокот на новата 2023 година да издадам збирка раскази, нешто ново за моите фанови, исто така нова збирка на поезија ќе излезе во почетокот на идната година. Материјалот веќе е подготвен. Кон средина на годината се надевам да ја издадам мојата петта збирка на поезија со која ќе учествувам на конкурсот “Струшките вечери на поезијата” за наградата “Стојан Христов”. Но може да изненадам и со нов роман, да оставиме некоја тајна за фановите.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.