Промоција на романот „Сфинга на гневот“  во КИЦ Софија

5
Во галеријата на македонскиот КИЦ во Софија, на 14 мај ќе се одржи промоцијата на романот „Сфинга на гневот“ од македонскиот писател Жарко Кујунџиски.

Книгата, во превод на Маријан Петров, излезе оваа 2024 година како издание на бугарската издавачка куќа „Персеј“.

Романот „Сфинга на гневот“, во присуство на авторот Жарко Кујунџиски, ќе го промовираат литературниот критичар и издавач Пламен Тотев, и писателот и преведувач Маријан Петров.

Накратко за „Сфинга на гневот“:

Лазар е сопственик на издавачка куќа на работ на финансиска катастрофа. Неочекувано го посетува мистериозна млада жена која му подарува древна книга на латински, на чии маргини е песната напишана од Константин Миладинов во XIX век.

Во исто време, во Сплит, Хрватска, исчезнува Марко Ковачки, многу успешен млад писател.

Лазар тргнува да ја открие вистината. Мисијата во која тој ризикува сè ќе го соочи со загатка од историја, митологија, психологија и општествени односи. Лазар верува дека ако ги дешифрира тајните пораки што ги открива, ќе дојде до ракописот на исчезнатиот писател и ќе го спаси од банкрот.

Потрагата го води Лазар низ повеќеслојната историја на Балканот и станува борба за нешто поважно од првичните цели што ги имал.

Движејќи се меѓу границите на мистеријата и литературниот трилер, Жарко Кујунџиски создава впечатлив и вешто конструиран роман.

Изданието на романот е на „Персеј“. Превод – Маријан Петров. Преводот е поддржан од книжевната мрежа „Традуки“.

За авторот:

Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) е македонски писател, есеист, драматург, поет, филмски критичар и преведувач. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Од 2003 година е колумнист во повеќе дневни весници, основач и уредник на електронското списание „Репер“, основач на првиот македонски фестивал за европска литература Bookstar, копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ од Битола. Сопственик е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.

Досега се објавени 13 книги. Неговите дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински, албански и други јазици. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013.

Кујунџиски е добитник на наградите „13 Ноември“, „11 март 1943 година“, „Бели мугри“, „Студентски збор“, како и награди за сценарио и актерска игра на фестивалот „Лица без маски“.

Неговиот роман „Сфинга на гневот“ е номиниран и во потесниот избор за „Роман на годината“, „Рациново признание“ и е македонскиот избор за наградата „Балканика“ за 2021 година.

Романот беше награден како бестселер на Саемот на книгата во Скопје 2020 година, а Здружението на македонските издавачи го прогласи Жарко Кујунџиски за автор на годината- 2020 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.