1. мај, Меѓународен ден на трудот-1886 работниците во Чикаго го кренале својот глас

908

Меѓународниот празник на трудот се одбележува во знак на сеќавање на 1 мај 1886 година, кога во Чикаго, САД, повеќе десетици илјади работници излегле на улиците, барајќи подобри услови за работа и доследна примена на осумчасовното работно време.

Тој ден во Чикаго околу 40.000 американски работници стапиле во генерален штрајк, под паролата „три осумки“ – по осум часа работа, одмор и слободно време.

Протестот, на кој е одговорено со репресија, поради бруталната реакција на власта и работодавачите, а потоа и со низа жртви, стана еден вид симбол на борбата за права на обесправените.

Протестите започнаа на 1 мај, а до сериозни судири со полицијата дошло на 4 и 5 мај, кои се прошириле и надвор од Чикаго.

Полицијата се обидела да ги разбие собирите, што завршило со жестоки насилства и многу жртви, како меѓу демонстрантите така и меѓу полицијата. Во судирите во Чикаго загинале најмалку шест лица, околу 50 работници се повредени, а многумина се уапсени. Подоцна петмина работнички лидери се осудени на смрт, а тројца на затворска казна.

Во знак на сеќавање на големата манифестација на обесправените и нивната одлучна борба, на Првиот конгрес на Втората интернационала во 1889 година е донесена одлука 1 Мај да се одбележува со масовни собири, протести и пригодни манифестации. На Вториот конгрес во 1891 година, 1 Мај и официјално е прогласен за Меѓународен празник на трудот.

Постепено, во текот на последните години од 19 век и на почетокот на 20 век, 1 Мај е сè помасовно прифатен и одбележуван, многу често и со големи протести. Во повеќето земји од светот овој ден е прогласен за државен празник.

Работничките синдикати се следбеници на оваа иницијатива. До денешен ден, како во целиот свет така и кај нас, Први мај се одбележува во спомен на чикашките работници, на оние кои своите животи ги дадоа за зачувување и унапредување на работничките права. Синдикалното движење во Република Македонија има длабоки корени и традиција. Првите синдикални зачетоци датираат од 1908 година, кога е формиран првиот легален Синдикат на чевларските работници.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.