Почетна МУЗИКА Забавна Музика Brass Brothers и MIYATTA со прв заеднички проект: “I Wanted More”

Brass Brothers и MIYATTA со прв заеднички проект: “I Wanted More”

18

Македонската музичка атракција Brass Brothers позната по извонредно динамичните живи настапи ви ја претставува најновата песна, насловена „I Wanted More“, создадена во соработка со македонската пејачка и кантавторка MIYATTA.

Во оваа интересна музичка соработка, популарниот македонски бенд Brass Brothers и MIYATTA ги обединија своите сили за да ни го претстават својот прв заеднички проект, „I Wanted More“. Ова ново музичко издание е моќна музичка симбиоза која ги спојува уникатните звуци на бендот со прекрасниот вокал на MIYATTA.

„Ни беше задоволство да соработуваме со MIYATTA . Нејзиниот уникатен вокален стил ни донесе поинаква перспектива и ја дополни енергијата која сакавме да ја пренесеме преку оваа музичка творба“, ни изјавија од Brass Brothers.

Оваа песна, која се надеваме дека ќе ги освои срцата на клубската публика, е најава за концертот на MIYATTA на 15-ти мај во Малата Сала на Филхармонија во рамките на Скопски Градски Фестивал.

Песната “I Wanted More“ е дел од вториот албум на Brass Brothers, „We Are Energy“. Таа го задржува добро познатиот енергичен музички потпис на бендот, кој дополнет со денс ритамот повторно создава уникатна и интерактивна музичка приказна.

Музиката и аранжманот се дело на Горан Мицевски Кус, фронтмен и тромбонист во Brass Brothers, додека текстот е на Наташа Мијат Крстевска.

Видеозаписот е во режија на Сара Јазаџиска Бибовска, а директор на фотографија е Борис Ралев.

„I Wanted More“ е веќе достапна за преслушување и купување на сите светски дигитални платформи и музички продавници.

Brass Brothers е македонски музички бенд формиран пред 11 години, составен од професионални и талентирани музичари: Горан Мицевски Кус (тромбон), Костадин Бетов (алт саксофон), Пере Мелов (труба), Илија Мицев (труба), Јован Мартиновски (Dj support) и Никола Митрев (труба). Оваа група е препознатлива по своите експлозивни и динамични живи настапи, кои ја освојуваат публиката и ја прават незаменлив дел од перформансот. Brass Brothers донесе уникатна автентична енергија на македонската музичка сцена, пред сè поради специфичната комбинација од брас секција и динамичен звук.

metropolis-big