“Глумците пеат” нѐ водат на Евровизија

24

Евровизија кај нас годинава ќе се одржува на 29 и 30 март на сцената на Националната опера и балет, не, не е шега, ќе биде и поубаво од тоа, затоа што на возобновената манифестација “Глумците пеат” оваа година ќе се пеат најголемите евровизиски хитови.

Некогаш грандиозниот музичко- забавен перформанс, чиј идеен творец е легендарниот Марин Бабиќ по 15 годишна пауза, минатата година се врати со свое издание, а оваа година во полн сјај, и тоа како најголем спектакл во најава.

Маја Бабиќ од „Баги комуникации“, ќерка на актерот Бабиќ, на прес- конференција денеска изјави дека шоуто оваа година ќе трае околу два и пол часа и се обидуваат да го вратат настанот онака како што Марин замислувал да го направи.

На него ќе учествуваат 40- тина актери од сите театри во земјава млади актери, на кои секогаш им се дава шанса на оваа манифестација, и 22-члениот оркестар, “Баги биг бенд”.

Шоуто ќе трае околу два и пол часа, ќе има и пеење и смеење и шеги.

„Еден од најголемите театарски творци Бертолт Брехт рекол дека театарот треба да забавува, па ова е таа форма” рече режисерот Дејан Пројковски, кој нагласи дека тие како организатори не се осврнуваат на тоа какви вокални способности ќе покажат глумците туку какво шоу ќе направат.

Кореографијата е на Олга Панго, диригент е Љупчо Мирковски, a аранжманите за песните што ќе ги слушнеме ги направи Бобан Мирковски.

А ќе има песни од големата евровизиска сцена, од домашните преставници но и од Југовизија.

Манифестацијата, која иако се одржува во споменатите термини, е по повод Светскиот ден на театарот, 27 Март, ќе ја водат двајца водители, чии имиња засега не ги открија од кои „едниот публиката ќе го запознае, а од другиот ќе се изненади“.

„Глумците пеат“ се поддржани од неколку спонзори и за првпат од Министерството за култура, за што Бабиќ изјави дека да бил жив нејзиниот татко ќе му дојдела “душата на место” со оглед на тоа дека претходно министерството никогаш не издвоило пари за ова шоу.

„Глумците пеат“ за прв пат се одржа на 26 март 1992 година, и со години беше водена манифестација во нашата земја за чии точки и изведби на сцена долго се зборуваше кај публиката.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.