Јапонска амбасада организира натпревар во цртање на деца

102

Амбасадата на Јапонија ќе го прослави Денот на децата во Јапонија, со натпревар за цртање и сликање.
По повод 30 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу нашите земји поттикнете ги децата да творат за нашето пријателство, за важноста на „кизуна“ (силна и длабока врска) со своите „томодачи“ (пријатели).
Отворен за сите деца до 12-годишна возраст кои уживаат да творат во техниките цртеж со јаглен, креда, молив, туш или сликарските техники фломастер, акварел, гваш, темпера, акрил, пастел, колаж, асемблаж се добредојдени на конкурсот, а димензиите на творбите не се ограничени.
Жири- комисијата составена од г. Казуја Оцука, aмбасадор на Јапонија, професор Гоце Наневски, Факултет за ликовни уметности – Скопје и професорката Дита Старова Ќерими, Универзитетот „Американ колеџ“- Скопје ќе доделат 3 награди, а ќе се додели уште една специјална награда за творбата објавена на нашата Фејсбук страница која ќе добие најмногу лајкови.
Почитувани родители, инспирирајте ги своите деца да се забавуваат низ ликовната уметност и испратете ни ги нивните творби во jpeg или png формат не поголем од 10 MB на [email protected] до 18ти април.

Со секоја творба, споделете го насловот на творбата, името и возраста на авторот.

Гласањето за доставените цртежи преку нашата Фејсбук-страница ќе трае дo 30ти април.

Денот на децата (こ ど も の 日, Kodomo no Hi) е јапонски национален празник кој се прославува секоја година на 5-ти мај. Тоа е ден посветен на изразувањето почит кон личностите на децата и славење на нивната среќа.

На овој ден, семејствата летаат змејови наречени коинобори, во форма на риба, крап (оваа форма се користи поради легендата што вели дека крапот што плива спротивно на течението на водата, станува змеј и одлетува кон небото). Начинот на кој овие змејови летаат на ветер, изгледа како да пливаат.

Црниот крап е за таткото, црвен или розев за мајката и еден крап (вообичаено син, или понекогаш зелен и портокалов) има за секое од децата. Понекогаш семејствата прикажуваат и кукла-самурај како јава на голем крап (најчесто ги илустрира јапонските фолклорни херои Кинтаро или Момотаро кои во моментов се изложени во Скопје и можат да се погледнат во Археолошкиот музеј) и/или традиционалниот јапонски воен шлем, кабуто, како класичен симбол на сила и виталност.
На овој ден вообичаено се послужува кашива мочи (лепливи колачи од ориз полнети со џем од црвен грав и завиткани во дабови лисја) и чимаки (леплив сладок ориз завиткан во лист од перуника или бамбус).

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.