Македонија во тага: Нѐ напушти легендарниот менаџер Велибор Џаровски Џаро!

197

Скопје 25 април 2024 година

По кусо боледување, на 75 години во Скопје почина Велибор Џаровски- Џаро најпознатиот и најхаризматичниот менаџер во поранешна Југославија, роден на 20 Март 1949 година.
Уште во детските години поминати во скопската населба Ѓорче Петров каде живееше целиот свој живот, се препознала неговата неверојатна итрина, која потоа му послужила да се вивне највисоко во естрадните орбити на СФРЈ.
Во текот на својата кариера Џаровски работеше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, ги откриваше, создаваше, воздигнуваше, а најмногу соработки имаше со Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Мики Јевремовиќ, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена, Дорис Драговиќ, Бора Чорба, Арсен Дедиќ, Игор Џамбазов, Владо Јаневски, менаџерот Рака Мариќ и многу други…
Го нарекуваа и „крал на местенките“ во фудбалот, нешто за кое и самиот отворено зборуваше и според сопствено признание имал наместено над 80 натпревари, за што одлежувал и куси затворски казни. Местел и фестивалски победи и евровизиски преставници во Југославија, а има изјавено дека организирал околу 5.000 концерти и бројни турнеи во својата 35 годишна кариера.
Пред речиси дваесеттина години создаде и монодрама со свои доживувања и анегдоти, која ја прикажа во Скопје, Белград и во други градови во регионот…
Минатата година неговата ќерка, новинарката Милица Џаровска ја објави книгата за него “Џаро- Живот на коцка” и веднаш се распродаде.
Џаро имаше и свои телевизиски емисии на разни телевизии, даваше изјави за разни медиуми, меѓу кои и за познатата германска телевизија ЗДФ. Имаше извонредна соработка со сите новинари, бизнисмени, политичари, спортисти….
Исклучително шармантен, топол и општо обожаван во секој дел на просторите на поранешна Југославија и од сите структури на општеството беше и ќе остане ненадминат, најитар и најсакан менаџер кому сите врати му беа отворени.
На почеток на самостојна Македонија се кандидираше и за претседател, но во политика понатаму, директно не се вклучи, а политичарите секогаш беа благонаклонети кон секој негов совет.
И самиот велеше: “Македонија да ме сака половина од тоа што ја сакам јас неа, ќе сум најсреќен човек!”
За својата сакана сопруга Виолета по потекло од Косовска Митровица која многу ја почитуваше, секогаш имаше најубави зборови, а ја запознал на еден од изборите за мис, во Југославија каде била закитена со лента за убавица. Од ќерката Милица и зетот Игор ги има внуците Лара и Лука, актерка и тромбонист, кои му беа најголемото богатство.
Беше “радовиден” гостин на сите настани каде и да се појавеше, а во негова чест на 7 октомври 2011 година се одржа концерт во Универзална сала на кој зедоа учество Калиопи, Мики Јевремовиќ, Влатко Илиевски, Горан Бреговиќ, Хелена Роза и други…
И самиот беше одличен пишувач и почна да си ја пишува автобиографската книга, полна со симпатични анегдоти со сите музички ѕвезди кои уживаа во неговите “вечни палавштини” и местенки и никогаш не му се налутија, никој од нив не остана оштетен а сите добиваа некој бенефит, но мозочен удар во 2000-та година го спречи во довршување на книгата, кога животот му го спаси доктор Јовица Угриновски, а овој пат по кратко боледување и од последиците на повторниот мозочен удар од 24 март, за жал, замина во вечноста.
Џаровски ќе остане запаметен како генијален менаџер над менаџерите, стар лисец, и неверојатно обожаван лик во сите милјеа и друштва. И во сите општествени фази и периоди и на поранешна Југославија и на современа Македонија.

(фото Јованка Гроздановска)

Уште многу има да се каже, но нека остане за некоја следна прилика. Него често ќе го споменуваме и ќе раскажуваме за спомените со славниот Џаро.
Му се поклонуваме и му благодариме за сите незаборавни моменти и настани кои ни ги подари. Беше привилегија да се биде во негово друштво. Маестро. Немаше кој не го сакаше. Останува во нашите срца засекогаш. Вечна легенда!

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.