2021 -Година кога “Мирно лето “, првата македонска филмска комедија одбележува шест децении од создавањето

506

Со најавата на одбележување на јубилејот -60 години од првата македонска филмска комедија на Димитрие Османли „Мирно лето “, Кинотеката на Македонија им ја честита Новата 2021 на сите соработници и вљубеници во филмската уметност.

„Мирно лето“ е македонски филм од 1961 година, во режија на Димитрие Османли , а по сценариото на Фрида Филиповиќ. Улогите ги толкуваат: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Дарко Дамески, Илија Милчин, Мери Бошкова, Петре Прличко и Стојка Цекова. Снимен со 35. милиметарска  камера  и во црно-бела техника, филмот трае 99 минути а снимен е безмалку, пред точно 60 години во Охрид.

Секогаш е интересно да се навратите и да го погледнете филмот во чија главна приказна е Младиот научен работник Заре Мисевски и неговата сопруга Мира, костимограф во театар. Тие живеат во изнајмена соба како потстанари, постојано изложени на вознемирувања и љубопитност на соседите. Во вакви околности, на Заре му се доделени клучевите на Етнографскиот музеј во Охрид , заради негово средување, што за семејството Мисевски значи бегство во оаза на мир и тишина, за време на трите летни месеци, колку што треба да престојуваат во Охрид. Сакајќи својата радост да ја споделат со пријателите, Заре и Мира, секој за себе, раскажуваат за добиената „премија“.

И така тоа лето, Заре и Мира се  Охрид, во музејската  зграда. Заре работи на својот проект, а Мира слика и се труди да не му пречи во работата. Но, проблемите почнуваат кога еден ден, на гости им доаѓа колешката на Мира, Дара Љубина, разочарана од неславниот крај на последната љубовна врска. Револтот на Заре сè уште не е стивнат, а во нивниот привремен дом доаѓа Нестор Гиевски, некогашен факултетски професор на Заре, кој патувајќи кон Атина , наминал кај нив на одмор. На новонастанатата ситуација, Заре и Мира бргу се привикнуваат, но не за долго. Братот на Мира, со своето друштво, дошол на гости кај сестрата и зетот. Инвазијата на музејот продолжува. Во дворот на музејот стигнуваат стрикото и стрината на Заре и семејството Поп-Коцеви, кои имајќи проблеми со сместувањето, на покана на стрико Тале, дошле во музејот. Ситуацијата во куќата веќе не може да се контролира, зашто владее општ метеж.

Токму тој метеж, смеа и непосредност е она што ни недостасува сега во овој нов начин на живеење. И затоа потсетувањето на овој филм и одбележување на 60 години од неговото создавање од таа 1961 година, е убава прилика за навраќање кон спомените од кои имаме многу да научиме.

Мр Татјана Гогоска

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.