Интервју со Елена Голомеова – Сопран

1709
golomeova

Интервјуто го водеше Татјана Гогоска

Емоциите, оригиналноста и искреноста најважни за оперскиот уметник

Миговите стануваат саати, сатите го создаваат денот, деновите поминуваат во години, годините во децении. И така наеднаш ќе речеме дека времето лета. Среќна сум што многу талентирани и успешни деца се дел од мојата професионална кариера, и јас сум дел од нивниот креативен развој во детството. Нема ништо поубаво од чувството кога тие деца што ги познавате во 8,10,12 години стануваат млади успешни луѓе. Секоја средба со нив е емоционално враќање во минатото, но и потврда дека она што го правите било добро.

Деновиве имав можност да се сретнам со Елена Голомеова, малата “Тина Татина”, сега познатиот европски сопран, која успешно ја гради својата оперска кариера во Франција, а оттаму и на европските оперски сцени.

Заедно  поминавме неколку часови дружба ова лето и открив што го прави исполнет и среќен животот на Елена

– Елена, во секој случај бурно и успешно лето во Македонија. Како се чувствуваш сега после двата концерти во Скопје и Штип?

Кога би го опишала со два збора тоа чувство би биле: прекрасно и мотивирачки. Јас би сакала да Ви се заблагодарам за оваа средба и Вашата желба да направите интервју со мене.

Благодарение на Амбасадорот на Република Франција во Македонија г-дин Кристијан Тимоније, по повод 25 години диломатски односи, го имав концертот во Македонската опера и балет. Искрено многу сум благодарна и на Амбасадорот и на Аташето за култура  на Франција во Македонија г-дин Бранко Чобанов како и на директорот на Францускиот културен центар, г-дин Емануел Рамбер, затоа што ова за мене беше освојување на сцена и публика токму онаму каде што во душата најмногу припаѓам.

Потоа го отворив на 29 јуни и Штипското културно лето како Општинска културна манифестација. Сето тоа како и престојниот настап на 14-ти јули во Франциската амбасада по повод нивниот Национален празник, ми го направи ова лето по многу нешта посебно.

golomeova

– Некаде слушнав дека после настапот и твоето деби како дете на фестивалот „Весело штурче“ прв пат настапуваш пред Штипската публика. Зошто требаше толку време да помине?
Да,така е! И јас се прашувам кога поминаа сите тие години. 18 години како сум во Франција, пред тоа настапував во музички серии за деца, на концерти ама во Штип после настапот со песната „Тина татина“ на Фестивалот „Весело штурче„ , прв пат настапував сега. И да ви кажам дека чуството беше исто. Како сите тие години да не поминале. Таа сала, голем број исти луѓе, тогаш пеев прв пат на сцена детска песна, сега веќе како изграден сопаран настапував со оперски дела, но чувството пред таа штипска публика ми беше исто. Она всушност што беше идентично беа емоциите и моите и на присутните во салата.

golomeova

  Што ти овозможи твојот професионален живот во Франција?

Мојот живот во Франција ми овозможи многу. Таму заминав во четврта година средно, матурирав, се запишав на Музичкиот конзерваториум во Ница, завршив и мастер студии и работам. До скоро центарот на мојата работа беше Ница  и поедини гостувања во Мец и Националната опера во Ненси, со Операта „Јоланта“ , во Лион настапував со главна улога во „Свадбата на Фигаро“ , убав настап имав и во салата Лисински во Загреб со Хрватски дела , во Монако настапував во „Реквием“ …и други… Скоро се преселив во Париз. Париз е волшебен град со многу можности  за уметниците. Таму следниот период ќе настапувам повеќе. Париската опера ме обзеде, таа сцена , тој амбиент кога прв пат настапував таму и тоа ми е едно од подрагите настапи. Инаку Франција ми помогна покрај образование, да добијам самодоверба, да знам кога и колку на сцена да  ги покажам емоциите. Инаку Франција е многу добра земја од секој аспект па и од климатски, што е многу важно за еден оперски пеач. Јас сум  со години на Азурен брег, на 15 мин стигнувам на Алпите на скијање, а за предностите на Париз веќе споменав.

golomeova

– Кој е твој најомилен проект на кој си работела?
Ги има повеќе покрај настапите на Париската сцена, сепак би го издвоила учеството во големиот оперски проект во Ница, тоа беше француската опера „ Без огниште“ од Жан Клод Петин, каде учествувавме над 300 уметници само на сцена, а во самиот проект беа вклучени премногу уметници од секој аспект, и чинеше околу милион евра. Јас ја играв главната улога а партнер ми беше најдобриот баритон во Франција, Жан Филип Лафон. Сета таа бројност, проби, професионалсност од која има што да се научи ми е едно од најдобрите искуства.
Исто секогаш се присетувам на целовечерниот концерт во живо со оркестар на Француското државно радио. Беше убаво и незаборавно искуство.

golomeova

– Се разликува ли Француската оперска сцена од Македонската?
Па се разликува, и тоа многу. Сега додека одев на проби и додека беше концертот имав прв пат можност да позборувам со наши оперски пеачи, оркестар, членови на хор. Во Франција во оперите вработени се членовите на хорот и администрацијата. Оперските пеачи сме на проекти. Односно колку си добар, колку те бараат само тогаш опстануваш. Државата те следи и ако имаш во годината постојан ангажман тогаш одвојува некој финансиски дел за тебе како уметник. Тоа е тешко од една страна, но од друга многу поттикнувачки и ме тера секогаш многу да работам и така мојот менаџер да има врз основа на што да ми договара нови и нови ангажмани.

golomeova

– Што е предизвик за тебе?
За мене најголем предизвик е сцената. Секогаш сцената преку која можам да допрам до публиката. А таа, публиката е мотивот за нашата работа. После првите минути на неизбежна трема, останува да и се доближиш на публиката и кога сето ќе заврши од нејзиниот аплауз знаеш колку си успеал во тоа што си го работел.
Мене лично ми се потешки концертите, настапите како поедини делови, јас ја сакам целата ОПЕРА, ја сакам играта во неа, градењето на ликот кој што го играм, глумата. Целиот тој спој ми дава можност целосно да се искажам.

golomeova

– Каде си дома? Во Македонија или во Франција ?
Јас сите овие години, со гостувања, патувања, настапи научив секаде да си го наоѓам својот дом. За мене детството е поврзано со Штип, но мојот дом е во Франција….но ако работам проект на пример во Монако, со првото стапнување во хотелста соба или сместувањето, јас создавам енергија дека тоа е мојот дом. Така ми е поубаво и се чуствувам секаде своја.

golomeova

– Од она девојче што ја пееше “Тина татина” , колку сеуште има во оперскиот сопран Елена Голомеова која ги освојува Европските оперски сцени?

Има многу. И да не е така  не би била ова што сум. Таа Елена „Тина Татина“ ја има во мене, чувствата што ги имав исти се како и сега. Кога се подготвувам, кога пејам, кога настапувам. Јас сум таа. Истата спонтаност и истите емоции а тоа го прават еден уметник, но и секој човек да се разликува и да биде препознатлив.

 – И за до некој друг повод и средба, ќе те прашам за твојот приватен живот. Надвор од сцената со што си најсреќна. Каде се гледаш за некоја година надвор од сцената?

golomeova

Патиштата животни понекогаш се непредвидливи и чудни. Среќна сум со семејството. Размислувам и за основање на свое семесјтво, но некако се одложувам заради начинот на живот што ми го создава мојата професија. Гледам многу случаи кога мои колешки со мали деца, губат улоги, не можат да држат чекор…треба да одлучам дека е време да направам пауза во професионалниот живот од две-три години за да се посветам на создавање на семејство. Но, како што реков животот е непредвидлив, се е во комбинација.

golomeova

Она што и посакувам а секако е и нејзина желба е гостување на Елена Голомеова – сопран во некој од проектите на Македонската опера и балет. Да ја видиме дома на нашата сцена. Опциите се отворени, можностите пред неа. Од нејзиното годинешно искуство,таа вели дека е позитивно изненадена од атмосферата во оваа наша Национална оперска институција ,од сите со кои соработувала . Се надева дека ќе се оствари некоја соработка што би ја направило многу среќна.

Фото-приватна галерија на Елена Голомеова

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.