По трагите на македонската народна песна- „Послушајте патриоти“ испеана за јунакот Александар Караѓуле Охридски

3118

По трагите на македонската народна песна- „Послушајте патриоти“ песна испеана за јунакот Александар Караѓуле Охридски. Песната прв пат е снимена од македонскиот бард во народната музика Никола  Бадев во Дискографската куќа Југотон во Белград. Потоа во Музичките студија на Радиот Телевизија Скопје ја имаат испеано и Јонче Христовски, Гоце Арнаудов, Александар Митевски и е зачувана како револуционерна македонска песна во редот на македонското музичко богатство.

Инаку, Александар Караѓуле Охридски, е македонски национален деец од крајот на 19. век. Тој е македонски емигрант, кој во тоа време живеел во Софија и се залагал за македонска национална посебност, продолжувајќи го на тој начин отпорот на Македонците против бугарската црква – Егзархијата и нејзината пропаганда за побугарчување на Македонците.

Во тоа време Македонците немале своја матична црква, бидејќи по заслуга и клеветење од Грците, во 1767 година Охридската архиепископија била укината од турскиот султан. Еден век подоцна, во 1870 година, покрај веќе постоечката грчка Патријаршија, турскиот султан и дал дозвола и на бугарската Егзархија да биде посебна црква на територијата на турската империја.

Бугарите едвај го чекале тој момент, за да ја почнат својата пропаганда во Македонија. Благодарение на црковно – словенскиот јазик, кој на Македонците им бил поблизок од грчкиот јазик, бугарската Егзархија почнала да ја истиснува грчката Патријаршија од територијата на Македонија, и Бугарите почнале да назначуваат свои свештени лица, свои учители, на територијата на цела Македонија.

Со тоа од 1870 Бугарите почнале масовно да ја шират својата бугарска пропаганда врз македонскиот народ.

На сите Македонци кои посакале таму да ги задоволуваат своите верски потреби, им биле давани документи дека тие се Бугари и врз нив била вршена перфидна духовна и културна пропаганда (преку просветата и сл.), со цел истите да го прифатат бугаризмот. Оваа нова пропаганда наишла на отпор од страна на Македонците, а еден од нив бил и охриѓанецот Александар Караѓуле.

 

Александар Караѓуле Охридски во тој период (1885 година) работел како одговорен редактор на весникот „Македонски глас“ (и тоа почнувајќи од бројот 5. па до неговото укинување). Во последниот број од овој весник објавен е повик до сите Македонци во Бугарија, со оружје да влезат во Турција и да се борат за ослободување на Македонија.

Интересно е дека оригиналните примероци од овој весник (кој дејствувал на чиста македонска национална основа) денес се кријат во Бугарија и истите се недостапни за пошироката (дури и научна) јавност. Александар Караѓуле бил главен организатор и на Македонското читалиште во Софија (околу 1889 година).

Под изговор дека е учесник во дејства против тогашната бугарска влада на Стамболов, Александар Караѓуле Охридски, е уапсен заедно со други Македонци, и во 1892 од страна на Софискиот суд е осуден на смрт. По тешките измачувања, Караѓуле истата година е обесен во затворот во Софија.

За ѕверствата на кои биле изложени Македонците во бугарските затвори, подоцна пишувал и тогашниот бугарски весник „Согласие“, кој во својот број од 15 јуни 1894 година, известил дека затворениците во Софија биле „затворени во гнасни затвори, каде трпеле со денови, недели и месеци ужасни мачења. Најмногу биле тепани со песочни торби, коишто, без да остават видливи знаци, создаваат тешки внатрешни повреди…“

 

Послушајте патриоти

 Послушајте патриоти

да ви кажам словото,

на Ѓуѓовден бев затворен,

в црни темни зандани.

Во зандани бев предаден

од проклети шпиони

од проклети шпиони

неразбрани трговци.

Во зандани бев измачен

ниту вода ниту леб,

телото ми потемнело,

долга риза до земја.

Ах немој да ме мачејте,

јас сум невин како цвет

сум се борел за слобода

за човечки правдини.

Ах да знае мојта мајка

гробот да ми ископа

гробот да ми го ископа

спрема јасното сонце.

И на гробот да напише,

тук почива маченик,

тук почива Александро,

Караѓуле Охридски.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.