Почетна КОЛУМНА Насилството наше секојдневие

Насилството наше секојдневие

Одземањето на туѓ живот е неприфатливо за здравиот разум

Не можам да се сетам колку време наназад секојдневно Македонија ја потресуваат трагични настани. Последно, како што веќе сите знаеме, е двојното убиство и самоубиство во Велес. Убиени се татко и ќерка, а самоубиство изврши сторителот на овој грозоморен чин.
Каков е тој нагон да се одземе нечиј живот? Зошто луѓето убиваат други луѓе? Ова се многу комплексни прашања кои веројатно сите си ги поставуваме. Иако психологијата се обидува да даде одговори, се чини дека не секогаш успева целосно. Имено, постојат различни можни мотиви, околности, социјална средина, културни и други рамки, но и законски прописи.
Страста, љубомората, афектните состојби, заматеност на свеста, менталните болести и нарушувања како што се шизофренија или параноја се најчестите фактори кои се сметаат за причини што го тераат едно лице да изврши убиство.
Одземањето на нечиј живот, а да не е несреќен случај, секако е неприфатливо за здравиот разум. Иако овој чин на насилство се случувал од памтивек, тешко е да се прифати фактот дека генерално не може да се спречи, без оглед на правните последици.
Семејното насилство, или насилството во партнерските односи не е проблем само на оние што го доживуваат, туку и на целата заедница.
Најчесто секое убиство има своја историска позадина. Во последниот случај со двојното убиство и самоубиство во Велес, јасно се гледа дека жртвата подолго време ги преземала сите законски чекори со надеж дека надлежните институции ќе и ја дадат соодветната заштита. Но, лежерниот однос на институциите и неодговорното постапување кон овој проблем, доведе до трагичен исход. Она што институциите можат и мораат да го направат е да ја сфатат сериозноста на секое пријавено насилство од било кој вид. Со други зборови, да престанат првичните пријави да ги чуваат по фиоки, донесувајќи паушални оценки за тежината на пријавениот пробле. Дополнителна обука на кадрите кои се „стручни“ за ваквите случаи, секако би допринела за побрзо, посовесно и постручно приоѓање на проблемот на жртвата. Една од поефикасна мерка би требало да биде заострување на казните кои би се применувале веднаш при пријавување на насилство, а не како до сега да се чека судовите да одлучуваат по „брза постапка“. И секако, следење на насилникот  (доволно долг период) и неговото однесување кон жртвата.
Инаку, едно од подобрите обиди за некакво решение на овој општествен феномен, би било и запознавање со оваа тема уште во текот на образованието, бидејќи и на таа возраст има многу насилство и најверојатно истите тие деца со насилнички манири, подоцна, без грижа на совест, ќе станат насилници.
Влијанието на медиумите врз перцепцијата на јавноста за семејното насилство и родовото насилство, вклучително и насилството врз жените, е многу комплексно. Со поагресивно информирање на јавноста околу заштитата од секаков вид насилство, ќе се придонесе до подигање на свеста со што ќе се отвори простор за отворена дискусија, ако не за конечно решавање, барем за ублажување на последиците од овој општествен феномен.

Мартин Матас

 

metropolis-big