ОД МОЈ АГОЛ: Вистински “камбек” на Миланка Рашиќ!

166

Миланка Рашиќ е вонсериска појава во македонскиот телевизиски простор, тоа одамна го имаме констатирано, чиј волшебно радиофоничен нежен и мек глас, во комбинација со нежниот порцелански лик како од бајка, ја направија симбол на малиот екран уште од самото нејзино појавување, пред триесеттина години.

Изгледот ала “џепна Венера”, универзалноста, одличното познавањето на англиски јазик и пасионираноста за филмот, танц и за Евровизиите ѝ дадоа правец и професионално и стручно следење на темите кои умее да ги пренесе толку магично како од “фабрика за соништа”.

Нејзината софистицирана привлечност и модерна природна убавина, лишена од нагласена еротизираност, пак, исто така ѝ овозможува подеднакво да биде прифатена од обата пола и од сите генерации, а одмереното однесување пред камера и дозираното појавување во другите медиуми ѝ беа од полза никогаш да не биде до крај “изгустирана” за публика.

Младолика е, вечно млада, како да има дваесеттина години, веројатно тука и генетиката одиграла значајна улога, а за да бидеш на екран првенствено треба да асоцираш на младост и свежина, радост и здравје, не смее поинаку…

Отстранувањето на Миланка од малиот екран, во екот на нејзината најголема слава пред дваесеттина години, е епитом за свесното повлекување надолу на нивото на МТВ, што своевремено го направија извесни структури и тогашната директорка, на штета на гледачите и на телевизијата и ако нешто (посебно) недостасуваше таму изминативе две децении и чие отсуство се забележа, тоа е посочената водителка за која зборуваме.

Рашиќ се врати пред неколку години на Македонската телевизија, а во меѓувреме ја имаше на други приватни телевизии, за најглавниот настан од светот на забавата- церемониите на доделување на Оскарите. Само толку!

Значи: ја немаше, ама беше тука, се врати на МТВ и сега овој пат најавува би рекле вистински камбек. А со што? Веќе е познато и тоа.

Музичкиот настан што се очекува до нетрпение, “Оскаровска гала вечер”, на 28 февруари 2024 година во НОБ, со најубавите филмски песни, наградени со Оскар. А нив ќе ги пеат Наде Талевска, Андријана Јаневска, Маја Гроздановска- Панчева, Ана Петановска, Ана Мицковска, Игор Дурловски, Горан Наумовски, Даниел Данн и Христијан Тоневски во придружба на Оркестарот на НОБ и Националниот џез оркестар.

Настанот ќе започне со црвен тепих во 19.30 часот, и најверојатно со тоа ќе се долови и тој свечен уметничко гламурозен момент.

Церемонијата на Академијата за филмска уметност и наука е закажана на 11 март во Лос Анџелес, нешто што секако ќе биде повторно коментирано од Миланка на програмата на Македонска телевизија.

Скалилото на својата работа, оваа македонска водителка и тв авторка, одамна го постави повисоко и тука ќе се согласите дека од неа треба да учат, па затоа, како тв лик со остварени недопирливи и недостижни критериуми, рамна на Бранка Станковска, би рекле редно е да почне да обучува и добро селектирани млади водителки, паралелно додека ги води своите стандардни емисии.

Од друга страна има уште нешто плус, остана нереализирани нејзината замисла преку едно големо ТВ шоу да ги покаже своите вештини во танцување, што во иднина веројатно и ќе се случи. Таа е долгогодишна професионална танчарка и кореографка, особено ѝ се љубов латино танците, а во Македонска телевизија влетала случајно откако како млада снимала некоја танцова точка и била забележана од некогашните професионалци во таа куќа. Потоа следуваа бројни тв емисии, и водење на најголемите домашни фестивали “Макфест”, “Интерфест”, “Скопје фест”, “Мелфест”, “Езерски бисери”, Фестивалот на филмска камера “Милтон Манаки”, Евровизија и многу други …а јас како тогашна новинарка на весникот “Нова Македонија” и “Вечер”, посветена на фестивалска и на ТВ продукција, ја следев целата нејзина кариера од самиот почеток (и секако не дека беше зад камерите без одредени грешки при работата…но ставаме акцент на екранот).

Телевизијата е медиум кој бара посебен талент и впечатливост, но и знаење и “поткованост”, но бидејќи во случајов вистинскиот талент повторно застана на своето место, сигурни сме ќе ни покаже уште многу… Уште многу ќе ѝ даде на публиката како водителка, презентерка и коментаторка на планетарни значајни настани. Од тука, од студио, или пак од самото место, (впрочем, кадар од пред оскаровското кино-театарот Кодак во Лос Анџелес исто така е нејзин сон), ќе видиме, времето ќе покаже.

Засега е сигурно само дека Миланка на 28-ми, се враќа во голем стил пред својата публика!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго,

колумнистка и уредничка во “Кул Арт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.