Програма за Кинотека во ноември 2023

32

Во ноември, месец на есента, природата блика од разновидноста на боите. Слични на оние на виножитото. Најмногу преовладува жолтата, речиси како злато сјае во есенскиот амбиент. Токму вака кинотека за ноември подготви филмска презентација, разновидна во многу аспекти. Еве зошто.
На самиот почеток на ноември ќе започне со официјалната програма на МЕСЕЦ НА ЕВРОПСКИ ФИЛМ што ќе се одржи од 1 ноември до 9 декември. Во овој месец Кинотеката заедно со уште многу други кина во 70 различни градови во Европа ќе ја слави фантастичната разновидност на европскиот филм. Проектот МЕСЕЦ НА ЕВРОПСКИ ФИЛМ, предводен од мрежата на кина – „Еуропа синемас“, им за цел низ различни европски градови и преку различни европски филмови да презентираи специјални програми, настани и ретроспективи.
Но во овој месец кинотека испланираа сè до половината на месецот да бидат презентирани, во популарно наречената недела на филмот, јапонски филмови. Станува збор за понова продукција на оваа интересна и многу влијателна кинематографија.
Не се одминува нашиот, македонски филм. Тоа се нови проекти. Првин ќе биде промовиран ЛЕНА И ВЛАДИМИР. Режисерскиот потпис е на Игор Алексов, по сценарио на Александар Русјаков, а главните улоги ги толкуваат Сара Климоска и Тони Наумовски. Филмската публика ќе има можност, по неколку успешни патешествија, да го проследи ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ, новиот филмски проект на тетовчанецот, со долгогодишна адреса на живеење во Австралија, Горан Столевски.
Како еден вид пауза од играните филмови, ќе биде прикажан документарецот со провокативен наслов КАНАБИСОТ ОСЛОБОДУВА. Ова е есеј за неколкумина активисти од разни земји, кои се залагаат за легализација на канабисот. Мала ексклузива – во него учествува и познатиот, контроверзен музичар и инфлуенсер, Рамбо Амадеус. Културата на канабисот има битна улога во веќе култното остварување на браќата Коен, ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ. Филмот ќе биде проектиран на оригинална 35 милиметарска филмска копија.
Се продолжува со играни филмови. Шпански филмови со различно време на создавање, од различни автори, со различни естетски колорити. Неколку денови од втората половина на ноември се издвоени за филмовите од авторите кои се од Пиринејскиот полуостров. Од Апенинскиот полуостров, пак, односно од Италија, ни доаѓа филмот СЕ ПРАШУВАМ КОГА ЌЕ ТИ НЕДОСТИГАМ. Но пред ова остварување да го заокружи месец ноември во кинотека, времето ќе биде искористено за презентација на неколку наслови од филмографијата на авторката на документарци, Петра Селишкар. Тие се со различни содржини, од различни жанрови, а го претставуваат светогледот на авторката.
Така ќе заврши ноември во кинотека, но не и иницијативноста на овој храм на филмот, кој веќе ја подготвува програмата за последниот месец на годината, декември. Квалитетни филмови нема да ви недостигаат, порачуваат од Кинотека

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.