НА 3 АПРИЛ: Проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска ќе одржи предавање на Филолошкиот факултет

Годинешното издание на традиционалната манифестација „Денови на македонската литература“ во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе биде отворено на 3 Април 2024 година, со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе- Тасевска, којашто сиот свој работен век го мина на оваа Катедра на Филолошкиот факултет.

Предавањето ќе биде на тема „Српскиот и македонскиот книжевен романтизам“, а ќе се одржи во Библиотеката за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет, со почеток во 12 часот.

На отворањето на манифестацијата ќе се обратат деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Мартиновски и раководителот на Катедрата, проф. д-р Трајче Стамески.

Професионалниот пат на проф. д-р Виолета Пирузе- Тасевска (1950) е дел од историјата на Филолошкиот факултет при УКИМ. Во 1984 година, на Факултетот, Пирузе-Тасевска, со одличен успех ја има одбрането својата магистерска тема „Митови и митолошки елементи за македонските народни приказни“, а во 1991 година и докторската теза „Тематски и идејно-естетски приближувања и спротивности на романтизмот за српската и македонската литература“.

Сиот работен век го мина на оваа Катедра, како професор по нова српска литература и по други предмети, а беше и раководител на Катедра. Учествувала на многу еминентни научни собири во Р Македонија, СР Југославија и пошироко, а бројни стручни и научни трудови објавува во земјава и во странство. Автор е на значајни монографски публикации.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.