Почетна УМЕТНОСТ Изложби Од отворањето на самостојната изложба на Мирослав Масин

Од отворањето на самостојната изложба на Мирослав Масин

48

По долги подготовки, на 15 мај 2024, еден од најдобрите проекти за годинава го постеливме во храмот на уметноста резервиран за великаните на модерната и современа македонска ликовно-уметничка сцена, на наше и ваше големо задоволство. Бројната публика на самото отворање го маркира интересот за творештвото на Масин на највисокото ниво на скалата на почит и интерес за оригиналноста на Мирослав Масин како автор и како урбан лик.

На самиот официјален чин, директорката на Националната галерија се обрати пред публиката и забележа:

Особена чест и задоволство е вечерва, во име на Националната галерија и во мое име да Ве поздравам и свечено да го инаугурирам отворањето на ретроспективната изложба на извонредниот македонски сликар Мирослав Масин. Оваа изложба не е само прослава на уметноста; таа претставува и почит кон креативноста, страста, искреноста, доследноста и визијата на уметникот чии дела оставиле неизбришлива трага на македонската ликовна сцена. Националната галерија се грижи за валоризација, ревалоризација и презентација на значајни македонски уметници од различни генерации, почнувајќи од најстарите – основоположнички генерации па се до автори до денешната средна генерација кои имаат репрезентативни остварувања во нашиот визуелен паноптикон. Мирослав Масин е несомнено еден од нив.

Патувањето на Мирослав Масин како уметник е придружено со едно длабоко истражување, но и непоколеблива посветеност. Преку неговите слики, тој не кани во свет каде боите танцуваат, емоциите зборуваат, а имагинацијата нема граници. Секој потег на неговата четка е проткаен со чувство за цел, одраз на неговата длабока поврзаност со неговиот занает и неговата околина.

Мирослав Масин уметничката кариера ја започнува под влијание на експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, за кои иако различни во пристапот, вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудитство. Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции, а вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е заситената, интензивна и експресивна боја. Денес, со еден ретроспективен поглед врз неговото четириесет годишно творештво, тоа оддишува со една ПОП димензија (и покрај генералната разлика во стилскиот пристап од реализам, хиперреализам, фантастична фигурација, експресионизам) и како пристап, и како привлечност, и како начин на живот, полно со интензивен колорит кој го мами конзументот на неговото дело.

Уште од неговите почетоци Масин иницираше студија за интеракцијата помеѓу луѓето и природата. Како дел од ова истражување, тој посвети значително време на набљудување и претставување на птици, мајмуни, риби, но создаде и свои креатури кои се своевидна фантастична комбинација на анимално-човечки специфики. Своевремено, како дел од неговите перформативни акции – хепенинзи, Масин бил и затворен во кафез со мајмун во Зоолошката градина во Скопје. Со овие теми предадени со нему својствен и забавен експресионистички стил, истражува длабоки егзистенцијално- социјални прашања како што се потеклото на постоењето, природата на човечките вредности и илузиите, фиксациите и погледите кои го обликуваат нашиот вид итн.

Додека шетаме низ оваа изложба, ќе бидеме сведоци на различноста на уметничкиот репертоар на Масин. Од мртви природи, до портрети, до ново фигуративни – фантастини композиции, специфични фигуративни конгломерации кои се решавани со апстрактна промисла на композицијата со акцент на боената фасцинација итн… Неговото дело ги надминува границите и зборува универзален јазик кој резонира со сите што го гледаат.

Но, надвор од платното, наследството на Мирослав Масин се протега надалеку и нашироко. Тој не е само сликар; тој е раскажувач, филозоф и светилник на инспирација за генерациите што доаѓаат. Неговата уметност служи како потсетник на моќта на креативноста да трансформира, да нè подигне и да не обедини во нашата заедничка човечност, а тој како индивидуален пример докажува дека уметноста како професија и животна философија е можна. Боемот и вечен вљубеник во уметноста Масин, ужива со секој миг посветен на креативност, во секоја размисла, инспирација, внатрешна конфронтација и секако секој потег на четката врз платното. Не се заморува со високи позиции и „нарачана респектабилност“, туку едноставно живее за да слика и ужива во животот, и вели дека признанието ќе дојде само по себе и со одредена дистанца.

Нека оваа изложба биде прослава на извонредното и разнолико дело на Масин, но покрај восхитот од неговите слики, таа ќе не натера да размислуваме за длабокото влијание што уметноста го има врз нашите животи. Таа ќе послужи како доказ за трајното наследство на еден од значајните македонски уметници и нека не инспирира сите да ја прифатиме убавината што нѐ опкружува.

Дозволете ми сега да ја препуштам говорничката палка на кураторката на проектот, виш кустос во Националната галерија Маја Чанкуловска- Михајловска и секако на маестро Миро Масин.

На кураторката Маја Чанкуловска– Михајловска и тимот на Галеријата се заблагодаруваме за извонредната заложба, а таа пак во оваа прилика направи осврт кој го споедлуваме во целост:

Ве поздравувам и јас по повод отворањето на изложбата со уникатниот ликовен ракопис на авторот што веќе речиси 40 години ги руши стереотипите со своето творештво, почитуваниот Мирослав Масин.

За значењето на Мирослав Масин за современата македонска ликовна сцена само делумно говори фактот што вечерва сме собрани на отворањето на неговата 66та по ред самостојна изложба, на која низ годиниве и претходеа изложби во Македонија и тоа во повеќе градови, понатаму во повеќе градови на поранешна Југославија, но и во европските градови – Нирнберг, Џенова, Софија, Стразбур, Мајен, Париз, Лондон, Шато-гонтје, Краон, Сан Назар, со што слободно може да се рангира во редот на нашите најзначајни културни амбасадори. Освен изложбите, се разбира тука се и неговите инсталации, перформанси и акционо сликарство во Скопје, Битола, Нирнберг, Прага, Типова, Чимелице, како и видео арт, сценографии, студиски престои во Велика Британија, Франција и Чешка.

Авторската човечка и творечка харизма на Мирослав Масин од вечерва го освојува и Даут пашиниот амам, преку селекција на 150 дела (доминантно слики, потоа цртежи, графики, објекти) од сите периоди, а особено од последните години, односно повеќе одделни фази, почнувајќи од автопортрети, стари работи, Мајмун-човек-мајмун, реализам, пастрмки, Риба-птица-жена, Ашанте, Од кујната на Масин, Внимавајте, паѓаат јајца на око!, и се разбира со акцент на најновите дела од 2023 и 2024 година.

Вечерва сведочиме на избор од современиот колористички интензивен, гестуално експресивен бестиариум на Миро Масин каде гледаме мајмуни-примати со сите хуманоидни карактеристики не само во еволутивна, туку и во психолошка, емотивна и општествена критичност, трансформации со симболична епифанија, без оглед дали допираат до реализам, надреализам или чист асоцијативен експресионизам каде фрагментите се носители на значења.

Се разбира, слободата на изразот лежи во свеста за сопствената автентичност која резултура со конечна слобода на авторскиот израз, канализирана низ неизбежниот бунтовен крик на ослободување во однос на формата, колоритот, композицијата, чувството. Масин ги отфрла сите наметнати ограничувања и норми, пред се општествени трансформации и мерки на прилагодување и експериментална затвореност и создава еден жизнерадосен конгломерат на фрагментирани делови на телото кои врескаат во екстаза и радост, што, од своја страна, е резултат на прифаќањето на самата животна суштина на видот/родот и другоста одразена во сопствената различност. Со и наспроти сите претходни анализи и критики на еволуцијата и цивилизациските вредности, мајмуните, рибите, птиците, жените на Масин се восприемаат не само како одраз на авторската идеја, туку и како симбол на слободата и радосното прифаќање на себството.

Авторот, во типично личен жаргон се заблагодари на публиката и упати кратка порака: ДА СЕ ВИДИМЕ ЗА 10-15 ГОДИНИ, НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА Е ОТСУТЕН ПОРАДИ СМРТ!  За крај, отворање за кое долго ќе се зборува и пренесува, на листата од многуте додадовме нова урбана сторија – тема: изложбата на Масин. Фотографиите не можат да го доловат целиот сјај на настанот, но се доволни за да сведочат за прекрасниот моментум.

Ветуваме, за сите оние што немаа можност да присуствуваат, дека ќе организираме повторно настан во текот на траењето на изложбата и други бројни активности, да бидете во блиска средба со ликот и делото на неповторливиот Масин.

Фотографии, Маја Аргакијева

metropolis-big