Почетна МУЗИКА Фестивали Ќе се одржи манифестацијата Смилевски конгрес 17 – 18 мај 2024 во...

Ќе се одржи манифестацијата Смилевски конгрес 17 – 18 мај 2024 во Смилево

90

На 17. и 18. мај, за прв пат ќе се одржи манифестацијата смилевски конгрес во селото Смилево, демирхисарско. Имено, НУ Манифестација Смилевски конгрес- Смилево, е нова национална установа под Министерство за култура, која од оваа година почнува со работа.


Мисија и визија

Новата НУ Манифестација „Смилевски конгрес” преку креативна културна политика ќе се обиде да презентира авторски дела од културата чија мисија ќе биде едно поинакво читање на народната и современата култура, како жива материја и коректив во современото визуелно општество.

Тимот на Манифестацијата е составен од стручни лица од културата, истакнати и докажани во својата област и сите со заеднички став: дека квалитетната авторска култура е генератор на вистински вредности, клучни за нашето современо живеење и светоглед.

Манифестација ќе понуди автентични уметнички дела, без посебни амбиции да учествува во масовната културна продукција, но со намера, волја, знаење и смелост да визионира, да создаде решенија за најгорливите проблеми во сите клучни микро сегменти во културата и да се залага за нивно спроведување.

Манифестацијата ќе биде отворена кон сите коишто во нејзиниот глас ќе препознаат добронамерност и борба за убавото, секоко и кон оние кои сакаат да се ангажираат за општото добро без притоа да очекуваат директна лична корист.
Како нов Смилевски конрес, кои сме сите ние активни чинители во културата, заеднички сакаме да се бориме до создавање квалитетна уметничка инфраструктура што ќе обедини, промовира и поддржи автентична култура и уметност. Токму промоцијата на овдека споменатиот вредносен систем, преку авторски дела од културта, е наша мисија и цел.

Концепт на манифестацијата

НУ Манифестација Смилевски конгрес во село Смилево, Демир Хисар е нова национална установа од културата чија платформа овозможува и поттикнува соработка на различни нивоа од национален и меѓународен карактер. Манифестацијата е оформена со цел афирмација, претставување и прославување на културното и историското минато на село Смилево, Смилевски конгрес, Даме Груев и нашата земја. Смилевскиот конгрес во историско – културолошки контекст има исклучително значење кај македонскиот народ како негувана меморија, истакнувајќи ги придонесите на претседателот на конгресот Даме Груев кој има централно место во паметта на македонскиот народ.
Меѓутоа, современиот контекст и раководно – културната политика на Манифестацијата овозможуваат новиот Смилевски културен конгрес – кои сме сите ние активни чинители во културата, за кого се залагаме, да делува во оваа насока: славење на сето човечко искуство преку животите на одредени поединци и настани што се нашле и случиле во одредено место и време. Преку ова гесло ја исцртуваме основната задача на Манифестацијата: изнаоѓање на нови иновативни концепти и пристапи за промоција и заживување на културната меморија преку активна култура.
Во однос на дејствувањето, НУ Манифестација Смилевски конгрес е современ ресурсен културен центар за културна размена, создавање, промоција, поддршка и презентација пред сѐ на авторски дела од областа на културата и уметноста.

Карактер на програмата

На главната програма на Манифестација „Смилевски конгрес“ што ја сочинуваат две фестивалски вечери и претходат придружни предфестивалски активности: изработка на ленд арт инсталација која ќе го пренесува просторот и амбиентот низ уметнички филтри и цитати инспирирани од концептот на Смилевски конгрес. Инсталацијата би имала функција на сценографија на која ќе се изведуваат двете фестивалски вечери.
Првата вечер именувана Омаја е насочена повеќе кон традиционалниот аспект на манифестацијата, каде традицијата е во служба на наративот, а никогаш чисто покажување на техника. Омаја е митолошко битие од словенскиот фолклор чија основна карактеристика се сметала способноста да омајува – омаѓија (омае, замае), да маѓепса. Замајувањето во оваа смисла било сфатено како моќ за промена на нечија перцепција. Промена на перцепцијата за културната меморија како жива материја, нешто што е во постојано движење, е начело на манифестацијата.
Јатката на Омаја е визуелниот, музичкиот и мисловен набој содржан во фолклорот што останал во нас помеѓу пластовите време: од детството, од младоста, од животот. Самите ние спонтано ја сознаваме и емоционално ја доживуваме таа врска со културното наследство. Ни се чини како познат вик или како што би рекол Рацин: „како повик на ближен човек кој на нашите жици ги произведува истите треперења“. Целото наследство, кое несвесно го примаме, влијае на нашата фантазија која инспирира нови авторски откритија. Целта и беше таква, во форма што не нѐ обврзува на прецизност и „послушност“ кон традицијата, преку ленд арт инсталација низ музички слики и визуелно-инсталациски занес, да се искажеме современо, критички, естетски и привлечно. Од внатрешните културни спреги на тријаголникот: културно наследство – аудиториом – автор, произлегува еден своевиден нов авторски производ – коректор со соодветен резонанс во колективот. Културното наследство можеме да го сфатиме како говорница низ која може да се искаже авторот. Во тој систем, контактот со естетскиот опит во фолклорот се јавува како еден нов момент на творечко оплодување или сплотување при создавањето на современата естетика.
Првиот мултидисциплинарен настан од фестивалската вечер Омаја, во форма на музички и визуелни колоритни творби, ќе се обиде да ги детерминира и да приложи одредена поетика за трите суштински аспекти на проектот: музички, визуелен и изложбен.
Имено, авторска музика која знае да звучи драматично од една страна, но и топла и пријатна- од друга страна ќе биде изведувана во живо пред публика и професионални уметници, кои инспирирани од музиката што ќе се изведува и од амбиентот во с. Смилево, ќе се обидат да изведат инсталација што ќе биде изложена во седиштето на Смилевски конгрес. Музиката, претходно наменски компонирана токму за перформансот, во улога на омаја ќе го инспирира и опрашува интерактивното дело на уметниците со публиката. Во исто време посетителот ќе биде и учесник во таа симболична жива комуникација. Перформансот ќе биде изведен во куќата каде што е роден Даме Груев која воедно е седиште на националната установа. Овој простор, што ќе биде ангажиран и смислен со цел, на настанот ќе му даде особена атмосфера, акцент и асоцијација за вредноста на народната култура, како и критика кон реновирање и ревитализација, вклопување во просторот и доближување кон идејата и целите на проектот.
Вториот дел од фестивалската вечер Омаја замислен како прослава и славење на основањето на манифестацијата ќе биде обележан преку музички концерт. Некои од уметниците ќе направат музички современ осврт на познатата песна „Смилево славно в оган гори“. Целиот настан, преку ХНУ (истражувачко студио за храна, наука и уметност), ќе биде поддржан со кулинарските способности на некои уметници: уметниците готват специфични рецепти од нивната кујна и кулинарски навики за публиката.

***

R’n’T (rhythm and tangle) „ритам и плетка“ е концептот на втората фестивалска вечер повеќе насочена кон современиот аспект на Манифестацијата. Ритамот е основен принцип во архитектурата, дизајнот, литературата и поезијата, музиката, балетот, театарот, применетата и декоративна уметност итн., додека, пак, ритмичката плетка на основните елементи (линија, големина, текстура, форма, волумен, боја, тон) е градежна материја за методологијата во уметноста. Токму народната уметност е изградена врз основа на овие принципи на повторување, односно ритам на одредени елементи во одреден простор и метрика. Но ова важи и за современата музика во чија подлошка како основна карактеристика се јавува повторно репетитивноста. Доволно е да го споменеме рокенролот, електронската музика, џезот, авангардната сцена. Токму тој принцип, ритамот како културен ресурс, го одредува концептот на втората фестивалска вечер. Целта е да видиме како ритмите, дел од македонското културно милје – културата домаќин, плетат едно единство со извезни разлики, заемности и сличности со културата – гостин. Ако традицијата е сплет на културни наследства, ќе чуеме дека музичката плетка е начин на размислување и комуникациски акт што кај различни култури различно се манифестирал. Преку ваквите културни меѓуетнички преземања и акултурации ќе видиме како културите проникнуваат една во друга, каде се разидуваат и како се откриваат и надополнуваат меѓусебно.
Во втората фестивалска вечер ќе настапат меѓународни изведувачи и македонски автори чии фокус е во современиот концепт на авторската уметност со нитки од традицијата, каде традицијата е во служба на наративот а не во чисто покажување на виртуозна техника или директна разголена естетика..

Целта на манифестацијата и целни групи

Целта на манифестацијата е универзална: презентација и прослава на светското културно богатство преку дисперзирана култура (надвор од градот), естетско уживање, културна размена и соработка. Фестивалската програма наменета е пред сѐ за младите, но и за сите љубители на аванградната сцена. Програмата треба да поттикнува на истражување, да расветлува некои аспекти за улогата на културното наследство во денешното сѐопшто визуелно-информатичко општество. Дали може народната култура денес да има различни читања, на пример: да звучи универзално или како да звучи универзално? Како се инкорпорирало и провлекло во современиот глобален свет и со самото тоа: дали со глобалноста ги губи локалните карактеристики или добива на квалитет? Идентитетот и културното наследство досадна тема или коректив и насока на движење во современото општество?
Манифестацијата Смилевски конгрес како неограничен перформанс – што е во постојано движење и ротација, замислена е да биде едно патување во обратна насока: од современ јазик на читање и восприемање на културната меморија назад кон органско доближување до одреден круг љубопитници (особено помладата популација) преку народната култура која има несомнена градителска улога на патот на нашето еманципирање во национална, културна и духовна смисла. Прифаќајќи ја мислата на Монтењ дека „потешко е да се даде толкување на толкувањето, одошто само толкување на процесите и културата“, ѝ оставаме голема задача на публиката да го продолжи чинот на толкување на толкувањето, со надеж дека нивното поединечно искуство може да придонесе за искуство на поголем број луѓе. На тој начин тие ќе станат учесници во претставата продолжувајќи го нашиот перформанс.

Очекувани ефекти – актуелноста и можноста за одржливост

Манифестацијата актуелноста ја реализира преку раактуелизација и реобмислување на културното наследство, оттука и идејата за новиот Смилевски културен конгрес како аналогија на историскиот со иста форма, автентичност, друштво, заедништво, но со малку поразличен израз: како културно востание. Одржливоста е изразена токму преку очекувањето младите да ја продолжат идејата за културното наследство како жива култура и отвореност, а не – музејски експонат, маленкост, историска фрустрација и затвореност.
За односот култура – историја се пишувало доста. Но, дури и кога се кажува истото не е сосема исто кога нов индивидуален опит го премислува. Во таа смисла, бидејќи со текот на времето естетскиот јазик и вкусовите се менувале, цениме дека е повеќе од потребно да се задоволат новите културни вкусови – на современото живеење и култура, зачинето со наш творечки додаток што е значаен елемент од денешното живеење: во познатото да се открива непознатото и тие заемно да се преземаат и надополнуваат во современ глобален контекст.

***

Начин на функционирање

НУ Манифестација „Смилевски конгрес” – Смилево од ваков тип на институции во областа на културата, со оглед на функциите кои треба да се извршуваат во рамки на установата, има комплексен систем на функционирање. Имено, покрај организирање и јавното презентирање, изложување, собирање и обработка на податоци што се однесуваат на Смилевски конгрес, делото и спомените за Даме Груев, во главен фокус се сите подготвителни дејствија во врска со специфичната програмата за работа на Манифестацијата како дел од културните манифестации и национални установи што работат со посредување и истражување во културата. Тоа подразбира:
– истражување и обработка на едукативни содржини во врска со гореспоменатото и пласирање по дигитални, аналогни и печатени медиуми во текот на целата година;
– организирање на едукативни прошетки и школски тури со претходно подготвена информативна, промотивна и интерактивна содржина;
– изработка и поставување на патокази за седиштето на установата, едукативни паноа, уметнички инсталации, ленд арт, арте повера, маркации на места, траси и патеки на историски и географски клучни места за Смилево;
– анализа на современите светски текови во културата, уметноста и фолклорот и имплементација;
– развој на автентична културна стратегија за тековната година и изработка на културно-уметничка програма за Манифестацијата што подразбира: селекција на уметничка содржина, комуникација и ангажирање на уметници; креација, подготовка, набавка на потребни материјали, организација и реализација на авторски уметнички инсталации, ленд арт, арте повера, вајарски, ликовни, музичко – сценски, видео– арт, поетски, драмски, филмски и интердисциплинарни содржини; изнајмување на бина, бинска опрема, озвучување, осветлување и останата потребна логистичка опрема за потребите на Манифестацијата; исполнување на условите за гостување на учесниците на фестивалот според нивните технички рајдер листи, транспортни, акомодациски побарувања и потреби; обезбедување на услови и преземање на мерки за логистички, санитарни, транспортни, информативни, безбедносни, превентивни и други технички потреби за гостите и публиката; дизајнирање и изработка на каталози, плакати, платна, церади и други репрезентативни печатени материјали;
– презентација и поддршка на современи авторски литературни, аудио-визуелни, музички, драмски и интердисциплинарни дела;
– соработка и редовна комуникација со меѓународни институции, културни центри и поединци;
– организирање и гостување на работилници, семинари, саеми, научно – истражувачки средби, симпозиуми, состаноци, презентации, прес конференции во земјава и странство;
– издавачка дејност: публикации, зборник, списание;
– активности во врска со одржувањето на објектот, односно седиштето на манифестацијата, обмислување и креирање на иницијативи насочени кон проектот за обнова и развој на седиштето на Смилевски Конгрес – куќата каде што е роден Даме Груев.

(Оваа година Манифестација Смилевски конгрес е поддржана од Министерство за култура, Kromberg and Schubert Bitola, Smart Invest Group, De Niro Catering и Pela Rosa)

metropolis-big