Историјата не можеме да ја менуваме, но иднината можеме

39

По повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Битола од фашистичкиот окупатор, министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска положи свежо цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОАВМ во с. Лавци.
Исто така, заедно со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и претседателот на Сојузот на борци од Битола, Стефан Бошков, положија свежо цвеќе на споменикот на НОАВМ на плоштадот “Гоце Делчев” и на споменикот на револуционерот Стеван Наумов – Стив.
,,Како министерка за култура и како внука на носител на Партизанска споменица, горда сум што оваа Влада не ги заборави и со почит ги ревитализира паметниците кои сведочат за македонскиот отпор. Еден од нив е и во херојско Лавци – Споменикот на паднатите борци. Антифашизмот во Битола и во Битолско е вечен порив и повик. Зашто: „Народ задоен со борбата за слобода никогаш не умира!“ – истакна министерката Костадиновска – Стојчевска.
Во четиригодишната народноослободителна и антифашистичка војна, околу 270 борци од Битола и Битолско ги дале своите животи за слободарска Битола. Во борбата за ослободување на Битола директно учествувал и дедото на министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска, Пецо Гудовски, носител на Партизанска споменица 1941 година.
Традиционално секоја година во Битола свечено се доделуваат и 4-то ноемвриските награди меѓу кои и наградата за животно дело, која годинава ја добива новинарот Димче Миновски.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.