Се одржа првиот ден од дводневниот Форум за РОБ

77
Денес, 19-ти октомври (четврток) се одржа првиот ден од дводневниот Форум за Родово одговорно буџетирање под наслов “Going Glocal: Родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Молдавија”, заедничка иницијатива во рамки на проектите „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“ финансиран од Европската Унија и Мрежата за родово одговорно буџетирање поддржана од Австриската развојна агенција (ADA) и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), со дополнителна поддршка од Централно европската иницијатива – ЦЕИ.

Форумот беше отворен од страна на г-дин Енвер Хусејин, Заменик министер за труд и социјална политика, г-ѓа Марија Ристеска, регионалната директорка на Мрежата за родово одговорно буџетирање и г-ѓа Лидија Арсова, преставничка на Централно европската иницијатива.

Заменик министерот за труд и социјална политика своето обраќање го започна со реченицата “Родовата еднаквост, еднаквите можности на мажите и жените се приоритет на Владата на Република Северна Македонија.”  Тој посочи дека се преземаат активности за вклучување на родовата перспектива во процесот на стратешко планирање, заедно со Генералниот сектретаријат на Владата на Република Северна Македонија, воедно се ревидира упатството за подготовка на стратешките планови, нивно следење и известување за постигнатите резултати. “МТСП воспостави Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање, кој е дел од предвидениот план и програма за работа на МТСП, а е во согласност со програмата за работа на Владата. Центарот има за цел да помогне во напорите на Република Северна Македонија за системска и одржлива примена на РОБ како алатка во креирањето на политиките и буџетските процеси” – потенцираше г-дин Хусејин.

“Ни претстојат два многу важни дена. Првиот ден е посветен на меѓународните организации, кои имаат огромна моќ на трансформација преку развојна помош. Ќе развиеме дијалог со мултилатералните и граѓанските организации со цел да понудиме препораки за унапредување на практиките за следење на финансирањето за родова еднаквост. Вториот ден е посветен на иницијативите за родово одговорно буџетирање на регионално и локално ниво, потребата од користење на алатки за примена на РОБ за следење на политиките и финансирањето на климатските промени, за да излеземе од оваа повеќекратна криза со помал јаз во родовата нееднаквост” – порача регионалната директорка на МРОБ, Марија Ристеска.

Претставничката на Централно европската иницијатива, г-ѓа Лидија Арсова, во својот говор истакна дека иницијативата изработува план за следите три години, со фокус на владеење на правото и родовата еднаквост, важни прашања кои се важен предуслов за проширување на ЕУ. “Во основата на агендата 2023 се целите за одржлив развој. Европската интеграција и целите за одржлив развој се нашата ДНК, нашата мисија и сметаме дека најдобар начин за да се движиме напред е да се справиме со сите предизвици, особено во процесот на европските интеграции. Затоа, размената на знаења и добри практики помеѓу земјите членки на ЕУ и земјите кои не се членки е многу важна, што е всушност и цел на денешниот форум” – истакна г-ѓа Арсова.

Во рамки на првиот ден од форумот се одржаа три панел дискусии каде панелистите се осврнаа на актуелните методологии за следење на финансирањето за родовата еднаквост. Прашањата кои беа предмет на дискусија се предностите, слабостите и можностите за унапредување на родовите маркери кои се употребуваат од страна на ОЕЦД, ЕУ, агенциите на ОН и МФИ.

Беше заклучено дека само преку  заеднички напори и застапување ќе постигнеме промени. Потребна е имплементација на родово одговорно буџертирање од централно до локално ниво директно до граѓаните, што сè уште е предизвик на кој треба да се работи. Исто така беше заклучено дека е потребно сите вклучени страни да се залагаат за транспатентни податоци во однос на родово одговорното буџетирање. Распределбата на средствата иако се следи, расходите сè уште не се доволно мониторирани и транспарентни. Потребна е подобра проценка за тоа како буџетските распределби ги менуваат животите на луѓето.

Понатаму, се дефинираа на  цели и можности за заедничко застапување кон унапредување на употребата на алатките за родово-одговорно буџетирање. Родово одговорното буџетирање е национална обврска регулирана со измените на Законот за буџети, донесени во 2022 година, а чие целосно имплементирање на национално и локално ниво е предвидено да започне од 2024 година.

На форумот беа присутни повеќе од 90 претставници на меѓународни организации, активисти од ГОи, владини претставници и други засегнати страни.  Утре продолжува со работниот дел, каде фокусот ќе биде ставен на развој на методолошки идеи за родово-одговорно буџетирање за подобро информирање за активностите за ублажување и адаптација на климатските промени, како и важноста од вклучување родовата перспектива во политиките и буџетирањето за национален, регионален и локален развој.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.