Вечерва почнува 42. Скопје џез фестивал

19

Премиерната изведба на делото „After the Wildfire”, специјално за оваа прилика компонирано од страна на реномираните норвешки џез автори Јан Банг и Арве Хенриксен, а аранжирано и диригирано од нашиот Џијан Емин, ќе го означи почетокот на годинешниот 42. Скопски џез фестивал, вечерва во 20 часот во Националната опера и балет. Во изведбата на ова нарачано дело, составено од осум композиции напишани за труба, семплер, оркестар, перкусии, кавал, зурла и глас, покрај неговите автори како солисти, ќе учествуваат и норвешкиот перкусионист Ингар Зак, многубројниот оркестар на институтот „Фејмс“, како и неколку познати македонски пејачки и кавалџии. Јан Банг е реномиран норвешки музичар, композитор, продуцент и професор, како и уметнички директор на познатиот Punkt Festival. Тој е еден од најуспешните и највлијателните продуценти во Норвешка и своевиден музички иноватор. Арве Хенриксен, од друга страна, е веројатно најсестраниот норвешки музичар од неговата генерација, познат по извонредно уникатниот и индивидуален звук на трубата. Тој е еден од најелоквентните соработници во современата музика, кој има работено со огромен број светски музичари, како: Дејвид Силвијан, Џафер Јусеф, Џон Хасел, Хоуп Сандовал, Лори Андерсон, Џон Пол Џонс, Руичи Сакамото, Јон Балке, Мерлин Мазур, Арилд Андерсен и многу други. Банг и Хенриксен првпат настапија на Скопскиот џез фестивал во 2009 година, во иста вечер со покојниот Џон Хасел, а Банг во исто време беше и дел од бендот на Хасел.

 

Програмата продолжува во МКЦ, каде што, во 23 часот, ќе настапи култниот композитор, корнетист, пејач, поет и еклектичен ерудит Бен Ламар Геј со неговиот ансамбл. Станува збор за еден од најоригиналните џез-уметници денес, претставник на инспиративната чикашка музичка сцена и потписник на водечката издавачка етикета во светот кога станува збор за современа креативна музика, International Anthem. Звукот на Геј поседува уникатен, препознатлив стил што тој го нарекува „Pan-American“, со широк спектар на влијанија: од џез до фанк, од R&B до тропикалија и од хип хоп до електро и современа класика. Кај него, обединувањето на различните стилови е секогаш во служба на наративот, а никогаш чисто покажување на техника. Со неговиот вокал и корнет како темел, тој гради колоритни творби кои знаат да звучат радикално, од една страна, но и топло и привлечно, од друга страна. На сцената, ова може да отиде во непредвидливи правци, благодарение на блиската и интуитивна соработка со членовите на неговиот бенд. Активноста на експерименталната музичка сцена во Чикаго, како и тригодишниот престој во Бразил, му донесе соработки со бројни влијателни појави во светот на музиката, како: Асоцијацијата за унапредување на креативните музичари (AACM), Никол Мичел, Џеф Паркер, Џорџ Луис, Џејми Бранч, Макаја Мекрејвен, Томика Рид, Natural Information Society, Дејмон Локс, Џошуа Абрамс, Мајк Рид, Bixiga 70 и Енџел Бет Дејвид, меѓу другите. Го нарекуваат „визионер“ (The New York Times), „спектакуларно оригинален“ (Afropunk), „невозможно е да го категоризираш“ (Pitchfork) и „без дилеми, еден од моите омилени музичари на планетава денес“ (Џеф Паркер).

Повеќе детали за фестивалот: www.skopjejazzfest.com.mk
Инфо за билетите: http://www.skopjejazzfest.com.mk/bileti.asp
Facebook event: https://fb.me/e/2UxdvVwvb

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.