Од 1 ви до 31-ви октомври , ќе траат објавените Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2026 година.
Во согласност со член 62 од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16, 11/18 и 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 265/24 и 132/25), Министерството за култура и туризам, во септември во тековната година за наредната година, објавува годишни конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата. Годишните конкурси за 2026 година содржат услови за учество на конкурсите, критериуми и мерила врз чија основа ќе се врши оцена на проектите, процент на учество на Министерството во финансирањето на проектите, рок за доставување на пријавите и други информации. Право на поддршка на конкурсите имаат правни лица регистрирани во Република Северна Македонија во согласност со закон и физички лица, државјани на Република Северна Македонија.

Целта на конкурсите е афирмација и унапредување на културата во сите уметнички области и дејности, презентација и промоција на македонската култура и на културата на заедниците надвор од Република Северна Македонија, поттикнување на креативноста во творештвото, поддршка на врвните уметници и препознавање на перспективните млади уметници, обезбедување заштитата и одржлив развој на културното наследство.
Министерството за култура и туризам го продолжува реформскиот пристап во финансирањето на проектите од национален интерес, со мали измени кои доаѓаат како одговор на потребите на корисниците во културата. Како резултат на искуствени согледувања и детална анализа, направени се измени на конкурсите за 2026 година. Годинава, со цел реално евалуирање на проектите и соодветна распределба на средствата, минималната граница за прифаќање на проектите е поместена од 51 бод на 40 бода, а максималните износи на средства за поддршка по одделни видови проекти се зголемени. Исто така, креирани се и нови видови проекти како резултат на иницијативи и креативни концепти на корисниците.
Конкурсите информативно се достапни на веб-страницата на Министерството за култура и туризам www.kultura.gov.mk, a аплицирањето и оваа година се врши исклучиво електронски, преку Националниот портал за е-услуги: www.uslugi.gov.mk. Проектите заедно со бараната конкурсна документација треба да бидат поднесени електронски на системот за е-услуги најдоцна до 31 октомври 2025 година, до 15:30 часот.
За сите дополнителни информации во врска со обрасците, можете да се обратите до Министерството за култура и туризам, до соодветното одделение.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.