Во спомен на еден од Илинденците-“Во април 1907 година на ова место во нерамна борба со многуброен турски аскер херојски загина Војводата Ставре Гогов“

2008

Ставре Мате Гогов е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.

Ставре Мате Гогов е роден во струшкото село Вевчани во 1884 година. Нема образование како и поголемиот дел од населението и се занимавал со ѕидарство, по што со векови се познати Вевчанци. Работел на Косово во Ѓаковица но и на други места . Некаде една година пред 1900 -тата бил обвинет за убиство, по преданијата на грчки свештеник (според некои на турски војник) и бил гонет од турските власти. Се криел во околните планини а најмногу му помагал неговиот брат Јанкула Гогов , кој е мој прадедо. Јанкула бил женет и имал четири деца, три синови и една ќерка и затоа бил повнимателен но никогаш не го оставил брата си без помош кога и да било потребно.

Ставре Гогов се одметнал во 1900 година како член на ВМОРО, чија главна парола била „Слобода или смрт“. Од 1901 година станува член во четата на прилепскиот војвода Тале Горанов Бојаџиев, првата револуционерна чета која влегла во Струга.

Ставре Гогов, учествувал и во Илинденското востание, во четата на охридскиот војвода Лука Групчев. После Илинденското востание останал во четите а во летото 1904 година, по убиството на Јаким Алулов, Ставре станал  Војвода на струшката чета на ВМОРО.

Во 1906 година е ранет од четник, поткупен од српската пропаганда, но закрепнал од раните и иако имал само 22 години бил силен и храбар и не отстапувал од борбата за слобода на Македонија.

Во април 1907-ма година, Ставре престојувал во куќата на вујко си Трпе Шекутков во родното село Вевчани. Турците дознале за ова и редовна војска заедно со башибозукот од соседните села Октиси, Лабуништа и Подгорци ја опколиле куќата. Ставре Гогов заедно со домаќините издржале над 20 часа во нерамната битка, додека неговата свршеница Кота Христова успевала да ја помине опсадата и да им носи бомби и патрони. По завршувањето на куршумите, ВОЈВОДАТА СТАВРЕ ГОГОВ СЕ САМОУБИЛ. Со него загинуваат и Трпе Шекутков и брат му Кузман Шекутков. Снаата Андрица и трите внуци на Кузман Шекутков се ранети. Од нападот на аскерот и башибозукот загинале 27 души. Турците  ја палат и куќата. По убиството на Ставре Гогов, неговата свршеница Кота Христова, го убива предавникот и се вклучува во една од четите на ВМОРО.

Според кажувањата, заради големата храброст на Ставре војвода,Турците сами го кренале телото, покриено со бел чаршаф и го носеле низ селото до вечното почивалиште. А имал само 23 години!

 

Записот го направи Татјана Гогоска, според сеќавања од прераскажаните настани на својата стрина од Вевчани, Крстаница. 

 

Вечна им слава и спомен на сите што своите животи ги дале за слободата на ова парче земја, наша Македонија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.