2 август Илинден – Ден на македонската борба и самостојност

1875

2 август 338 п.н.е — важна битка на Македонското кралство под водство на Филип II се  одиграла близу Херонеја, во Беотија и била најголемата победа на  Филип II Македонски. Таму Македонците и Тесалијците под командата на Филип (со 32.000 војска) ги поразиле помалите здружени сили на Атина и Теба , зацврстувајќи ја македонската хегемонија во Грција. Филип II Македонски (382.п.н.е. октомври-октомври 336 п.н.е.) — крал на Македонија, бил татко на Александар Македонски во бракот со Олимпија, како и на Филип III Аридеј во бракот со Филина од Лариса. Во негово време започнал периодот на големиот подем на македонската држава.

Битката се водела по класичните принципи на војување — фалангата на Атина и нејзиниот сојузник, Теба наспроти македонската фаланга на Филип. Атињаните биле на левото крило, а Тебанците на десното (со важниот Свет баталјон) најдесно. Атињаните и Тебанците биле сместени до центарот на борбената линија. Кај Македонците пак, Филип го командувал десното крило, додека Александар го командувал левото – иако надгледуван од најдобрите команданти на кралот. Славните коњички придружници биле сместени позади македонската борбена линија.

Ова е најзначајната битка со победа на кралот на Македонија Филип II Македонски.

На 2 август 1903 година, почна историското Илинденско востание на македонскиот народ против Османлиската власт, еден од најзначајните настани во историјата на македонскиот народ. За време на востанието се воделе  битки кај селото Смилево, Демирхисарско, на Слива, Мечкин Камен, Крушевско, Карабуница, Кичевско, кај селото Арменско -Леринско, во Рашанец и кај селото Чаништа, Мариовско. Била создадена Првата Република на Балканот Крушевската Република а за нејзин претседател е избран Никола Карев. Славните војводи(Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански…), борци за слобода на македонскиот народ со многубројната војска и народ кој им се приклучил, успеале да ја одржат Републиката 10 дена а потоа биле поразени од многубројниот Турски аскер. 2 август 1903 е еден од најсветлите датуми во историјата на македонскиот народ.

2 август 1944 на Илинден во манастирот Свети Прохор Пчински кај Куманово, во присуство на 122 преставници на македонскиот народ е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Македонскиот народ ( АСНОМ). Во согласност со одлуките на АВНОЈ, Македонија е потврдена како рамноправна федерална држава во рамките на Народна Федеративна Република Југославија. Притоа АСНОМ е конституиран како највисок законодавен и извршен орган на народната власт на чело со Методија Андонов-Ченто, а македонскиот јазик е воведен како службен јазик.

 

Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) — врховно законодавно и извршно тело на Демократска Федерална Македонија во периодот од август 1944 година до април 1945  година, кога, согласно новите прилики, е реконституирано и преименувано во Народно собрание на Македонија. Македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ бил Методија Андонов -Ченто. Често, поради неговата функција на претседател на Президиумот на АСНОМ,  се именува и како прв Претседател на Македонија.

Нека е честит и вековит Илинден!

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.