СВП 2022: Доловен потретот на Таникава

13

Поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2022 година, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, беше претставен вечерва во црквата „Света Софија“ во Охрид.
За неговото творештво говореше македонскиот поет Никола Маџиров, кој истакна дека Таникава е еден од најиновативните поети во Јапонија.
– Поезијата на Шунтаро Таникава патува како неуловена птица низ омеѓените простори на јазиците, како семе посеано во ноќта што нечујно се преобразува во музика, во филм, во слика или калиграфско писмо, во вознемирувачка или успокојувачка тишина. Тој е најпродуктивниот и најиновативниот современ поет од Јапонија, чии стихови се појавуваат и во школски учебници и во мас-медиумите, но и во прогресивните книжевни списанија чиј канон се состои во рушењето на каноните – истакна Маџиров.
Осврнувајќи се на неговото творештво тој потенцираше дека неговата поезија е високософистицирана и полна со лирски и звучни асоцијации.
– Речиси во секоја книга поезија тој свесно и храбро усвојува различен модус, стил, стиховна хармонија. Иако неговите зборови се јасни, исчистени од формалност и фигуративност, а неговите стихови лесно се разбираат, сепак неговата поезија е високо софистицирана, остро исцртана како разгранети корења кон небото. Таа е полна со лирски и звучни асоцијации и со иновативни игри на зборови, но под ритамот на песните течат длабоки филозофски мисли и емотивни копнежи. Таникава има способност миговно и без особен напор да ги претопи секојдневните нешта во драматизиран концепт и токму тоа ѝ дава една магнетска особеност на неговата поезија. Неговите песни прво нè освојуваат со зборовите и сликите што изгледаат познати и лесни за разбирање, за потоа да нè поведат во длабочините на една пресекувачка стварност – рече Маџиров.
Тој додаде дека поезијата на Таникава нѐ учи како да си ја простиме суштинската осаменост.
– Корењата на поезијата на Таникава растат меѓу минералите на длабоката осама, каде што тишината е почеток на создавањето, вдишување пред издишувањето на првиот збор. Арс поетиката на современиот јапонски поет е болна и алхемичарска – од тишината да создадеш јазик, со тишината да кажеш за гласноста на светот, како птица што со молкот навестува бомбардирање. Стихот на Роберт Фрост вели: „да бидеш социјален, значи да простуваш“, а Шунтаро Таникава низ напукнатите прозорци на поезијата нè учи да си ја простиме суштинската, универзумска осаменост – заклучи Маџиров.
На манифестацијата синот на лауреатот, Кенсаку Таникава, прочита неколку песни од својот татко, а потоа изведе неколку композиции на пијано.
Таникава поради возраста не присуствува на фестивалот, а „Златниот венец“ во негово име ќе го прими неговиот син Кенсаку.
Годинашното издание на „Струшките вечери на поезија“ се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, на кое присуствуваат над 20 поети од странство и 30-ина од државата.
Свеченото затворање на фестивалот, традиционално ќе биде утре на Мостот на поезијата, со традиционалното поетско читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“,„Браќа Миладиновци“ и наградата „Мостови на Струга“ која Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга.

Влада Урошевиќ: Во Радован Павловски до крајот тлееше желбата да има свое живеалиште

Можам да речам, сега, уште на почетокот, дека Радован Павловски е еден од најголемите поети што пишувале на македонски јазик. Но, ја чувствувам оваа формулација како недоволна. За да се биде поблиску до вистинските димензии на неговата големина треба да се рече дека тој е една исклучителна фигура во македонската култура – и по својата поетска вдахновеност и по својата животна определба. Всушност – тие две страни на неговата личност во многу нешта се поклопуваат, исцртувајќи една единствена линија која тече, доследна на себеси, од првите објави на поетот до последниот негов здив.
Ова го истакна академик Влада Урошевиќ на меморијалниот настан посветен на неодамна починатиот македонски поет, есеист и патописец Радован Павловски.
Настанот се одржа вечерва во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид во рамки на „Струшките вечери на поезијата“.
Академик Урошевиќ истакна дека споменот за Радован Павловски сака да го фокусира со темите врзани за родителскиот дом, на неговата сигурност, но и на предизвиците што ги поставува светот што се шири наоколу, на темите на одделувањето од домот, на лутањата и на гладот по бескрајот, на темите за задомувањата и за раздомувањата.
– Последните години Радован Павловски ги минуваше осамен, стеснет во едно бедно изнајмено собиче, притиснат од болеста и од вечниот недостиг на средства за живот. Немаше никој да се погрижи за него, да му помогне. А во него, до крајот, тлееше желбата да има свое живеалиште, свое засолниште. Дали тоа беше носталгија по родителскиот дом, по рајскиот предел на детството, по големиот сеопфатен дом на природата која му дава своја закрила на детето? Му се јавив, неколку дена пред смртта, да му речам дека негова книга, голем избор од неговото поетско творештво, за неколку дена треба да излезе во Москва. Се израдува и потоа ја повтори својата поплака: „Јас немам никаква лична сопственост“. Неговите зборови изразуваа едно длабоко разочарување и во нив имаше и тага, и протест, и очајание. Не наоѓав одговор на ова ламенто. „Ти ги имаш твоите песни“, се обидов да го утешам. „Тие не се моја сопственост, тие се веќе општа сопственост која им припаѓа на сите“, одговори горделиво, но и со една горчливост во гласот. Тоа се последните негови зборови што ги паметам – раскажуваше во својот емотивен говор академик Урошевиќ.
Академик Радован Павловски почина на 84 години, на 22 февруари, 2020 година. Павловски, беше наречен и „принц на метафорите“. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а како и на Сојузот на писателите на СФРЈ

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.