ПОРТРЕТ НА ЕДНА ВРЕДНА ЖЕНА: Професорка Стефка Шиндаковска е полна со таленти и успеси на сите страни!

547

Царев двор
21.04.2024

Сакаме да ви доловиме жени кои гордо го понесуваат специфичниот македонски менталитет и креативност, и кои со својот персоналитет се издвојуваат од околината во која живеат и предизвикуваат одушевување и пример со своите изработки.
Првиот избор падна на една посебна дама од Преспа.
Нејзиното име е Стефка Шиндаковска (моминско презиме Думовска).
***
Родена кон крајот на 1957 година во Ресен. Основно училиште до IV одделение учела во Јанковец, каде што живеела сѐ до
1990 година кога стапила во брак.


Ни раскажа многу интересни работи за себе:
-Јанковец! Местото каде што пораснав. За тие што не знаат, практично е поврзано со Ресен. Ние што сме живееле таму никогаш не велиме дека Јанковец е село. Во нашето основно училиште учители беа Родна Ацевска и Сандре Татарчевски. Мене ме учеше учителката Родна. Јас бев одлична ученичка. Уште од тогаш сакав да цртам. Се сеќавам еднаш на одмор на табла нацртав девојче со гитара. Мислам дека гледав од некој учебник. Кога дојде учителката на час и го виде цртежот, рече да не се брише, да се заврти таблата од другата страна и така остана подолго време. Татко ми, уште од мала ми црташе зајаци, тој беше ловец и јас и ден денес на малите деца им цртам зајачиња во 2-3 потези.
Инаку, татко ми беше земјоделец, имавме овошна градина, бавча со јаболка и неколку сливи. Дедо ми имаше воденица и татко ми му помагаше. Мајка ми беше домаќинка, родум од село Наколец. Пред да се омажи за татко ми работела на Монопол во Ресен, во “Југотутун”, каде што потоа беше и моето прво вработување.
Од V до VIII учев во ОУ “Мите Богоевски” во Ресен. Еден од омилените предмети ми беше ликовно. Наставникот Екрем Далипи нѐ задолжи мене и мојата другарка и братучетка Аница да направиме портрет на Мите Богоевски како мозаик, техника со семиња од зелка, сусам печен и непечен. Потретот беше многу успешен и беше поставен на ѕидот во канцеларијата на наставниците или кај директорот. Со истата техника јас направив потрет на Драган Капичиќ, кошаркар на југословенската репрезентација. Сѐ уште ја имам сликата, така почнува да ги објаснува своите почетоци во уметноста, оваа дама, кои понатаму самата ги развила низ другите животни фази.
-Се запишав во гимназијата, тогаш “Стив Наумов” во Ресен. Во истата зграда работеше и ОУ “Гоце Делчев” попладне, а претпладне гимназијата. По втора година се делевме на смерови. Јас се определив за математички. Бевме три класа. Еден математички и два јазични. Ликовно ни предаваше професорот Данче Божиновски. Со него работевме портрети со пенкало или молив. Јас имав цртеж Здравко Чолиќ, преубав беше цртежот (а и Здравко беше и сѐ уште е). Ми е мака тоа што професорот ни ги зеде цртежите и не ни ги врати. Но, јас подоцна го нацртав и Мишо Ковач, мојот омилен пејач од V (VI) одделение.
***
Не кажав дека уште од мала велев: Јас ќе бидам уметник! Тоа не се оствари, ама љубовта кон уметноста постои и ден денес и ја искажувам и исполнувам на разни начини, понатаму се потсетува Шиндаковска.
-Во IV година прво и имав желба да земам матурска тема по латински, ама професорот ми рече дека е тешко, па зедов по француски јазик кој ми беше омилен предмет.
Дојде време за високо образование. Моите родители ме советуваа да се запишам на економски факултет. Јас се пријавив против моја волја, математика не ми одеше најдобро. Бев примена во вториот уписен рок, ама јас во меѓувреме ги поднесов документите на Филолошки факултет во Скопје, група француски јазик (романска филологија) и втор јазик италијански. Студирањето ми течеше убаво, интересно. Додека студирав имав време и да прошетам со цимерките низ градот. Тогаш имаше корзо. Првиот стан каде што бевме сместени беше в центар и можевме да излегуваме. Во тоа време го навезив гобленот “Пасторала”. При крајот на студиите имав можност да се пријавам за усовршување на јазикот да одам во Франција. Отидовме заедно со мојата колешка и другарка Васе, имаше и други четири колешки. Уште од дома знаевме кај која фамилија и каде ќе бидеме сместени.Чувавме деца. Јас имав среќа да бидам во замок чиј сопственик била мајката на мојата газдарица. Фамилијата беше на одмор во замокот еден месец заедно со фамилиите на двете сестри на газдарицата. Имаше уште две девојки за чување деца, една од Шпанија и една од Америка. Вкупно чувавме 10 деца. Моите газди имаа 4 деца: едно од 7 години, едно од 5 и две близначиња од 2 години. Има многу да се зборува за престојот во замокот Villeray. Ќе кажам само дека ги научив близначињата Јан и Орелија да бројат до 10 на македонски јазик и дека еднаш им направив вечера на сите 15- 6 и ние трите: мусака и нешто благо. Важно беа одушевени.
Уште еден месец поминавме во Евиан во прекрасна куќа, нивна сопственост Pré Curieux во Евиан на брегот на Женевско Езеро (Lac Leman). Имавме можност со цимерките да одиме со бротче до Лозана и еден ден во Шамони. Со мојата цимерка, американката Мелинда се допишувавме, а сега сме во контакт на фејбсук. Со газдите се допишував неколку години. Газдата, подоцна разбрав дека беше министер за надворешни работи и амбасадор…
Наредната година бев еден месец во Торонто, Канада, кај моите роднини, ни раскажува за своите спомени госпоѓата Стефка.
-Првото мое вработување како што спомнав беше во “Југотутун” Ресен, после 1,5 година откако дипломирав. Тогаш имаше распределба од Собрание и мене ми се падна таму да бидам претфрлена. Работев како архивар, технички секретар. Со колешките од книговодство разменувавме рецепти за благо и солено. Беше тоа во 1982 година. Таму работев 14 години додека отиде под стечај.

Во 1990 година се случила нејзината свадба, откога животот ѝ се променува и запловува во многу покреативни води.
-Од едното село најблиско до Ресен (кое никогаш не сме го нарекле така) Јанковец, се преселив во другото блиско село до градот- Царев Двор. Имав свекор и свекрва, која воглавно, зошто јас одев на работа, таа готвеше. Поретко, јас. Тоа беше во почетокот. Потоа, тие работеа на бавча и на нива, па готвев и јас. Јас бев млада, ама сепак имав искуство за готвење. Мајка ми беше вешта во кујна. Правеше вкусни јадења. Имавме во дворот и фурна и порано месеше и лебови, кои и ден денеска ми се во сеќавање. Правеше зелници и печива. Проба да ме научи да сучам, но јас не бев упорна и не научив. Тоа учев во подоцнежни години, а и сѐ уште се учам. Торти правеше кога имаше некој повод, што велиме ние овде: за некој себап. Ги украсуваше со најлон (цртеж) со отвори на него за да се исполни. Чекавме визита, именден за татко ми Симе, Св.Симеон и правеше ситни колачи.Така и јас имав некој мерак, желба за приготвување на храна, ги поврзував своите интереси во сферата на кулинарството.Додека бев на факултет, цело време живеев во станови и куќи. Со цимерките си готвевме дома, понекогаш јадевме сендвич или многу ретко одевме во менза.

-Порано си велев: каде што ќе се мажам да немаат јаболка, ама не излезе така. Свекорот имаше бавчи, продолжи и мојот сопруг, а сега и мојот син.
Мора да се помогне. Најмногу мојата помош е во бербата на јаболка. Порано ги беревме и прачките од резидбата со рака.
***
Јас бев бегалка од април до свадбата 9.09.1990, бев во Царев Двор.
Во 1994 година се роди мојот син. И пред свадбата и кога се роди синот доаѓаа гости (на честитање и со “повојница”) и ние приготвувавме по нешто. Правевме и салати и мојот сопруг Владе ги украсуваше, не којзнае како, ама сакаше да изгледаат убаво. Јас сѐ дотогаш не го правев тоа. Значи, велам, љубовта за декорација на салати ми е од него. А тоа го правам најмногу откога син ми ми отвори ФБ и имам 500- 600 фотографии само со салати во албумот. Па кога правам салата, секојдневна, сопругот се буни и вели: “Не играј играчки!”. А јас имам желба и почесто гледам да е спремна салатата, пред да се сервира ручекот.


Во времето кога одев на работа во “Југотутун” изработував кутии за накит и украсни чинии со школки, разни семки, коски од цреши, маслинки; шишарки, гранчиња од врби и сл. Идејата ја добив од свеќници од школки, купени од Бугарија. И јас прво направив слични свеќници.
Направив и слика на гипсана плоча со школки, песок и ситни камчиња, која ја имам во мојот дом. Берев билки, полски и домашни цвеќиња, ги пресував како за хербариум за да правам слики. Имам неколку, а имам во план да правам уште.
Не кажав дека после “Југотутун” бев 10 години без работа. Така, имав можност да испробувам рецепти најмногу од книги што тогаш ги порачував, а имав и подоцна, уште купував списанија,готвачи…”Храна и вино” е едно од списанијата што ми беше омилено и ретко ги пропуштав.

Испробував доста рецепти, правев торти за родендените за мојот син, по негов избор и беше многу радосен. Исто така правев и колачи, солени торти, палачинки…
Во 2007 година се вработив во ОУ “Гоце Делчев” и ОУ “Димитар Влахов” Љубојно, наставник по француски јазик прво бев на замена, на определено време, подоцна добив решение за непределено. Бев презафатена, тоа беше голема промена во мојот живот. Работата со деца е интересна, но не е едноставна. А особено поради тоа што денешните деца, поголем број го претпочитуваат англискиот, учат и сами на интернет, францускиот им е тежок. Наставниците, имаат доста обврски, администрирање доста…сепак работата си течеше.
Посебно задоволство за учениците беше кога имавме изработка на честитки за Велигден и Божик, за Нова година, со примена на францускиот јазик.

На денот на палачинките кој се одбележува во Франција, се организиравме и правевме палачинки што за нив беше посебна радост. Рецептот на француски јазик.
Го одбележувавме март- месецот на франкофонијата со цртежи на учениците во врска со Франција (и нешто од мене).

Пред да заминам во пензија направив и една изложба: за сите љубители на цвеќето. Испечатив повеќе од моите фотографии, цвеќиња. Изложбата остана подолго време, во 2009 година син ми ми отвори фејсбук. Полека, полека ми стана интересно, покрај можноста за запознавање и контактирање со голем круг луѓе, роднини, поранешни другари и можност повторно после подолго време да ги видиш на фотографија, ако не лично; можност за зачленување во групи во врска со тоа што те интересира. А мене, најмногу ме интересира: уметност (ликовна уметност посебно), групи за готвење, за здрава храна, за здравје од природата од каде што искрено многу научив. Научив покрај многу рецепти, декорација на храна, поставување на маса, празнична софра, рецепти од македонската кујна, а и од светот. Во тие групи, секако и на мојот профил споделував и споделувам и мои испробани рецепти, декорации и креации. Секако дека се важни коментарите и тие се поттик за нови и уште поубави, подобри рецепти и сл. Кога ќе видам нешто што ми се допаѓа, имам желба да пробам и јас. Научив да месам лебови и да ги украсувам и на мој начин; пити, зелници, печива, со готови кори, па има начини со готови, а да изгледаат како сучени. Пред извесно време пробав со тегнење и ми беше од прва успешно, што е посебно задоволство. Пробам да сучам, ама во тоа не сум баш најдобра
Испробувам доста рецепти од здрава храна!
Имам неколку пријателки од “Вешта жена” кои често ги следам и од посебно значење ми е кога ќе добијам позитивен коментар од некоја од нив. Инаку, следам и доста профили на познати готвачи.
Да се вратам повторно на ликовната уметност. Бев во една, две светски групи art contest каде што беше и мојот брат и имам повеќе пријатели уметници. Инаку мојот брат е електроинжењер, ама изработуваше, црташе и графики и имаше изложба во Битола и во Ресен, во Сарајот.
***
На фејсбук има групи и профили во врска со музика. Мене посебно ме интересира забавната музика.Кажав дека сум голема обожавателка на Мишо Ковач од мала. Имам пријатели и пријателки кои се фанови на Мишо и една од најголеми, најблиски пријателки ми е обожавателка на Мишо од Сараево која со семејството живее долги години во Далас,Тексас.
Од пејач од Риека, кој е исто голем обожавател на Мишо, пее најмногу негови песни и е основач и администратор на група “Краљ хрватске глазбе”, добив понуда да бидам и јас администратор на истата група. Не сакав да прифатам поради многуте обврски, потоа ме убеди и прифатив.

Така што, има доста корисни нешта на фејсбук, барем за мене, и секојдневно од нив црпам инспирација и ја преточувам во уметноста на мој начин…

Ете, повеќе од сигурни сме дека ви откривме личност која долго ќе ја запомните и ќе остане во вашите пријатни мисли и сеќавања….


Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.