ОД МОЈ АГОЛ: Кодот на Евровизија!

100

(Специјално од Малме 13.05.2024)

Не знам дали и на друго место во светот или само на овие простори владее ваква голема наметната паника, страв и сомнеж од глобализација и сатанизам, нешто што навистина јас се обидувам а не можам да го сфатам, но мене дефинитивно многу ми се допаѓа идејата за заедничка планета, макар таа била и само една ноќ, и тоа само за Евровизија.

Ноќ во која сите држави и нации сме едно, сме и еднакви и сме на исто место. Можеби таа идеја е утопистичка, но мене ми се допаѓа и ја носам во крвта.

Не само затоа што сме мала држава која копнее да е покрај големите, повеќе затоа што  Евровизија е нешто што не можам да го одделам од себе. Дури и за момент ако го занемарам фактот дека тоа е мојот прв спомен на кој се сеќавам од детството, најубавите забавни песни на повеќе јазици кои сум ги слушала и пеела и најсаканиот фестивал на сите времиња кој го сака и младо и старо.

Како и да е, Евровизија е мој дом и можам да речам дека сум среќна што се најдов насредина меѓу двете етапи – првата кога беше класичен и статичен фестивал и втората оваа која сме како во некој вселенски брод и ги доживуваме модерните чуда од сценски ефекти.

Но, ајде да расчлениме што е Евровизија денес?

Прво ќе се осврнам на дел од шпекулациите кои кружат- платформа за ширење на пропаганда на НАТО од каде наводно бил отпочнат фестивалот;  сцена за откривање, дефинирање и лансирање на нови патолошки состојби, болести и комплекси;  ширење на сатанизам (појава која постои од среден век и која денес се актуелизира во, за мене, некоја чудна пропагандна рамка и тоа само кај нас)…

Чисто се сомневам дека тоа е така, за настан за кој се даваат милиони, а можеби веќе и милијарди, и кои веќе 68 години го држи приматот на најубав, најгледан, најсакан, најдискутиран и најследен на светот, а него го организираат најголемите продуценти на денешницата. Тие не би фрлиле пари во воздух, сигурно, а сѐ што сакаат е паметна инвестиција која би значела – најквалитетно шоу што може, сѐ поголема гледаност и враќање на нивните финансии  со профит.

Шоу, како нешто што константантно ја надминува и целокупната продукција на самиот Холивуд и сите други глобални настани како Глобус, Греми, Оскар и слично.

Во последниве децении не е оној класичен  фестивал на шлагери но факт е дека е место од каде се лансираат прогресивните пораки кои ја засенуваат дури и самата музика. Пораки за слобода на личноста, бидејќи веќе сме време во кое тоа е дозволено. А секоја личност е подеднакво важна и потребна. И секоја одлучува за себе. Никој не може да стане тоа што не е. Се разбира, ден после фестивалот сѐ де враќа на старо и секој си е тоа што е всушност.

А на Евровизија сѐ уште е очигледно, затоа што веќе живееме во ера на отворени медиуми и ништо веќе не може и не смее да биде сокриено од очите на јавноста.

А таа секогаш наоѓа причина да се вознемири, без причина.

На пример, “барби евровизиска победа” на Швајцарија!

Тоа многу ја вознемири нашата јавноста, особено победникот со кусо розово здолниште (момчето инаку во прес центарот го видов и е како и сите други, и го забележав во неговите кадрици на косата, а се разбира дека не шета облечен така ниту пак некој друг поради тоа ќе почне да шета во розово здолниште). Но да не заборавиме, Евровизија е инклузивна и ја открива слободата на личноста во современиот свет, еве годинава во тој контекст и жирито изгласа прв небинарен пејач во историјата на натпреварот.

Ама очигледно е дека не беше поради тоа што се изјасни за небинарен.  Погледнете само каков перформанс, цел филм, одигра Немо со својата The Code, пред очите на цел свет. Супер-моќник на сцена. Веројатно и на прсти се бројат изведувачи кои би успеале она толку перфектно да го изведат, ако и воопшто можат.

Реално е дека на Евровизија (горе долу) секогаш победува најдобриот и најубавата песна и тука нема дилема.

Музиката сигурно нѐ држи заедно…

А Евровизијата се одвива на повеќе нивоа- музика, забава, драма и пораки. Сѐ тоа компресирано и прилагодено за генерациите кои доаѓаат. Тие може да ги впијат тие промени, повозрасните малку потешко. Затоа и за секој макар и најмал детал, има целосна побуна од вознемирените повозрасни генерации и сомнеж дека нешто лошо се случува или ќе се случува.

Меѓутоа, кодот е и бинарен- нула или единица, односно секој сам одлучува дали ќе се одушевува на тие чудесни сценски иновации, дали воопшто ќе гледа или не. 0-1.

Јас на пример и вечер после Евровизија 2024 јас сѐ уште имам главоболка. Од убавината на настанот. Од чудесноста!

Моќта на Евровизија, како и самата Евровизија на некој начин припаѓа на Шведска, и можеби затоа Швеѓаните (и) овој пат се потрудија да направат чудо. Чудо од чудо, чудо од приказна, чудо од шоу и чудо од визуелно патување во некоја друга димензија и некое друго време, ни овозможија визуелно да ѕирнеме зад завесата на космосот. Само небото е лимит за оваа екипа.

Ѝ честитам на Швајцарија на победата и на суперталентираниот Немо. Досега невиден перформанс како на Бродвеј и фантастичен текст, меѓудругото.

На Евровизија, навистина не можам да бидеш рамнодушен. Сфаќам. Тој е нејзиниот код. Или влегуваш си дел од таа приказна или не. Да ја набљудуваш од страна- не можеш, тоа е магија кога те вовлекува.

Тоа е најгледаното и најубавото шоу на планетата дефинитивно, и секоја наша реакција можеби би се протолкувала како револт што не сме таму, што не можеме да парираме и постигнеме висок пласман или немаме ни своја сала, а и таа една малечка што ја имавме богами изгоре под мистериозни околности. Како во сатанистички ритуали и обреди што ги правеле сатанистите во средниот век.

Но како и да е тука е малиот екран да нѐ одведе на евровизиското патување за кое ги кажавме забелешките ајде сега да наброиме дали забележавме и убави нешта, и кои беа тие.

Почнуваме, кој сака прв- нека повели…

…А пред тоа јас еве само малку ќе потсетам дека всушност ние, Македонија, ја имаме најголемата заслуга за реализирање на слободата на личноста на евровизиската сцена, со нашите поени доделени (по пат на домашен телевоутинг) за Дана Интернешнал во 1998 година со кои таа победи, поени доделени од дотогаш најпрогресивната земја на Евровизија, нашата, Македонија (се разбира не како “сатанистичка” туку само како прогресивна), и со тоа ја имаме најголемата заслуга за реализирање на слободата на личноста на евровизиската сцена, за што Малта ни е сѐ уште лута оти смета дека ѝ ја грабнавме заслужената победа од раце (за убавата песна) , од кога пак прво во Израел а потоа и во Европа целосно почна да се почитува и до израз да доаѓа слободата на травеститите … Оттогаш во Израел веќе и хомосексуалните двојки може слободно да живеат па дури и да си регистрираат брак како што ми кажа еден тамошен фактор- видна личност,  а Израел како земја стана наш поголем пријател…ние се покажавме за најголем предводник во тоа што се вели почитување на прогресивната и слободата на личноста и човековите права на травеститите, и тоа е за почит…

Валентина Ѓоргиевска Парго
Независен новинар и уредник во КулАрт

 

 

Патувањето е овозможено од ТА. Џина Брага Сиднеј и медицински центар “Холиомедика”- Скопје

Медиумска соработка: Симе Георгиевски- Радио Преспа и Скидроу Сиднеј, Живко Поповски Цветин- Здружение “Гороцвет”, Татјана Гогоска- портал за култура “КулАрт”

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.