Почетна Литература Licentia poetica Марина Мијаковска со нова книга, овој пат освојува со моќта на “Свилени...

Марина Мијаковска со нова книга, овој пат освојува со моќта на “Свилени времиња”

209

Скопје, мај 2024 година

Неодамна се одржа промоција на новата книга на познатата македонска поетеса Марина Мијаковска, насловена “Свилени времиња”.

Триумфална според пројавениот интерес на присутните, возбудлива по содржината на нејзината нежна поетска креација, овој пат ни претстави книга со стихови кои ги допираат чувствата и откриваат уште еден нејзин нов женски поглед на нештата, од поетските пластови во неа, кои еден по еден ни ги прикажува со секое свое ново издание и измамуваат воздишка.

Ви ја пренесуваме рецензијата што ја напиша  Лилјана Пандева.

***

Поетската моќ на концептот “Свила”

Седмата по ред стихозбирка на Марина Мијаковска е насловена како „Свилени времиња“. Насловот сам по себе  го упатува читателот на две работи: свилата, како материја и времето како димензија. Оттука, уште на почетокот пред нас се отвора една широка палета на свиленото, но и само една димензија на времето, зашто само таа и ја има. Сепак, зборувајќи за времето не можеме да зборуваме без просторот. Врската простор-време е речиси неразделива, испреплетена. Ниту просторот ќе го има без времето ниту времето без просторот, односно тоа е, условно кажано, рамката во која го набљудуваме универзумот и од која е тешко да се излезе, па се поставува прашањето што е простор а што време, на кое до ден-денес науката не дала најточен одговор и повеќе се занимава со тоа што е во просторот и во времето. Ако просторот има висина, ширина и должина, времето има траење. Ако просторот е статичен, времето се движи, тоа оди, и она што е сега веќе не е. Но ако времето го „врамиме“ во некој простор тоа остава траги, односно тие се резултат на искуството. Со секое она што веќе не е, ние сме поискуствени. Токму тоа искуство е забележливо во повеќе аспекти во најновата стихозбирка на Мијаковска. Таа е поинаква во изразот, а препознатлива, побогата во јазикот, повешта во експериментирањето со стихот и похрабра во изборот на темите. Зашто за да се зафати некој да пишува воопшто за времето, што и понатаму е најфилозофското прашање и најголемата мистерија на универзумот, а уште повеќе тоа да го направи во поезијата, потребно е знаење, умешност и талент. Очигледно е дека ништо од сето тоа не ѝ недостига на Марина Мијаковска. Напротив. Таа се фаќа во костец со времето, и тоа не само со едно, и тоа не како со време-невреме (најчесто користената синтагма за времето во литературата) туку со свилени времиња. Првата помисла за свилени времиња би била за меки, нежни, сјајни, шарени времиња. Затоа што тоа е првата асоцијација за свилата. Но, ако Мијаковска така ги пееше времињата не ќе ја имавме оваа стихозбирка ваква каква што е: полна со симболика, неверојатно метафорична, на моменти метафизичка, но и реална. Секако, потребна е вештина за да се открие токму секојдневието скриено под еден таков наслов. И повторно му се навраќаме на насловот, односно на свилата како материјал со сјаен изглед што потекнува од триаголна структура (поетски: три димензии) што ѝ дозволува на свилената ткаенина да ја прекршува светлината од различни агли, а тоа го може затоа што во основата свилата има голема тврдост, посилна е и од челик, растеглива е, тешко запалива и кај Мијаковска е превезот на сите времиња, какви и да се, или прекриени под нејзиниот превез или заштитени од настаните во просторот (дистопијата, граничните состојби, зазорот, нарушувањето на поредокот, недостатокот на рамнотежа.)             И структурата на „Свилени времиња“ е на некој начин четиридимензионална, односно составена е од три циклуси распространети во времето: „Проветрено време“, „Свилени времиња“ и „Времено сидро“. Во сите три циклуси што имаат и истоимена песна, како стожер на циклусот, го имаме зборот време, и тоа како именка во еднина („Проветрено време“), како именка во множина („Свилени времиња“) и како придавка („Времено сидро“). Зборот време и неговите изведувања, најчесто придавки со епитетски признак, го среќаваме околу триесетина пати во над осумдесетте песни што ја сочинуваат стихозбирката. И таа употреба на зборот време никогаш не е повторлива, освен во неговата основна форма. Времето кај Марина Мијаковска е: проветрено време, времеплов, одмерено време, болно време, проветрено време, пресметано време, време-невреме, свилени времиња, немерливо време, парчиња време, скржаво време, свенато време, смекнати времиња, изгубено време, нови времиња. Но, како што рековме времето е и метафизика, па оттука под време подразбираме и: столетие (Проветрено време: Надвиснете врели ветришта врз коприна/од столетие слепо;  Небиднина (Оживејте ја дремливата душа:/ до последниот Адам на земјава/ под разголената града на закопаната Ева,/ од бездушните потомци небиднина.); век (Огнено обилие: Чекам истопорена над нагрбавениот век.); години (Креативна: Натежнати камења-афекти/ низ платна раскопчани години.); милениум (Магичен круг: Мравката го гази грбот/ од два милениума.); ден: (Остатоци од денот); ера (Остатоци од денот: Остатоци од нечија храна сме!/ Во воздушестата ера во која/ послабиот го јаде посилниот.); самрак (Обвивка: невидливи страници/ во самракот/ светски истории.); денес (Потопени страни: Денес векот се дави во врелите води.); минато (Проветрени панталони: Со стуткани очи го гледам/ минатото со антички сенки…)… Мијаковска умешно ги поетизира сите зборови што асоцираат на време, притоа поврзувајќи го минатото со сегашноста, традицијата со совремието, што особено доаѓа до израз во одбирот на темите. Така, на пример, времето го мери со клепсидра (Клепсидра: Пред нас слушаме пораки/ за подобри времиња. Зад нас го газиме/ опашестото минато/ за да почнеме/ од нулта точка.) Токму оваа песна ни ја има мерната единица за времето: песочниот или водениот часовник, низ којшто јасно се гледа неговото истекување, односно траење. А додека песокот тече (Обвивка: песочниот часовник ги пустоши / последните сили истрошени души.), се случуваат војни (Обвивка: запурлив мирис/ од прегорен барут.); (Метафизички прашалник: …вештачки настанати војни.), но се слуша и крикот на поетесата за крајот на војната (Збогум на војната: Дувај ветре кон светлината/ тргни ја воената прав.) што е и крик против себеуништивање по секоја цена (Светот ќе застане: луѓето од сиот свет / да гладуваат за својата слобода.), но и против „медицинската епрувета“ во која нè стави една пандемија, настан од светски размери (Стаклен балон: Луѓето се внатре/ животните се надвор/), што води кон еден поширок дијаметар на светот, затворен. Најилустративен пример за тоа е песната „Затворен свет“, која всушност и најпластично го отсликува времето, односно времето како креација, токму како што го сфаќа и наука, независно дали е дефинирано или не: „Кога душата е затворена / изгубено е сетилото за имагинација. / Кога светот е затворен / единствено движење се мушичките во умот. / Кога умот е затворен /движењето и имагинацијата се залудна креација.

          Со ова се чини, Мијаковска сама го дефинира времето како движење, како креативност како имагинација. Чудесно. Сè е кажано во три строфи од по два стиха. Кога сме кај стиховите, односно кај версификацијата, низ целата стихозбирка Мијаковска има различен верс, односно не се задржува на еден модел, на една норма. Стиховите ѝ се подредени, се стекнува таков впечаток, токму така како што извирале од нејзината поетска душа. Не се забележува никаква иссиленост при нивното создавање, никакво дотерување, ниту пак, како што веќе кажавме, робување на нормите. Поетските сензации имаат стегната лапидарна и игрива форма, стихот е скалест и разигран (Дождовница, Сувопарност, Оклагија, Бесконечна синергија, Стаклено сидро). Во интерес на просторот, ќе ја пренесеме само песната „Бесконечна синергија“, не само поради скалестиот стих туку и поради фонетската фигура, што ни укажува и на една оригинална поетика.

Пат-паталец

пата-пата.

 

Пат по тебе

патагон по мене.

 

Почеток-пепел

на полпат

се среќаваме.

 

Пат во срцевината

стебло

од две

вгнездени души.

Се чини дека и покрај тоа што стихозбирка се состои од три циклуси, од коишто секој претставува целина сам за себе и во таа смисла секој циклус може да биде и самостојна стихозбирка, особено ако се има предвид и квантитетот, а не само квалитетот на песните, сепак читајќи ја стихозбирката строго одделување, односно разграничување помеѓу циклусите речиси е невозможно, со мал исклучок на третиот циклус, „Времено сидро“, затоа што времето како мотив го има во сите три циклуси, свилата како превез или како темел, исто така ја има во трите циклуса, а сидрото ја закотвува целата стихозбирка и во просторот и во времето. На тој начин Мијаковска ја поставува својата поезија не само на цврсти нозе туку во цврсти темели, без оглед на свиленоста нејзина (свилен играч, свилени буби, свилен гајтан, свилени сенки, свилени сништа, свилени стапалки, свилени сандаци, свилени коси, свилени пајаци, свилен товар, свилен оглав, свилени сенки, свилени страдања… Освен концептот свила, во оваа поезија на Мијаковска, исто така доминира и концептот стакло и сите негови транспозициски и семантички збороформи:  стаклени нозе (Светот ќе застане: Еднаш во векот ќе се случи/ времето да заспие во длабок сон,/ универзумот да стои на стаклени нозе) стаклен балон, стаклени прозорци (Стаклен балон: нам ни останува да ја вдишеме/капката живот преку одразот/од стаклените прозорци); стаклени сокаци (Магичен круг: Скокотливо ги свивам/свилените стапалки/по стаклените сокаци/ од расплакани градови);  стаклени очи (Одново се раѓа космосот/ новороденче кое со стаклени очи/ нè уверува во пламеното создание.); стаклено стебло (Проветрени панталони: седам свиткана/ врз ветките од стакленото стебло.); стаклени пајажини (Свилени времиња: Во стаклените пајажини/ стојат само/ свилените пајаци.); стаклени коси (Студена песна: Снежна убавице/со стаклени коси/ во снагата сочува/ зарѓан клуч…); стаклени скулптури (Сувопарност: Во проѕирниот простор/ стаклени скулптури, студот тивко/оцртува фигури за мечтаење.); стаклено сидро (Стаклено сидро, Бесконечно сидро: Разбудете ме на изгрејсонце/ до светилникот со стаклено сидро.). Можеби и не случајно поетесата сидрото како трет концепт го остава за крај, односно третиот циклус го насловува како „Времено сидро“. Оттука, досега кажаното само ја потврдува тезата за една кршлива, ранлива, свилена, но извонредно стабилна поезија што се закотвува како „стаклено сидро/ во временото копно.“ (Разбранувано) или го бара „скриениот сопатник во времето/ да се закотвам (Сидро со златна прав). Како и претходните концепти, и сидрото кај Мијаковска добива различна содржина: сребрено сидро (Воден танц: Без чемреење го тркалам/ сребреното сидро/ да се стопам/ со свилениот играч.); сидро со златна прав (Сидро со златна прав: Го зафрлам сидрото со златна прав/ во врелите води виделина/ до бесконечност,/ отаде границите,/ отаде јаството ограничености.);бесконечно сидро (Бесконечно сидро), што повторно нè води до бесконечноста на времето. Но за да имаме сидро, мора да имаме и вода. Целиот трет циклус на Марина Мијаковска е „воден“, а водата (Воден танц, Разводнета, Водено време, Течна, Сакрални води...) не оди без оган (Огнена), без земја (Стаклено сидро: Ме прегрнуваат/ дланките/ во кои/ земјата/ води љубов/ со водата.)  и без воздух (Водено време: Огнот гасне, воздухот се влажни. Крвавата котва/ го убива морското чудовиште.). Сите овие четири елементи се и експлицитни и имплицитни во „Свилени времиња“ на Мијаковска.  Нејзиниот поетски глас и меѓу редови пее. Поради слободниот стих и ритамот на оваа поезија е слободен. Можеме слободно да го замислиме како танц без правила, односно како што би го понела музиката. И сега доаѓаме до музикалноста во „Свилени времиња“, којашто е резултат на извонредната умешност на поетесата во употребата на фигурите на формата, на фигурите на повторувањето, на асонанцата и алитерацијата. Ова е поезија што треба да се чита на глас. Во неа одѕвонува звучноста: свила : сидро: сакрално : сребрено : стакло; време : времено : врамено : времеплов: водено: верижно; пат: паталец: пата : почеток : пепел итн. и токму тоа како читатели ќе нè поведе во еден времеплов, бесконечен. Затоа што ова е и поезија без крај – „магичен круг“, како времето впрочем.

Марина Мијаковска  со високо поставените естетски квалитети со „Свилени времиња“ се поставува во редот на современи и квалитетни автори што ги следат светските тенденции во книжевноста, односно во поезијата, особено на тие што сами по себе се поставија како оска околу која се движи светот– времето- невреме и како тоа да се преживее и победи. Со љубов, би рекла Марина Мијаковска, прекриена со свила.

Лилјана Пандева

metropolis-big