ОД МОЈ АГОЛ: Евровизија е фестивал на човекови права!

43

Еден новинар и тоа како може да ја создаде една одредена приказна. Неговата моќ е голема, кога намерата и желбата му се чисти.

И почетоците на Евровизијата се врзуваат за идејата на новинар, од Швајцарија, кој едно утро отишол на работа во Забавната Редакција каде работел и рекол дека нашол формула како да се смири закараната Европа секој со секого, после Втората светска војна, каде немало комуникација меѓу народите. Фестивал. На забавни песни, бидејќи поп музиката има универзален клуч и секој може лесно да ја восприми, и од моментот кога ја соопштил идејата за неполн месец- два била реализирана во Швајцарија со учество на 7 земји од кои сите морале да испеат по две песни, колку да се пополни програмата.
Победила домаќинката Лис Асија (1956) со песната “Рефрен”, и ја внесла приказната во приказната.
Оттогаш поминаа 68 години и исто толку изданија на фестивалот кој стана најомилен и најсакан во цел свет. Фестивал на лесни ноти, а длабоки пораки и суштина.
Тоа е фестивал каде биле испеани најубавите песни кои се пеат и денеска и од каде никнала најпопуларната поп група на сите времиња, Швеѓаните АББА победници во 1974 година.
Но, за разлика од првиот пат кога морале да пеат по две песни, сега организаторот има многу главоболки на таа тема, затоа што не знае кого побрзо да го вметне, пријавени се околу 40 земји, па и над тоа,  и постојано бара начин за праведна селекција, те претквалификации, те една предфинална и една финална вечер, те две полуфинални и финална и слично. За да не се почувствува никој отфрлен, иако фестивалот го прават и финансиите во нив ги вложуваат четири најмоќни земји- Италија, Франција, Велика Британија и Германија, а организацијата најчесто Шведска.
На фестивалот учествуваат дури и поранешни советски земји, земји од Блискиот Исток и далечната Австралија.
Веќе не е класичен шлагерски фестивал и на него може да се слушне сѐ и сешто, од пејачи со најразни имиџи, и  доколку порано се користеше како поим Евросонг, сега самиот поим Евро и Визија означува не само музика- тоа е трансформирано во нова визија,  телевизиско шоу кое треба да привлече внимание и преку суптилно вметнување на човекови права и затоа од година во години неговата милионска гледаност расте уште повеќе и повеќе.
Евро е затоа што тоа е фестивал кој во организација на ЕБУ дава европска рамноправност на сите земји кои се дел од неа- од најмала до најголема, да испратат своја песна и пејач, која ќе ги претставува таа ноќ, на својот мајчин, англиски или на друг јазик.
Доколку не би било така на иста сцена никогаш нема да се најде пејач од мала земја кој едвај има репертоар, нема ни свој концерт, публика која се брои на рака, зад ист микрофон со некоја европска легенда или да пример со победник на славното Сан ремо.
Затоа што не се иста категорија. Ни оддалеку.
Но таа ноќ ЕБУ бројчаникот го донесува до иста стартна позиција на сите и сите почнуваат од иста точка.
А националната телевизија на секоја земја, како носител на лиценцата за организирање на фестивалот, одлучува со која песна  ќе биде претставена нивната земја, но секако се оди на правилото пејачот да биде избран на културен и недискриминаторски начин, и зборовите во песната да немаат политичка конотација и да не содржат навреди.
За и имиџот и претставувањето на пејачите си одлучуваат самите екипи. Како на пример победничката Мари Ен во 2012 година пееше во машки костум како маж, а на последната Евровизија победникот Немо пееше облечен во розово фустанче.

Изразување не а чувства е дозволено, тоа е човеков право, а бидејќи Евровизија е фестивал кој подеднакво ги застапува сите човекови права, таквите песни ги уважува со полна рамноправност како и сите други. Твое право е дали ќе пееш за Љубовта, слободата, животот, другите вредности.
Но да повторам, да нема пеење за политика и насилство.
Денешната Евровизија е повеќе за млади генерации, треба да сфатиме и без да се потенцира.  Само тие можат да издржат толкав интензитет на светлосни и сценски ефекти и музика која ја отсликува нивната младост. На постарите генерации веќе им станува чудна и неприфатлива. Па и младите имаат свои фаворити кои сакаат да ги видат на таа сцена, сега е нивно време.
Тоа што се прикажува на сцената на ова шоу можеби за некого е иритантно, или премногу интензивно, но секако тоа се генерациите кои бројат над три или четири па и повеќе децении.
Но, изборот е тој, или го гледаш или го прескокнуваш, а доколку го гледаш имај на ум дека е искреиран од најврвните продуценти и мајстори за сцена, а она што го гледаме на сцена некогаш за обичен ефект во само неколку секунди изнесува по над 10.000 евра по ефект. А секоја песна трае по три минути. Па пресметајте колку чини само еден настап… Сместен во такво визуелно чудо.
Годинава победи Немо. Момчето се подготвувало од зимата и со посебен стручен сценски  тим. А се слушнаа и преубави песни како таа на Франција, Хрватска, Латвија, Словенија, Украина…впрочем доколку Немо годинава пееше за своите чувства на небинарна личност како што самиот се декларираше, Украинките пееја песна која содржи и црковна тематика – се молеа на Мајка Тереза, нашата родена скопјанка, и на Дева Марија. Па и тоа е човеково право, ако така се чувствувале.
Европа е спој на разни нации, вери, личности, желби, очекувања. А сите тие имаат исти права. Иако победи одличната песна и изведба, преку Немо беше да ги запознаеме и чувствата и визиите на небинарните личности. И тие во секојдневниот живот се исти како и сите други, но барем слушнавме како тие се чувствуваат во себе, и сме збогатени со нови сознанија за кревката човекова емотивна природа.

Сѐ е супер, само војните не чинат. Нив треба да ги нема. И сиромаштијата. А луѓето се секаде исти несовршено совршени и совршено несовршени. Со квалитети и слабости, секој свои и различни.

 

 

А нашата земја немаше учесник, така што оваа година не можеме да се самоанализираме или коментираме самите себе. И подобро. Додека не легне правта од минатите години…која, сѐ уште ни е во грлото и малку нѐ гуши и закашлува…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго
независен новинар и уредничка на КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.