Почетна ЖИВОТ Хуманост и семејни вредности „Дозволете уметноста да биде светло во нашиот борбен пат кон свет каде...

„Дозволете уметноста да биде светло во нашиот борбен пат кон свет каде секоја жена може да се чувствува сигурна, слободна и почитувана“

5 декември 2023

Семејното насилство не е семејна драма, насилството не е жанр. Тоа е аларм, тоа е повик на гласност. Жената која бара помош не го растура семејството. Напротив! Таа е жртвата”- рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешната панел дискусија „Насилството низ призмата на културата – гласно и болно, но борбено“, како дел од кампањата „Сложувалка“.
Темата на денешниот настан што се одржа во НУ „Завод и музеј“- Битола беше обид да се разбере во контекст на тоа како културните аспекти и норми можат да влијаат на распространетоста и прифаќањето на насилството во општеството.
Кампања која е во рамки на шеснаесетдневниот активизам за борба против насилството врз жената и семејното насилство е во организација на Министерство за труд и социјална политика, канцелариите на УНФПА во Република Северна Македонија и со поддршка на Британската амбасада. Истата има за цел да образува да ја подигне свеста и да ги поттикне луѓето да размислуваат и да дејствуваат против насилството од било кој вид.
Костадиновска- Стојчевска осврнувајќи се на модерното време и реалните проблеми со кои се соочуваме ја нагласи опасноста од дигиталното т.н. насилство „преку тастатурa” на кое веќе никој не е имун.
„Ова насилство преку тастатура, кое најнапред беше дефинирано како вознемирување, добива широки размери и станува светски проблем искачувајќи се високо на скалилото на насилство со тешки и трајни последици. Затоа и овој вид на насилство мора да се пријавува”- нагласи минстерката за култура.
Имено, фактот дека во овој свет секоја трета жена е жртва на некаков вид на насилство само зашто е жена е поразителен, а уметноста и културата се добри заштитници бидејќи не поттикнуваат да отвориме дијалог и да испратиме порака дека нема табу теми. Преку мултидисциплинарниот пристап, односно заедничко подигање на глас, пријавување од страна на жртвите и постапување од страна на одговорните ќе доведе до решение и суштинско владеење на правото. Тоа што за некого е само Законско решение, за некого значи прашање на живот, судбина – потенцираше министерката Костадиновска- Стојчевска.
Таа порача „Дозволете уметноста да биде светло во нашиот борбен пат кон свет каде секоја жена може да се чувствува сигурна, слободна и почитувана“ и додаде дека секогаш во фокусот на Министерството за култура е поддршката на жените и младите авторки. Ги охрабри да творат гласно, да творат самоуверено и да бидат заразно храбри, затоа што правото на создавање, на творење, на изразување е неприкосновено човеково право.
Покрај министерката за култура, на присутните ѝм се обратија и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, претставничката од УНФПА Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, директорката на манифестацијата „Охридско лето”, Наташа Поповиќ и Јасмина Атанасова, авторка на романот „Кога ќе стивне прашината“, посветен на борбите и предизвиците со кои се соочува жената во општеството.
Како завршница на настанот, од страна на сите говорници беше испратена пораката дека борбата против семејносто насилство и насилството врз жените не е само 16 дена, таа е постојана во текот на сите 365 дена од годината. Беше испратен апел до секоја една жртва која премолчува, конечно да стави крај на голготата и да го пријави насилството во полиција, во центрите за социјална работа или на бесплатните телефонски броеви кои се на располагање за таа намена.

metropolis-big