Вмрежувачки настан на Креативна Европа- Култура за 2024 година

37

Со дискусија посветена на „Европската димензија и одржливоста на европските престолнини на културата (ЕПК 2028)“ на 6 декември (среда) во Музејот на македонската борба за самостојност во 10:30 часот, започнува дводневниот Транснационалени вмрежувачки настан посветен на можностите на програмата „Креативна Европа“- потпрограма Култура.
Претставници од градот Скопје и францускиот град Руан кои се во фаза на назначување за Европски престолнини на културата (ЕПК) за 2028 година, се поканети да ги споделат искуствата на оваа тема. Истовремено, ќе биде промовиран проектот „CreArt“ кој партнерски го спроведуваат овие два града и придобивките од Програмата Креативна Европа (Култура) на Европската Унија, а со цел да се охрабрат организациите од културните и креативните сектори во нашата држава да земат активно учество во оваа програма на Европската Унија и да ја дадат својата поддршка во претставувањето на Скопје и Руан како европски престолини на културата во 2028 година.
Претставниците на Канцелариите на Креативна Европа (Култура) од Белгија, Германија, Словенија, Албанија, Црна Гора, Србија, Грузија и од С. Македонија, на работилниците на 6 и 7 декември, во Музејот на македонската борба и во Порта Македонија, ќе ги претстават можностите на Програмата „Креативна Европа Потпрограма Култура“ за 2024 година, како единствен инструмент на Европската Унија наменет за поддршка на европската културна соработка изразена преку културното творештво и обединување на различностите.
Професионалците ќе го претстават спектарот на можности за финансирање за 2024 година и ќе ги споделат искуствата и предизвиците поврзани со спроведувањето на Програмата во нивните матични земји. Посебно внимание ќе се посвети на тековниот повик за „Проекти за европска соработка“ за 2024 година, за кој ќе бидат споделени и совети за подготовка на успешни апликации со европска димензија.
Организирањето на овие работилници е во контекст на заложбите на Министерството за култура за олеснување на пристапот на што поголем број корисници од културните и креативните сектори во новата програма на Европската Унија.
Дводневниот транснационален настан е во организација на Министерството за култура и Канцеларијата за Креативна Европа (Култура), во соработка со партнерите и соработници: Градот Скопје (ЕПК 2028),Градот Руан, Франција (ЕПК 2028) и Канцелариите на Креативна Европа (Култура)од земјите членки на Европската Унија (Белгија, Германија, Словенија), земјите од Западен Балкан (Албанија, Црна Гора, Србија) и земјите од источното соседство на Европската Унија (Грузија).

Отворен e повикот за „Изведувачка Европа“ поддржан од Програмата „Креативна Европа“

Објавен e повикот за грантовата линија од Програмата „Креативна Европа“, потпрограма Култура на Европската Унија, насловена „Изведувачка Европа“ („Perform Europе“).
Станува збор за грантова линија која е наменета за соработка во областа на изведувачките уметности во 40-те земји учеснички во програмата „Креативна Европа“, меѓу кои е и С. Македонија.
За повикот се одвоени средства во висина од 2,1 милиони евра, за поддршка на 35 партнерства, а во проектите да учествуваат минимум тројца партнери од минимум три земји од Креативна Европа. Секоја проект апликација да вклучуваа најмалку едно дело од областа на изведувачките уметности (со исклучок на музика во живо) што треба да биде претставено во минимум на три различни земји од програмата „Креативна Европа“.
Организациите и индивидуалците од областа на изведувачки уметности се повикани да креираат партнерства и да предложат влијателни идеи кои ќе генерираат вистински промени, фокусирајќи се барем на еден од наведените приоритети на овој повик: инклузивност и различност, како и борба против климатските промени.
Кандидатите можат да аплицираат за грантови во поделени во три категории и тоа: Мали партнерски проекти (до 12 илјади евра), проекти со средно партнерство (до 32 илјади евра), големи партнерски проекти (до 60 илјади евра).
Краен рок за доставување на апликациите на овој повик на кој можат да учествуваат и македонските оператори, е 31 март 2024 година, 23:59 часот преку веб-страната на Perform Europе https://performeurope.eu/.

Партнерите апликантите може да ги најдат преку алатката за барање на партнери на веб страницата на Perform Europe https://performeurope.eu/login/.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.