Ретро медиуми- Кога за децата светот имаше осум страни

3637

Ретро продукција за деца, серија „Светот има осум страни“

Осврт на М-р Татјана Гогоска

„Од небо ко да е слезено, од капка роса испарено, со цут и мирис навезено и на дете подарено. Тоа перниче од ѕвезди, нани нани како ѕвон, ветре пролетно што езди, и окце на царот свој. Дремката е чудна вода, низ камчиња што се мазни, едро е од седум рода, шепот од чудни сказни. Нани мило, нани нани, светот има осум страни, четири од нив се светски, но четири само детски. Тоа перниче од ѕвезди, нани нани како ѕвон, ветре пролетно што езди, и окце на царот свој. Нани мило, нани нани, светот има осум страни, четири од нив се светски, но четири само детски. Четири од нив се светски, но четири само детски.„

Потсетувањето на оваа прекрасна најавна песна од серијата „Светот има осум страни„ која ја пееше Марија Арсовска, во продукција на  Програмата за деца и млади на Македонската Телевизија 2002-тата година, е само потсетување на времето кога во се, па и во Програмата наменета за деца навистина Светот имаше осум страни.

Приказните по сценарио на Велко Неделковски, со прекрасната артистичка екипа, под режисерската палка на Томче Стојков на децата им нудеше игра, забава и едукација и ги потсетуваше за бесконечните можности на животот, игрите и учењето.

Поминаа безмалку 20 години од нејзината продукција, период кога после 2005-тата година едноставно ја снема продукцијата за деца во МТВ а поединечните обиди за да се направи нешто завршуваа недопрени до најважната и најбројната публика-децата.

Да се допре до детското срце, ум, да ги натерате да ве следат, да се идентификуваат со ликовите, да растат со песна и игра е многу одговорно и тешко, но е и најубавиот предизвик во рамки на продукциското работење посветено на децата.

„Кога решивме со авторот на сценариото Велко Неделковски да направиме ваква серија, првата мисла беше да направиме едноставни приказни, не многу скапи, со текст на најавната шпица, кој ќе допре до децата а го напиша авторот на сценариото со прекрасната музика и аранжман на Миодраг Божиновски и сето тоа во лесната сценографија на Студио 3 на МТВ, да го спакува режисерот Томче Стојков и на децата да им понудиме свежина во телевизискиот израз. Тоа веќе беше времето кога се насетуваше дека децата и младите ќе останат на маргините на телевизиската продукција, но не ни сонувавме дека ќе ја снема“-така би го опишала овој проект од дистанца на 20 години како идеен творец и уредник на истиот.

Инаку шпицата на серијата „Светот има осум страни “ на Балканскиот Фестивал за серии и филмови за деца „Златна Амфора„ во Несебар-Бугарија 2002-ра година, доби награда за најдобар аудио и видео израз.

Но, како за се така и во оваа сфера, само убави сеќавања и радост дека и овие сегашни генерации со радост ги гледаат и слушаат овие епизоди и ја знаат песната „Светот има осум страни“- Нани мило, нани нани, светот има осум страни, четири од нив се светски, но четири само детски. Четири од нив се светски, но четири само детски.„…. Така треба да биде !

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.