11.10.2024
Јапонската организација Нихон Хиданкио, основана од преживеани од Хирошима и Нагасаки , која оттогаш води кампања за нуклеарно разоружување ја доби Нобеловата награда за мир за 2024 година.
Организацијата е одликувана за нејзината посветеност на свет без нуклеарно оружје, како што соопшти норвешкиот Нобелов комитет во Осло.
Јорген Ватне Фриднес, претседател на Норвешкиот Нобелов комитет изјави дека табуто за употреба на нуклеарно оружје е под притисок. Според него, Нобеловиот комитет сака „да им оддаде почит на сите преживеани кои, и покрај физичкото страдање и болните спомени, избраа да ги искористат своите скапи искуства за да негуваат надеж и посветеност за мир”.
Организацијата Нихон Хиданкио е основана од преживеаните од американските атомски бомбардирања врз Хирошима и Нагасаки. Во Јапонија се нарекуваат и хибакуша. Се проценува дека повеќе од 200.000 луѓе загинале директно за време или како резултат на атомските бомби на 6-ти и 9-ти август 1945 година.
Претседавачот на Нихон Хиданкио, Тошиуки Мимаки, кој се наоѓал во Градското собрание на Хирошима за време на објавата, со солзи во очите ја примил оваа вест. Нобеловата награда за мир е дотирана со единаесет милиони шведски круни (околу 967.000 евра).
Оваа година беа номинирани 286 кандидати, од кои 197 личности и 89 организации. Тоа беше значително помалку од претходните години.
Нобеловата награда за мир се смета за најважната светска награда за достигнувања во разоружувањето, зачувувањето на мирот и човековите права.
Меѓу познатите добитници на Нобеловата награда за мир беа Нелсон Мандела (1993), Вили Брант (1971), Мајка Тереза (1979) и Алберт Швајцер (1952).
Сите Нобелови награди традиционално се доделуваат на годишнината од смртта на Алфред Нобел на 10 декември – Нобеловата награда за мир е единствената која не се доделува во Стокхолм, туку во Осло.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.