Старецот, ја живееше последната година од животот, откако дојде да го поминува времето во новиот дом. Беше опкружен со грижа и нега, која му беше потребна во тие поодминати години, на крајот од деветтата деценија. Секое утро кога ќе ги отвораше очите, ќе ја свртеше главата на левата страна, од каде се гледаа гранките кои допираа до неговиот прозорец а на кои секое утро стоеше една мала птица, која го чекаше да се разбуди. Таа, одеше налево – надесно по гранката, ќе го колвнеше стаклото на прозорецот, чиниш поздрав му праќа и ќе летнеше. Старецот, ја гледаше играта на малата птица и несвесно му се извлекуваше мала насмевка, која ја чуваше само за овој утрински миг.
На кратко ќе ги затвореше очите, кои сеуште му беа светлозелени и сјајни. Од нив никогаш не исчезна тагата, која беше огледало на неговата тажна душа, иако сите велеа дека е насмеан и весел човек. И, пред се многу добар. Сега, се предаваше на миговите кога си беше сам со себе, затоа што веднаш потоа почнуваше утринскиот и дневен ритуал, кој се повеќе го измачуваше.
Некогаш, ги прифаќаше разговорите во дневната соба после појадокот и се радуваше ако можеше да сподели некој свој став, своја радост, болка или размислување. Попладнињата ги минуваше сам со себе, во аголот на својата соба, каде имаше голема библиотека и удобна фотелја. Сакаше да чита, иако често му се случуваше додека чита да размислува за минатото или да заспие во лесен сликовит сон.
…..Стрмното сокаче не му беше пречка. Трчаше со сета сила откако слушна дека партизаните се вратиле во селото. Војната беше завршена. Секој миг нестрпливо мислеше и го оживуваше татко му, кога дојде дома и прислушкуваше како зборува со мајка му
-Зошто се врати од Романија?
-Да одам во војна. Да се борам за Македонија. Да бидме слободни и свои- и зборуваше со неговиот убав глас.
-Ќе те убијат. Ќе загинеш. Јас со три деца, како ќе поминувам?
– Нема да загинам, а и да загинем, немој да ме жалиш. Ќе умрам за слобода. Вие ќе бидете слободни- тивко зборуваше
Кога утредента излегоа да го испратат, силно го гушна и му рече:
-Ти си најстар, грижи се за сите додека се вратам.
-Ќе се вратиш нели?- со насолзени очи го прашуваше.
-Ќе се вратам, ама дотогаш, ти кажав. Го гушна уште еднаш и замина.
Сега додека трчаше кон малиот плоштад си велеше – Ќе дојде, жив е. Ми вети.
Трчањето му го сопре гласот на неговиот другар, кој го држеше за рака својот татко, сеуште облечен во партизанска униформа и му рече
-Не трчај! Татко ти нема да дојде, го убиле, го стрелале Бугарите.
Нозете како олово, да му станаа. Запре, клекна и заплака силно, покривајќи го лицето со двете раце. Таткото на другарот го зеде за рака, го крена и му рече:
-Загина, ама како херој. Тука во срцето чувај го и тој ќе живее.
Старецот ги отвори очите и сфати дека повторно го сонува својот сон а солзата, таа најболната, му се тркалаше низ лицето. Се напи вода и продолжи да чита од книгата, која тиеденови, му ја донесе ќерка му, “Јанѕа и рана – записи во несоница’ од Ефтим Клетников. Кога му ја подаде, рече:
-Татко, јанѕата одамна што те јадеше, стана стварност. Каде имам несоници од друго, сега секоја ноќ, ја поминувам мислејќи за предавството. Колку луѓе изгинаа за Македонија, сега потпишаа капитулација без војна. Страшно татко.
-Знаев, чуствував во душата, дека ќе не стигне предавство. Ти беше мала кога крајот на 60-тите на сите им велев, дека за 50-тина години, ќе почнат се што имаме тогаш, да ни го земаат. А, сонувавме за повеќе.
– Рана голема – промрмори старецот, додека вртеше кон следната страница.
Истата вечер, додека гледаше телевизија во дневната соба, беше многу вознемирен. Не сакаше да ги слуша вестите, за она што се случува и длабоко во себе патеше. Се трудеше да мисли на убавите години во животот, на растењето на децата, посебно на внуците, на сопругата, пријателите, патувањата… Имаше исполнет, професионално успешен, семејно стабилен живот. Но, и покрај сите убави мисли што ги тераше да дојдат, беше вознемирен. Побара, да го вратат во неговата соба и таа вечер не седна на фотелјата, туку веднаш легна.
Се слушаше тивкото роморење на дождот, кое го смири и повторно го обзеде лесна дремка.
-Немој да одиш од таа страна. Водата е надојдена а мосотот е стар -му зборуваше човекот од селото, кое беше едно од оние кои ги посетуваа тие денови.
Како одговорен од Заводот за вработување , со група луѓе одеа да бараат мажи кои сакаат да одат да работат во Германија, Чехословачка и Австрија . Беше сиромаштија. Само 20-тина години по војната и покрај сите напори, луѓето во селата тешко живееја.
Не го послуша човекот. Мислеше дека може да пројде, ама една даска се скрши и тој се најде во надојдената студена вода. Беше добар пливач, успеа да се фати за еден столб, додека колегите го обиколија, за да дојдат да го спасат. Го фати страв, но и пркос. Се држеше цврсто а низ буката на водата го слушна гласот на татко му
-Држи се цврсто. Фати се и со другата рака.
-Немам каде.
-Имаш, Еве ме, види ја раката.
Погледна нагоре и го виде лицето на татко му. Му ја подаваше раката и го фати. Тогаш се онесвести. Кога ги отвори очите, беше дома со загрижените погледи на соругата и двете мали ќерки . Воздивна, ги гушна и замолче.
Не можеше да се сети што се случи. Како стигна дома? Жена му загрижено го погали и му рече
-Сега спи, утре се ќе ти кажеме. Важно да си жив и здрав. – што и да се случуваше, нејзе и беше само тоа важно.
Долго молчеше со затворени очи и мислеше. Не знаеше дали да каже, на што се сеќава. Да каже, дека татко му го спаси.
Звукот на вратата што се отвори и вревата од ходникот, му навестија, дека тоа е еден од оние денови кога ги носеа на прошетка во градината. Со тивок, насмеан глас негувателката му помогна да се среди и го смести во количката, без која веќе не можеше да се движи. Затоа и побара да го сместат во домот. Градината од задната страна на зградата, беше средена и кога беше убаво времето, често ги изнесуваа надвор. Сакаше да седи сам, колку и да му дозволеа. Дишеше со полни гради и го чуствуваше воздухот, како животен здив. Ја сакаше природата и песната на птиците. Ја бараше малата птица, но таа не беше тука. Затоа, гледаше други и ја слушаше нивната песна. Често и некоја верверичка ќе му се приближеше. Кога отиде во пензија, беше активен пензионер, но си купи земјиште, каде изгради мала куќичка и откри дека земјоделието, му ги прави исполнети деновите. Неговиот зеленчук беше највкусен, неговите кајсии, сливи, грозје ,мушмули, тикви, секогаш беа со најголем род. Најмногу се радуваше дека родиле многу, затоа што уживаше да дава на сите. Им носеше сам, се радуваше кога дава, таа прекрасна човечка душа.
Попладневното сонце го галеше, препуштен на мислите беше спокоен. Небаре чувствуваше дека оваа прошетка во градината, му е последна.
Следното утро, осамна тмурно. Старецот тешко ги отвори очите. Сакаше да ја види малата птица. Кога го сврте погледот кон прозорецот, птицата ја немаше. Се вознемири и малку се исправи. Гледаше лево – десно низ гранките, ама ја немаше. Легна, ги затвори очите и солза му се стркала од десното око. Таа беше онаа што, секогаш најмногу го болеше. Каде отиде? Да не е болна? Да не паднала? И поставуваше прашања и на жената што се грижеше за него. Таа, само со љубов го гледаше и не знаеше што да му каже. Дента не отиде во дневната соба, туку седна на фотелјата и по некое време задрема. Во сонот ја виде, како нежно му го колвна лицето и му шепна – Скоро ќе бидеме пак заедно – и одлета.
Ги отвори очите. Знаеше што му кажа малата птица. Побара да се напие вода и кафе. Ја зеде, по којзнае кој пат во рака, книгата “Делбите на Македонија “, што долго ја имаше кај себе и побара да е сам. Книгата ја купи 70-тите години, само што излезе од печат, кога беше професор по Историја. Тоа беше многу одамна и криеше од сите. Често велеше “Ако покажуваш дека си ја сакаш Македонија, веднаш си им трн во око“. Многу редови беа поцртани и една страница подвиткана. На неа, во еден дел, кој беше поцртан со црвено пишуваше: …..Македонскиот народ и останатите народности во Македонија, во периодот од 1912 до 1944 година, беа само објект за поробување, денационализација, асимилација и физичко уништување, што ги спроведуваа Балканските буржоазии во Македонија……“ Исто е и сега или уште полошо “ – прошепоти а солзата се стркала полека, галејќи му го образот на старецот, чија чиста македонска душа, беше преполна со тага.
Попладнето одминуваше а тој тивко, како што беше и самиот, тивок и кроток , го издиша последниот овоземски здив, сам.
Приквечерината, кога негувателката дојде да го однесе на вечера, го најде во фотелјата со книгата во скут. Неговото лице беше спокојно, со неговата препознатлива блага насмевка.
Старецот си замина.
Додека утредента, ги средуваа неговите работи , ќерка му најде една тетратка испишана од прва до последна страница. Тагата и го распоруваше срцето, препознавајќи го неговиот совршен ракопис. Ја вртеше, сакајќи да открие, што пишувал татко ѝ. Никогаш немаше забележано дека нешто запишува, ни додека живееше со неа. На страниците имаше безброј мисли, настани и искажани болки, по хронологија и датум на случувања. Тоа беше тој. Беспрекорно педантен, во се што работеше. Почнал да пишува во 2018-тата година. Забележал: “Македонските понижувања и страдања не запираат“, “Непријателите потпишаа капитулација, без војна“, “За нас Македонците со големо, обвиткано со срце М, нема живот, ни во сопствената држава“. “Крвта ни е македонска“, “Душата ни е македонска“, “Државата ќе ни ја земат“, “Ќе го завршат уништувањето и ќе не расселат“, “ Ќе бидеме народ без држава“. “Јазикот ќе ни го земат“……
И дојде мисла: Toj, беше добар човек, посветен сопруг, татко каков што само најсреќните го имаат, пожртвуван другар, професионалец на кој многумина капа му симнуваа, добитник на многу признанија, но најмногу од се беше “Македонец, син на мајка Македонија “, како што често велеше.
Во мигот, без да почувствува од нејзиното десно око, се стркала голема солза, онаа што ја гледаше кај татка си, кога зборуваше за нештата што многу го болат. Погледна кон прозорецот и ја виде малата птица, како го колвка стаклото, небаре ја поздравуваше и утеха и даваше. А утеха во срцето наоѓаше, затоа што имаше љубов, која бескрајно ја грееше.
Татјана Гогоска
П.С. Расказот е посветен на мојот татко, кој замина од овој свет пред 23 години. Да беше сеуште меѓу нас, на 31 август 2025 година ќе наполнеше 90 години. Постојано се прашувам, каков старец ќе беше? Посакав барем за миг, да го оживеам низ напишаниов расказ, во себе, во мислите , во душата. Дали успеав не знам, но јас денеска го славам денот на неговото раѓање (31.08.1935-25.07.2002) -Алипије Гогоски
Фотографијата е генерирана од ChatGPT
































